По тримесечна истрага, Обвинителството поднесе обвинение за тешки дела против општата сигурност“ против 34 физички и три правни лица за катастрофалниот пожар во трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во која животот го загубија 62 лица, над 150 беа со тешки повреди и 50-ина со повреди.
Меѓу загинатите имаше и 6 деца.
За 11 лица е запрена постапката, бидејќи засега нема доволно докази. Меѓу нив се ексминистрите за економија Дритон Кучи и Беким Незири. Во обвинението остануваат ексминистрите за економија Ваљон Сарачини и Крешник Бектеши.
За пејачот Владимир Блажев-Панчо од „ДНК“ има прекин на истрагата додека е на лекување, како и за управителот на фирмата кој почина во болница.
Првообвинетиот, газда на импровизираната дискотека, во 2012 година и во 2024 година, преземал градежни дејствија со кои извршил реконструкција на објектот и пренамена, без стручен надзор. Градел со несоодветен и леснозапаллив материјал, вградил сунѓер. Во објектот не бил испочитуван ниту еден пропис за вградените материјали, бројот на излезите за евакуација, бројот на пп апарати, паркинг места. Иако знаел дека објектот нема дозвола, обвинетиот дозволил негова реконструкција.
Истрагата против реалниот газда е во тек и не е дел од обвинението.
„Обвинет е и братот на газдата на „Пулс“ кој ги продавал билетите. Тој во договор со првообвинетиот, брат му, дозволил во континуитет да работи локалот без законски пропишаните услови за заштита, продавал поголем број на влезници одошто е пропишано за таа квадратура, со што овозможувал влез на поголем број на посетители од дозволениот број. Дозволувал да влезат гости помали од 18 години иако бил свесен дека објектот не исполнува никакви безбедносни услови за заштита од пожари и знаел за незаконските дејствија на реконструкцијата“, рече државниот обвинител Љупчо Коцевски на денешната прес-конференција.
Обвинети се и три правни лица.
Натаму, обвинета е и сопственичка на фирма од Кочани, архитектка, која фалсификувала проектна документација за газдата да добие лиценца за работа, како и тројца самостојни градежни инспектори кои не извршиле инспекциски надзор по службена должност за утврдување на состојбата, не наредиле отстранување на неправилностите и не го задолжиле сопственикот да го врати објектот во првобитна состојба – магацин.
Обвинети се тројца градоначалници, двајцата поранешни Ратко Димитровски и Николчо Илијев, како и Љупчо Папазов кој беше на функција до трагедијата, по што под притисок на јавноста си даде оствка. Тие никогаш не ги известиле МВР и Министерството за економија дека објектот „Пулс“ работи со неправилности и не ги исполнува условите за работа. Тие воопшто не наредиле ни надзор и контрола, а примале 2.000 евра на општинската сметка како уплата.
Меѓу обвинетите се и управителот на агенцијата за обезбедување и четири припадници на обезбедувањето, зашто дозволиле во објектот да влезат малолетни лица и зашто не спречиле да биде внесена непријавената пиротехниката од страна на групата „ДНК“.
Обвинети се и директорите на Дирекцијата за заштита и спасување, како и генералниот инспектор кој бил раководител на инспекциската служба на ДЗС, се гонат дека, иако биле свесни дека може да настапи штетна последица со нивно оти не организирале надзор, не постапиле и во целиот период не делегирале инспектор за заштита и спасување во Кочани. Никогаш не бил испланиран и спроведен инспекциски надзор врз ниту еден објект на територија на државата. Овозможиле Пулс да работи како кабаре, иако не ги исполнувал условите.
Пет државни службеници од Министерството за економија се обвинети покрај двајцата поранешни министри, како и генерален секретар оттаму.
„Во континуитет издавале лиценци. Објектот спаѓал во категорија диско клуб, а не ги исполнувал условите. Имало нецелосна документација, а обвинетите не иницирале вонреден инспекциски надзор за проверка на условите. Детално е наведено кај секоја од лиценците што недостасува, поединечно. Се обезбедија докази и за државен службеник кој ги изготвувал лиценците, а за себе барал и обезбедувал подарок. Тој побарал и добил 12.000 денари парична награда, кои биле исплатени на банкарска сметка. Во 2024 година за поголема имотна корист за 226.000 денари му изработил две лажни лиценци, а на кои своерачно се потпишал со потписот на обвинетата државна секретарка“, рече Коцевски.
Опфатени се и четири службени лица, инспектори од ДПИ.
Како резултат на севкупноста на пропустите, на усно договорен настап, без формален договор, заради сценските ефекти, била договорена употреба на пиротехнички средства. Пропуштани биле и деца во клубот. Обвинетите го утврдија потеклото, начинот на влез, поставување и активирање на пиротехниката, на три базни уреди со телескопска антена кои се активирале истовремено. Пиротехниката била набавена без одоборение, а за пиротехниката обвинет е и синот на сопственикот.
Пиротехниката била употребена во небезбедни услови. Фонтаните исфрлале искри кон кровот. Пожарот се проширил по плафонот, а потоа и по целиот објект. Вградените материјали не биле противпожарно заштитени. Меѓу присутните имало панично бегање преку единствениот излез за евакуација кој не бил безбеден, бидејќи имало двокрилна врата која била пречка за движење. Надворешната врата немала систем за кочење. Настанало масовно паѓање на посетителите, излезот бил попречен…
С. К. ДЕЛЕВСКА