Жените во менопауза мислат дека веќе не треба да одат на гинеколог, меѓутоа тоа е периодот на најчесто појавување на карциномите на гениталниот тракт и затоа треба сериозно да се сфатат таа превенција и рана детекција, вели д-р Глигор Тофоски, претседател на Македонската асоцијација на гинеколози и опстетричари (МАГО).
Асоцијацијата со дводневен симпозиум ја одбележа 5. Недела на женско здравје и меѓу темите се и различните фази на женското здравје.
„Жените ни се важни од моментот на раѓање до моментот на заминување од овој свет, затоа во секој период имаат различна потреба од гинеколог. Во раната фаза имаме дали ќе дојде менструацијата на време, како се развива телесно детето, дали ги развива сите сексуални карактеристики“, вели Тофоски.
Потоа следи фаза на активен сексуален живот, кога треба да се зачува фертилноста и истовремено да се ужива во сексуалниот живот. Потоа следи период на бременост, која, ако се оствари, треба да се контролира.
„Денес имаме нови методи за контрола за да гарантираме, иако не можеме стопроцентно, дека таа бременост ќе заврши со породување на здрав плод. Она е тоа што сите фамилии, сите парови, го сакаат – не само да добијат дете, туку дека и со голема сигурност тоа дете ќе биде родено здраво. И тука имаме истражувања, имаме и тука посебна тема за неинвазивните пренатални тестови, со кои со поголема сигурност можеме да исклучиме одредени генетски и хромозомски заболувања. И потоа ја имате фазата на перименопауза. Таа флуктуација на хормони влијае не само на сексуалното, односно урогениталното здравје, туку и на когнитивното здравје, менталните способности, остеопорозата и на сите дополнителни заболувања“, кажа д-р Тофоски.
На новинарско прашање дали причината за тоа што жените се неинформирани или незаинтересирани навреме да одат на лекар е во тоа што можеби државата има недоволен број матични гинеколози или скринингот не е организиран како што треба за да ги опфати сите жени, тој вели дека е точно дека во одредени региони во Македонија нема доволно матични гинеколози, меѓутоа нашиот систем остава голема слобода да се бира гинеколог, независно од местото на живеење.
„Не е дека толку имаме недостаток. Мислам дека едноставно треба да ги научиме жените да доаѓаат превентивно на преглед. Тука се отвора оној проблем на наплата од матичните гинеколози за одредени услови што државата треба да ги загарантира. Да не биде дека ние само кажуваме дека државата дава бесплатни прегледи, туку навистина да ги даде тие што се суштински. Тоа не значи дека жените треба да одат нон-стоп на доктор. Ако за ПАП-тестот е докажано дека е доволно да се прави еднаш во три години или ХПВ типизацијата на над 30-годишна возраст еднаш во пет години, тогаш државата треба тој сегмент да го покрие. За сѐ она што е меѓу, треба да се најде начин да се модифицира на некој начин и да се овозможи пристап на жените, меѓутоа тоа да биде поинаку структурирано“, кажа д-р Тофоски.
Спец. д-р Илир Шурлани, член на УО на МАГО, кажа дека има голем број случаи кога жените доаѓаат предоцна. Не затоа што немале симптоми, туку затоа што немале храброст или навика навреме да се пријават на преглед. Токму затоа, докторите апелираат дека превенцијата спасува живот.
„Најтажен е фактот дека дел од овие случаи можеле да бидат откриени многу порано со еден редовен гинеколошки преглед. Особено е важно да допреме до младите девојки и до младата трудна популација. Да работиме заедно за редовните гинеколошки прегледи да станат навика, а не посета само кога има потреба“, кажа д-р Шурлани.
- МАКЕДОНИЈА ИМА ПАД ОД 30 ОТСТО НА НОВОРОДЕНЧИЊА ЗА 10 ГОДИНИ, ГИНЕКОЛОЗИТЕ АПЕЛИРААТ НА ПОГОЛЕМА ГРИЖА НА ЖЕНИТЕ НА СИТЕ ВОЗРАСТИ
- ПРОГРАМАТА ЗА СКРИНИНГ ЗА РАК НА ГРЛО НА МАТКА НЕМА РЕЗУЛТАТИ ОТИ ВЛАСТИТЕ СО ГОДИНИ НЕ ГО ЗГОЛЕМУВААТ БУЏЕТОТ, ВЕЛИ ЗДРУЖЕНИЕТО ЕСЕ
- ЛАНИ ИМАЛО 122 НОВОЗАБОЛЕНИ ОД РАК НА ГРЛО НА МАТКА, 48 ПОВЕЌЕ ОД 2024, ВЕЛИ Д-Р КЛИСАРОВСКА ОД ОНКОЛОГИЈА
- ЏАБЕ СКРИНИНГ ЗА РАК НА ДОЈКА И НА ГРЛО НА МАТКА КОГА РЕЗУЛТАТИТЕ МНОГУ ДОЦНАТ ИЛИ ВООПШТО ГИ НЕМА, ВЕЛИ ДРЖАВНИОТ ЗАВОД ЗА РЕВИЗИЈА
Б. НЕСТОРОСКА



