Рекреативната патека покрај Вардар во Скопје доби барокно осветлување. Новите златно-зелени канделабри вчера светеа и во ден. Поставени се на патеката за џогинг покрај реката, на потегот од Градски парк кон Плоштадот Македонија.
Патеката со години е во мрак, велосипедистите, ролерџиите и рекреативците во неколку наврати официјално се обраќаа до Град Скопје со барање да ја осветлат патеката за да можат и навечер да ја користат, но не очекуваа дека Градот ќе одгвори на нивното барање со барокни канделабри.
На прашањето кој одлучил велосипедската патека да се осветли токму со барокни украсни канделабри од Град Скопје одговараат:
„Во рамки на програмата за уредување на јавно осветлување на Кејот на потегот меѓу мостот на царинската управа и градската плажа Парк, поставени се 51 канделабра со по три светилки. Според стандардите за уредување на јавно осветлување, на сообраќајните површини се поставуваат обични, метални светлосни столбови, додека на јавните површини се поставуваат украсно декоративни канделабри“.
За 51 украсна канделабра Град Скопје потрошил 5.245.000 денари (или околу 86.000 евра), односно една канделабра чини нешто повеќе од 100.000 денари (околу 1.600 евра).