Градоначалничката Данела Арсовска вели дека од ВМРО-ДПМНЕ, чии кадри се во Управниот и Надзорниот одбор на Јавното претпријатие (ЈП) „Комунална хигиена“, се виновни за тоа што Скопје е затрупано во ѓубре. Арсовска вели дека виновни се и Советот на Град Скопје и поранешниот претседател на Советот, а сега гувернер на Народна банка Трајко Славески, зашто изминативе 4 години не го разрешиле Управниот и Надзорниот одбор иако ги блокирале сите барање за набавка на нови возила.
„Функционирањето на секој директор се базира врз одлуките донесени од Управниот одбор на ВМРО/ВЛЕН (Вреди) и тој може единствено да спроведува тоа што тие ќе изгласаат. Кој директор и да е поставен е блокиран и зависен од нивните одлуки. Ниту еднаш Советот на град Скопје на ВМРО/ВЛЕН не презема мерки за да се обезбедат услови за непречено работење на ‘Комунална хигиена’ (КХС) како што упатува Законот, да го разреши Управниот и Надзорниот одбор на КХС како што упатува Законот, да ја промени организацијата на КХС како што упатува Законот. По логиката на ВМРО и нивните послушници, утре би требало со полиција да упаднат во НБРМ и да има покренување на кривична постапка за Трајко Славевски за непреземање ниту една мерка по Закон“, вели Арсовска.
- СКОПСКИТЕ ГРАДОНАЧАЛНИЦИ ЌЕ БАРААТ КАМИОНИ ОД ДРУГИ ГРАДОВИ ЗА СОБИРАЊЕ НА ЃУБРЕТО
- РАСИПАНИ СЕ КАМИОНИТЕ НА СКОПСКА „КОМУНАЛНА ХИГИЕНА“, НЕМА НИ РЕЗЕРВНИ ДЕЛОВИ, КАЖА СИНДИКАТОТ И НАЈАВИ КРИВИЧНИ ПРИЈАВИ ЗА РАКОВОДСТВОТО
-
Арсовска вели дека Управниот одбор кој управува со „Комунална хигиена“ 4 години, е составен од членови на ВМРО-ДПМНЕ и „Вреди“ и е избран од Советот на Град Скопје од ВМРО-ДПМНЕ и „Вреди“.
„Претседателката на Управен одбор на КХС и осудена криминалка за 2 кривични дела од Судот и е наградена за тоа што градот тоне во ѓубре со советничко место од ВМРО во Општина Бутел. Одлуките за Оперативен план за работа и за вработување во КХС ги носи Советот на Град Скопје, а најголем број на одлуки намерно не ги гласаа за да предизвикаат хаос“, додава Арсовска.
Ѓубрето во Скопје шести ден не се собира од „Комунална хигиена“ бидејќи камионите им се расипани и немаат резервни делови. Скопските градоначалници со изнајмени камиони го чистат ѓубрето, но тоа не е доволно за да се интервенира секаде и навремено.
Основното јавно обвинителство Скопје на 21 октомври издаде наредби до Министерството за внатрешни работи и до други надлежни органи за итно постапување и проверки во однос на работењето на „Комунална хигиена“.
Директорот на „Комунална хигиена“ Сабахудин Рустеми не се појави во јавност ниту одговара на телефонски повици на медиумите за да каже зошто не се собира ѓубрето.
Владата на 21 октомври ги задолжи Државниот комунален инспекторат, Државниот инспекторат за животна средина, Државниот санитарен и здравствен инспекторат и Институтот за јавно здравје, во соработка со МВР, во рамките на своите законски надлежности да пристапи кон утврдување на состојбата со комунален отпад и да превземе соодветни мерки и активности. Денес одржан е координативен состанок помеѓу споменатите институции и добиени се насоки, секоја институција да одговори согласно надлежностите.
Од Институтот за јавно здравје е побарано да достави експертско мислење за тоа какво влијание може да има отпадот врз јавното здравје, како и епидемиолошки мерки врз база на доставени записници од инспекторат, каде е констатирана фактичка состојба.
„Стручни лица од ИЈЗ, до петок ќе го разгледаат доставениот материјал и ќе дадат соодветно мислење“, велат од Институтот за јавно здравје.
А. АНТЕВСКА