Во првите шест месеци од 2025 година, на патниот правец од Скопје до Охрид се случиле вкупно 124 сообраќајни несреќи, во кои загинале 7 лица, а 155 биле повредени. Од повредените, 27 добиле тешки телесни повреди, додека 121 поминале со полесни, покажуваат податоците на Министерството за внатрешни работи (МВР).
Овие податоци доаѓаат во период кога туристичката сезона е веќе започната и во наредниот период се очекува зголемена фреквенција на возила на овој патен правец.
Изградбата на автопатот Кичево-Охрид, долг 54 километри, започна на 22 февруари 2014 и трае веќе 11 години. Проектот, кој се финансира со кредит од кинеската „Ексим“ банка, со сите досегашни анекс-договори ја надмина сумата од 600 милиони евра.
Првичниот рок, ветен од тогашната влада на ВМРО-ДПМНЕ, беше 2018 година. По промената на власта во 2017, новата влада предводена од СДСМ констатираше дека проектот има сериозни пропусти, што доведе до препроектирање и потпишување на анекс-договор вреден дополнителни 185 милиони евра.
Најнов краен рок за завршување на изградбата е 31 декември годинава. Како причина за новото одложување се наведени 13 нови свлечишта на трасата, кои произлегле од, како што беше образложено од Владата, несоодветен првичен проект.
Во меѓувреме, започнаа активностите и на други делници од Коридорот 8. На 3 мај 2025, компанијата „Бехтел и Енка“ почна со изградба на првата делница од автопатот Тетово-Гостивар. Според најавите на директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Коце Трајановски, оваа делница од 17,5 километри, вредна 90 милиони евра, треба да биде завршена за две години. Истата компанија ќе го гради и автопатот Гостивар-Кичево, во должина од 30 километри.
Поради лошата состојба на патот и долгогодишната изградба, српските, но и дел од домашните туристи, почнаа да ја избегнуваат делницата преку Кичево и за да стигнат до Охрид патуваат по подолгиот пат, преку Битола.
„Често доаѓаме во Охрид пред да одиме во Грција. Претходните години доаѓавме преку Скопје и Кичево, а сега почнавме да го избегнуваме тој пат кој е многу лош. Оваа година дојдовме преку Битола, на препорака на пријатели. Ни рекоа дека патот е многу подобар и драго ми е што ги послушавме“, кажа туристка од Ниш.