ЗАВРШУВА ИСТРАГАТА ЗА ЛЕКАРИТЕ-МРТВОПРОВЕРИТЕЛИ КОИ КОНСТАТИРАЛЕ ПРИРОДНА СМРТ И МУ ОВОЗМОЖИЛЕ НА СЕРИСКИОТ УБИЕЦ ОД СТАРО НАГОРИЧАНЕ НЕПРЕЧЕНО ДА УДАВИ ЧЕТИРИ ЖЕНИ ВО КУМАНОВСКО

    ЗАВРШУВА ИСТРАГАТА ЗА ЛЕКАРИТЕ-МРТВОПРОВЕРИТЕЛИ КОИ КОНСТАТИРАЛЕ ПРИРОДНА СМРТ И МУ ОВОЗМОЖИЛЕ НА СЕРИСКИОТ УБИЕЦ ОД СТАРО НАГОРИЧАНЕ НЕПРЕЧЕНО ДА УДАВИ ЧЕТИРИ ЖЕНИ ВО КУМАНОВСКОДвајцата обвинети мртвопроверители по пријавувањето на смртта кај жените, само констатирале „природна смрт“, поради што обвинители воопшто не доаѓале да извршат увид, а полицијата им верувала бидејќи се лекари. (Фото: СДК.МК)

    Истрагата против двајцата мртвопроверители од Куманово, кои за сите жртви на серискиот убиец Трајко Бојковски (25) од Старо Нагоричане, пишувале „починати од природна смрт“ и кои не виделе свирепи убиства и некрофилски злоставувања на мртвите тела по убиствата, финишира во Скопје.

    Ако лекарите уште при првиот случај утврделе дека станува збор за насилна смрт, 25-годишниот Бојковски од Старо Нагоричане можеби ќе бил навреме откриен, уапсен и осуден, со што би се спречиле следните пет напади.

    Овој предмет беше префрлен од Куманово во ОЈО Скопје, затоа што Кумановското обвинителство истражува други случаи или застапува обвиненија каде што овие двајца лекари постапувале во минатиот период.

    Полицијата кривичната пријава против нив ја поднесе на 13 мај 2026 година. Кај полицајците кои доаѓале на увид кај починатите жени не е најдена одговорност, бидејќи тие им верувале на лекарите кои тврделе оти нема сомненија за насилна смрт.

    Поради тврдењето на двајцата осомничени дека кај жените настапила природна, а не насилна смрт, обвинителите па воопшто не доаѓале на увид, а 25-годишниот овчар си убивал и силувал беспомошни жени на раат.

    „Истрагата против двајцата пријавени лекари е при крај. Побарани се дополнително уште неколку документи во врска со нивното излегување на терен по пријава за смрт, по што ќе следува јавнообвинителска одлука од страна на ОЈО Скопје“, ни рекоа денеска од Јавното обвинителство.

    Бојковски во октомври во Основниот суд Куманово беше осуден на доживотна казна затвор за свирепи убиства на четири жени и за уште два обида за убиство на постари, сами и немоќни жени во кумановскиот крај.

    Според Кумановските обвинителство и суд, најсилниот од сите мотиви за убиствата бил мотивот некрофилија, задоволување страсти кон мртви тела.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира