Тројца работници се затрупани утрово при ископ на темели на градилиште во Скопје во општината Кисела Вода, соопшти Министерството за внатрешни работи (МВР). Тројцата се спасени и се донесени на Ургентниот центар, едниот е со скршеници, другите двајца се со полесни повреди, ни изјави директорот на Клиниката за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација и интензивно лекување и Ургентен центар (ТОАРИЛУЦ), д-р Игор Мерџаноски.
„Денеска (24.04.2026) во 08:17 часот во СВР Скопје е пријавено дека на градилиште на улицата Козјак во Скопје, при ископ на темели со земја биле затрупани тројца работници. Од нив, двајца се извадени и со возило на Итна медицинска помош се пренесени во Комплекс клиники ‘Мајка Тереза’, а во координација со Центарот за управување со кризи (ЦУК) и Бригадата за противпожарна заштита се преземаат мерки за вадење и на третото лице“, соопшти МВР кога се случи несреќата.
Б. НЕСТОРОСКА



