Земјоделецот да стане менаџер на сопствената фарма веќе не е привилегија само на големите земјоделски стопанства. И малите семејни производители можат дигитално да го следат и планираат производството, да ги контролираат приходите и трошоците, да пресметуваат колкави количества семенски материјал, ѓубрива и пестициди им се потребни, да изработуваат бизнис-планови и навреме да добиваат информации за програмите за финансиска поддршка. Сето тоа преку мобилен телефон, со помош на „агримак“, првата и единствена македонска апликација за дигитално управување со агробизниси развиена од истоимената компанија.
Апликацијата ја разви тимот иноватори од Битола Андреа Соколовски, биотехнолог и агроконсултант, и Петар Михајловски, информатичар, заедно со агрономот Ана Велјановска-Трајчески од Ресен. Нивната долгогодишна идеја прерасна во дигитално решение со финансиска поддршка од Германското друштво за меѓународна соработка-ГИЗ.
„За нас е особено важно што преку ваква поддршка се отворија можности за развој на иновативни решенија што можат да придонесат за модернизација на земјоделството. Сакавме да создадеме решение што ќе има практична вредност, дигитален асистент кој ќе биде со земјоделците во секојдневната работа, а не само технолошки производ“, велат иноваторите.
Апликацијата е на македонски јазик, едноставна е за користење и содржи повеќе услуги. Им овозможува на земјоделците електронски да ги евидентираат приходите, трошоците и активностите на фармата, наместо податоците да ги запишуваат рачно. Врз основа на внесените информации, можат да генерираат извештаи на дневно, неделно, месечно и годишно ниво, по култура или парцела, и полесно да го следат финансискиот резултат од производството.

Апликацијата е на македонски јазик, едноставна е за користење и содржи повеќе услуги. Им овозможува на земјоделците електронски да ги евидентираат приходите, трошоците и активностите на фармата, наместо податоците да ги запишуваат рачно. (Фото: СДК.МК)
Досега, сеидбата и ѓубрењето најчесто се вршат според слободна процена и претходно искуство, а преку „агримак“ земјоделците можат да користат агрокалкулатор кој ќе им каже точно колку семенски материјал, пестициди и ѓубрива да користат на одредена површина. Наместо да се потпираат само на проценки и искуство, земјоделците добиваат дополнителна алатка за попрецизно планирање на вложувањата.
„На овој начин земјоделецот носи помудри и поиздржани одлуки врз основа на факти. Со апликацијата може да ги намали трошоците таму каде што е потребно и да ги зголеми приносите“, велат Соколовски и Михајловски.
„Агримак“ им помага на земјоделците да не ги пропуштаат можностите за финансиска поддршка. Бидејќи најголем дел од времето го поминуваат во производство, често немаат можност редовно да ги следат јавните повици, условите за аплицирање и роковите за пријавување. Преку апликацијата, на едно место добиваат редовни информации и известувања за активните програми и мерки за поддршка.
Дополнително, можат да изработуваат бизнис-планови со помош на вештачка интелигенција, кои потоа можат да ги користат при аплицирање за ИПАРД и други програми за земјоделство и рурален развој. За корисниците е достапен и чет за онлајн корисничка и консултантска поддршка.

Долгогодишната идеја прерасна во дигитално решение со финансиска поддршка од Германското друштво за меѓународна соработка-ГИЗ. (Фото: Приватна архива)
„Не очекуваме земјоделецот да биде информатичар. Тој треба само да знае да користи паметен телефон, а ние ќе се погрижиме останатото да биде едноставно. Мислам дека тука е клучот на секоја успешна дигитална трансформација – технологијата да се приспособи кон човекот, а не обратно“, вели Соколовски.
Во моментов, околу 290 земјоделски стопанства во земјава ја имаат инсталирано апликацијата, додека 850 земјоделци бесплатно добиваат информации за одредени програми за поддршка преку СМС-пораки.
Основните услуги на „агримак“ се бесплатни, а повеќе од 90 отсто од функционалностите можат да се користат без надомест. Постои и премиум-верзија, која чини 2.000 денари годишно и овозможува дополнителни услуги, меѓу кои и изработка на бизнис-планови и генерирање месечни и годишни анализи. Бесплатната верзија овозможува генерирање анализи на неделно ниво. Креаторите нагласуваат дека корисниците нема да бидат задолжени да плаќаат за основните услуги и дека внесените податоци нема да им бидат избришани.
Следниот чекор на тимот е проширување на пазарот и надвор од Македонија, со регионална експанзија. На земјоделците им советуваат да не се плашат од технологијата, туку да ја гледаат како дополнителна помош во работата.
„Иднината не значи отфрлање на традиционалното знаење, туку негово поврзување со новите технологии. Најдобри резултати ќе добиеме кога ќе ги споиме искуството на нашите земјоделци со современата технологија“, велат од „Агримак“.
Ж. ЗДРАВКОВСКА



