20 ГОДИНИ НЕ МОЖЕ ДА ДОКАЖЕ ДЕКА Е ЖИВ ОТКАКО БРАТ МУ БЛИЗНАК МУ ГО ЗЕЛ ПАСОШОТ И ПОЧИНАЛ ВО СТРАНСТВО

    20 ГОДИНИ НЕ МОЖЕ ДА ДОКАЖЕ ДЕКА Е ЖИВ ОТКАКО БРАТ МУ БЛИЗНАК МУ ГО ЗЕЛ ПАСОШОТ И ПОЧИНАЛ ВО СТРАНСТВОКаде да се појави, Афет Џелилов го носат во полициска станица кога ќе каже кој е. За системот тој е мртов, не постои од 2001 година, па кога ќе го каже својот идентитет, дава впечаток дека е измамник, криминалец. (Фото: СДК.МК)

    Со правосилна судска пресуда, резултати од две направени ДНК-анализи и со Министерството за внатрешни работи до себе, скопјанецот Афет Џелилов не може да ја убеди Управата за водење матични книги дека е тој, а не неговиот починат брат – близнак.

    Овој 45-годишен македонски државјанин со години живее во домашен затвор, или како што вели – во бунар.

    Управата жив го закопала Афет уште во 2001 година, кога во Чешка починал братот-близнак Нусрет Џелилов. Со почнувањето на конфликтот таа година, Нусрет тајно му го зел пасошот на брата си и заминал за Чешка. Но, набргу таму починал, со пасошот на Афет.

    И, тука почнуваат неописливите проблеми на Афет кој е жив, а за кого е издадена умреница. Безуспешно се бори да докаже дека тој е Афет, а Нусрет починал со неговиот пасош, но Управата за водење матични книги е глува и не му дава извод на родени по вторпат.
    Изводот му е потребен да извади нова лична карта (старата му е истечена уште пред десетина години), да извади сметка во банка, здравствена книшка, обновена возачка дозвола, да се вработи. Има сопруга и две деца.

    Каде да се појави, Афет го носат во полициска станица кога ќе каже кој е. За системот тој е мртов, не постои од 2001 година, па кога ќе го каже својот идентитет, дава впечаток дека е измамник, криминалец.

    Немоќен, по 20-годишна неуспешна битка со Управата и со доказ – судска пресуда дека Нусрет Џелилов е починат и погребан во село Горно Количани, а не брат му Афет, како што стои во посмртницата, тој се обратил до Народниот правобранител.

    Случајот го води Заменичката – народен правобранител Сузана Салиу, која е револтирана од штетноста на Управата за водење матични книги, за која вели дека веќе и не крие дека работи повеќе на кршење на основните човекови права во Македонија, отколку на заштитата.

    САКАМДАКАЖАМ.МК разговараше со Афет Џелилов, кој живее со семејството во Чаир.

    „Сè ми е измешано во главата во оваа држава. Ме маткаат и малтретираат со години, нема врата на која не сум тропнал. Двапати ДНК-анализа правев, полицијата утврди дека јас сум Афет, жив сум. Кога стигнувам во Матично, се блокира постапката. Јас сум во домашен затвор. Бев пријавен на мое име, но кога ми истече важноста на личните документи, мојот работен однос престана. Немам лична карта, ме држат непријавен на работа само затоа што сум вреден и лојален работник. До 2010 година имав и банкарска сметка, но во 2010 година и таа се изгаси. Тоа што си штедев од платата, ми остана во банка заробено до ден-денес. Адвокатот си зема од неа за адвокатски услуги, јас не можам“, раскажува Афет во каков хаос му се претворил животот откако државата го смета за умрен.

    Тој вели дека пари неброени се изнадавал во битката да ја докаже вистината пред Управата за матични книги и оти веќе е исцрпен.

    „Во 2010 година се спремаме за на одмор во Турција и јас, сопругата и бебето од една година, одиме да вадиме пасош. Податоците на мајката нормално во ред беа, кога стигна службеничката кај мене, вели – ‘блокиран си, тебе треба да те уапсиме’. Оттогаш сум блокиран. Претходно имав син пасош, кој требаше да го сменам во црвен“, раскажува Афет.

    Заменичката-омбудсман Сузана Салиу, зборувајќи за изживувањето врз Џелилов, вели дека состојбата е алармантна и надлежните во Управата за водење матични книги мора да одговараат за кршење на основните права на граѓаните. (Фото: СДК.МК)

    Овој човек уште веднаш во 2001 година кога видел дека близнакот му го зел без дозвола пасошот, уредно пријавил во полиција. Никогаш не се послужил со идентитетот на брат му Нусрет, кого во системот на Република Северна Македонија, сè уште го има како жив, по „паметот“ на Управата. Вели дека никогаш не играл нечесно, колку и да му горело под нозе кога не можел да ги оствари основните човечки права.

    „Криво ми е за децата, зашто и тие завршија поради мене во полиција. Ме запира полиција во Автокоманда, ме прашува: ‘Имаш возачка?’. Му кажав на полицаецот дека немам. Се јави во полициска станица, веднаш дојдоа и ме однесоа со моите две мали деца. Тие плачат, викаат, а службените лица три часа ме држеа во станица. Во вториот случај, кога ме запре полиција во Струмица, им ја кажав случката со покојниот брат. Веднаш ме однесоа во полициска станица. Мене ми е страв ми е да излезам. Дали некој ме разбира? Ќе ме запрат, ќе ме уапсат. Срцето ми се кине за децата, не можеме на одмор да одиме заедно. Само Охрид и Струга виделе од одмор“, ја раскажува својата тешка приказна Афет, кого Управата за матични го уништува.

    По наредба на граѓанскиот суд, МВР презело процедура и крим-техника му зела отисоци на Афет. Утврдила дека папиларните линии, се тие што ги имале од Афет Џелилов од претходно, дека тој е жив, стои пред нив и дава отпечаток од прст. Натаму, пред сведоци пред судот сведочеле дека Нусрет со ковчег бил донесен во Горно Количани, каде пред нивни очи бил закопан, а дека нивниот сограѓанин Афет е живиот близнак.

    Во пресудата, односно Решението на Граѓанскиот суд, судија Сузана Дончевска навела: „По правосилноста на Решението, тоа да се достави до надлежниот управен орган заради упис на лицето Нусрет Џелилов во Матичната книга на умрените.“.

    Но, кој е Судот, за да го почитува Управата за водење матични книги??

    Оваа одлука на Граѓанскиот суд на Афет му е потребна за поништување на посмртницата на негово име и за издавање посмртница на име на неговиот брат. Така докажува дека е жив, но Управата му ја затвора вратата пред носот и го одбива, непризнавајќи ни правосилна судска пресуда.

    Член 19 од Законот за матична евиденција е јасен:

    „Прогласувањето на исчезнато лице за умрено и смртта докажана во судска постапка се запишуваат во матичната книга на умрените врз основа на правосилна судска одлука. Надлежниот суд ја доставува одлуката во рок од 15 дена од правосилноста, на матичарот од матичното подрачје во кое умрениот имал живеалиште“.

    Заменичката-омбудсман, зборувајќи за изживувањето врз Џелилов, вели дека состојбата е алармантна и надлежните во Управата мора да одговараат за кршење на основните права на граѓаните.

    „Управата за водење матични книги продолжува во континуитет да ги повредува основните човекови права. Таму се менуваат директорите, раководителите, а повредувањето на правата на луѓето и натаму останува. Тие законите ги толкуваат наопаку. Народниот правобранител ја повторува констатацијата дека УВМК нема професионални капацитети, нема сервисна ориентација да им помогне на граѓаните да ги остварат своите права, а што е најлошо, немаат ни волја. Тие не се на ниво на својата надлежност и задачите. Дури, немаме ни со кого да соработуваме таму“, алармира Салиу.

    Таа на почетокот на февруари се обратила за овој случај до Министерството за правда и до директорот на Управата Блерим Абазисо конкретни прашања каде е проблемот со впишување на Нусрет во книгата на умрени и со издавањето на Афет нов извод на родени, но и од двете институции нема одговор, и покрај законскиот рок од најдоцна 8 дена за одговор на Народниот правобранител.

    Според поплаките на граѓаните кај Народниот правобранител и во секојдневниот живот, Салиу смета дека секој ден од натамошното постоење на Управата за водење на матичните книги прави штета, бидејќи целиот живот на луѓето им е поврзан со неа – од раѓањето до умирачката, а таа кај нас е институција за масовно кршење на основните права на граѓаните.

    С. К. ДЕЛЕВСКА


    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира