ЖЕНИТЕ И ДЕВОЈКИТЕ СЀ ПОЧЕСТО ОТСУСТВУВААТ ОД РАБОТА И ШКОЛО ЗАШТО НЕМААТ ПАРИ ЗА МЕНСТРУАЛНИ ПРОИЗВОДИ, ВЕЛИ НОВО ИСТРАЖУВАЊЕ

    ЖЕНИТЕ И ДЕВОЈКИТЕ СЀ ПОЧЕСТО ОТСУСТВУВААТ ОД РАБОТА И ШКОЛО ЗАШТО НЕМААТ ПАРИ ЗА МЕНСТРУАЛНИ ПРОИЗВОДИ, ВЕЛИ НОВО ИСТРАЖУВАЊЕОсобено загрижувачки е податокот дека 55,6 проценти од испитаничките барем еднаш пропуштиле училиште или работа поради проблеми поврзани со менструацијата, вели истражувањето. (Фото: К. Попов)

    Повеќе од половина од жените отсуствувале од училиште или работа поради менструални предизвици. Недостапноста на менструални производи и несоодветните санитарни услови остануваат сериозен предизвик за голем број жени, покажуваат резултатите од истражувањето за менструална хигиена, пристап и потребата од пакет за прва менструална помош (Menstrual First Aid Kit), спроведено на примерок од 2.700 испитанички.

    Наташа Доковска, програмска директорка на Здружението Новинари за човекови права, вели дека истражувањето ги анализира искуствата, бариерите и нееднаквиот пристап до менструална хигиена, со цел да се создаде основа за конкретни мерки во образовните институции и работните средини.

    Покрај користењето на производи за менструална хигиена, анализирани се и условите што им овозможуваат на жените достоинствено и безбедно справување со менструалниот циклус.

    Според резултатите, 96,3 проценти од испитаничките користат влошки, што ги прави доминантен избор. Тампони користат 18,5 проценти од анкетираните, додека менструалните чашки и другите алтернативни производи се речиси незастапени. Иако 85,2 проценти од испитаничките изјавиле дека имаат редовен пристап до менструални производи, 11,1 проценти се соочуваат со недостапност, а дополнителни 3,7 проценти посочиле дека пристапот е повремен и нестабилен.

    „Особено загрижувачки е податокот дека 55,6 проценти од испитаничките барем еднаш пропуштиле училиште или работа поради проблеми поврзани со менструацијата. Ист процент смета дека санитарните услови во образовните и работните средини не се соодветни за безбедна и мирна употреба на менструалните производи. Дополнително, 18,5 проценти не можеле со сигурност да оценат дали условите се соодветни, што укажува на нерамномерна инфраструктурна подготвеност. Истражувањето покажува дека проблемот не е само прашање на личен избор, туку и на институционални и средински ограничувања. Подобрувањето на санитарните услови и обезбедувањето стандарди за менструална хигиена може значително да придонесе за намалување на отсутноста од училиште и работа, вели Доковска.

    На Светскиот ден на ментруалната хигиена почнаа со кампањата за Пакетот за прва менструална помош (Menstrual First Aid Kit) и ќе продолжат по општините низ Скопје низ земјава.

    „ Бараме општините да го купат и да им го дадат на училиштата, но ќе биде и на слободна продажба за некоја недела по цена од 1. 500 денари“, велат од Здружението.

    Анализата покажува дека 77,8 проценти од испитаничките никогаш не слушнале за Пакетот за прва менструална помош, што укажува на ниска видливост на потенцијалните решенија. Сепак, подготвеноста за негово користење е висока. Речиси 59,3 проценти изјавиле дека веројатно би го користеле пакетот, додека 33,3 проценти посочиле дека сигурно би го прифатиле.

    „Само мал дел од испитаничките остануваат неодлучни или не би го користеле, што покажува дека постои значителен потенцијал за имплементација на вакви решенија. Наодите од истражувањето укажуваат дека менструалната хигиена не зависи единствено од достапноста на производи, туку и од квалитетот на санитарната средина. Недостапноста и несоодветните услови имаат реални последици врз образованието, работата и секојдневниот живот на жените, додека високата подготвеност за користење на нови решенија отвора можности за креирање политики и интервенции што ќе обезбедат поголема поддршка и достоинствени услови за сите“, вели Доковска.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Можеби ќе ве интересира и подкастот За секого по нешто:

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира