Во малата спортска сала на основното училиште „Лирија“ во Тетово се слуша вообичаен џагор, раздвиженост и активност. Во тек е часот по физичко воспитување, но овојпат час по фискултура имаат учениците од паралелката во која учат дваесетина деца со посебни потреби. Часот се одвива под надзор на професорот д-р Беџет Точи и на Ифраим Љута, а ним им помагаат десетина студенти од Тетовскиот универзитет од катедрата за физичка култура.
„Веќе 14 години работиме на физичкото образование на децата со посебни потреби. Во состав на Факултетот за физичка култура при Државниот универзитет во Тетово имаме редовен предмет ‘Активности за физичко и здравствено воспитување и спорт за деца со посебни потреби’. Ваков предмет во регионот го има само нашиот факултет. Според нашата програма, имаме посебни вежби за овие деца со што нашите студенти практично се оспособуваат утре, кога ќе станат наставници по физичко воспитување, освен на децата од редовната настава, да можат да им помогнат и на децата со посебни потреби од посебните паралелки и на децата со посебни потреби кои се вклучени во инклузивната настава“, вели професорот Точи.
Професорот Точи вели дека работата со овие деца е тешка, но пак од друга страна, таа е многу благородна и токму затоа тргнале од потребата да се создаде квалификуван кадар кој ќе може на вистински начин да придонесе во подобрување на состојбата кај овие деца.
„Според истражувањата кои редовно ги спроведувам во изминативе години, јасно се гледа дека редовната физичка активност кај овие деца многу придонесува за подобрување на нивниот социјален живот, за подобрување на моториката која најчесто е нарушена, а секако придонесува и за подобрување на нивната здравствена состојба. Од истражувањата што ги направив преку анкетирање на нивните родители, забележав дека во годината кога овие деца имале редовна настава по физичко образование која ние ја спроведувавме, децата имале значително помалку здравствени проблеми. Освен ова, утврдив дека тие дома се помирни и порелаксирани, што е добро и за нивните родители. Забележав уште нешто, на некои од овие деца многу потешко им беше да научат да пишуваат или читаат, но затоа пак многу полесно научија да вежбаат одредени вежби. Имав случаи кога на почетокот детето не можеше ни добро да оди, а на крајот од годината веќе успешно правеше одредни вежби како колут напред или колут назад. Сé на сé, добивме многу подобри резултати отколку што се надевавме на почетокот кога се зафативме со оваа активност“, со гордост вели професорот д-р Точи.
Од ваквата соработка задоволна е и наставничката во посебната паралелка Ајше Љоки.
„Нашите ученици со нетрпение чекаат да дојде вторник, бидејќи знаат дека тогаш имаат час по фискултура. Многу сакаат да вежбаат, но многу ги сакаат и овие прекрасни луѓе кои им помагаат. Кога би можело секој ден да имаме по еден ваков час би било прекрасно за физичкиот, но и за психичкиот развој на овие деца“.
На часот по фискултура покрај десетина студенти, со децата со посебни потреби работи и Ифраим Љута. Љута е врвен спортист но и лице со тешко оштетен вид , па затоа уште подобро ги знае потребите на оваа категорија деца.
„Заклучив дека децата со церебрална парализа, со аутизам и со други слични проблеми беа најмаргинализирани во градот. Тоа ме повлече и јас за нив да одвојам повеќе време и со моето знаење и искуство што го имам како спортист, да им помогнам колку што можам. Секој вторник сум во училиштето ‘Лирија’, а во саботите работам со други деца со посебни потреби, пред сѐ со оние со аутизам, а вежбите ги држиме во салата во текстилното училиште“, вели Љута.
Но неговите амбиции со овие деца се поголеми, од годинава прави напори неколку деца со посебни потреби да ги вклучи во Специјалната олимпијада.
„Професорот Точи и јас од оваа година се вклучивме во подготовките за Специјалната олимпијада. До јуни има една програма за млади атлетичари до 10 години и се надеваме дека ќе успееме со некои деца да стигнеме и до меѓународни натпревари. До сега на Специјалните олимпијади имаше само деца од Скопје, а еве сега и ние од Тетово се влкучуваме со тренинзи, а планираме да се вклучиме и на натпревари. Неколку од овие деца имаат голем потенцијал, но треба многу работа со нив. За ова бараме поддршка и од нивните родители, пред сѐ редовно да ги носат на тренинзи, зошто само така ќе може да се дојде до успех. Сега на почетокот ги работиме универзалните вежби, а понатаму, според афинитетот на секое дете одделно, ќе се одбере и спортот во кое тоа би можело да даде најдобар резултат“, вели Љута и додава:
„Ова заедно го работиме со атлетскиот клуб ‘Студенти’ и тоа волонтерски, со единствена цел да им помогнеме на овие деца. Но сепак, за одредени резултати потребни се и финансиски средства кои секогаш ни се проблем иако не се работи за некои големи пари. За жал, кај донаторите како да има малку разбирање за овие деца. Многу нé разочарува што немаме никаква поддршка ниту од Општина Тетово. Ние аплициравме со еден оглас за поддршка на невладини здруженија кој го распиша Општината со проект за спорт за оваа категорија деца, но за жал сѐ уште немаме добиено одговор“.
„Јас сакам фискултура“, силно извикува Агон кој не престанува да трча. Сара, Амар, Арома и Суфјан играат со топка, а Гзим, Ринор, Хамза и Едона се куглаат. Часот по фискултура е во полн ек.
З. АНДОНОВ