ЕКСДИРЕКТОРОТ НА БИТОЛСКАТА БИБЛИОТЕКА КОЈ ПРЕД ПЕНЗИЈА ЈА ИСЕЛИ ПРОГРАМСКАТА РАКОВОДИТЕЛКА ОД КАНЦЕЛАРИЈАТА, БИЛ И СИНДИКАЛЕН ЛИДЕР И НЕ МОЖЕЛО ДА БИДЕ СМЕНЕТ

    ЕКСДИРЕКТОРОТ НА БИТОЛСКАТА БИБЛИОТЕКА КОЈ ПРЕД ПЕНЗИЈА ЈА ИСЕЛИ ПРОГРАМСКАТА РАКОВОДИТЕЛКА ОД КАНЦЕЛАРИЈАТА, БИЛ И СИНДИКАЛЕН ЛИДЕР И НЕ МОЖЕЛО ДА БИДЕ СМЕНЕТМенде Доневски, в.д. директорот на Универзитетската библиотека во Битола на осум месеци пред пензија ја исели од канцеларијата програмската раководителка Јелена Петровска (Фото: СДК.МК)

    Административна пречка била причината поради која Менде Доневски, неодaмнешниот в.д. директор на Универзитетската библиотека во Битола не можел да биде тргнат од претседателското место на подружницата на СОНК во оваа установа, додека бил на раководната функција. Од СОНК за САКАМДАКАЖАМ.МК велат дека во периодот кога тој бил директор траела реорганизацијата на Секторот за труд од Министерството за труд и социјална политика во Министерството за економија и труд каде требало да се достави документацијата.

    Додека Доневски беше в.д. директор, поточно на 20 јануари годинава, на осум месеци пред пензија ја исели од канцеларијата програмската раководителка со долгогодишно професионално искуство, м-р Јелена Петровска, која пак се пожали дека тогаш не можела да добие ни синдикална заштита зашто синдикален лидер бил токму в.д директорот.

    На нашето прашање дали не е конфликт на интереси тоа што Доневски во периодот додека директорувал од  ноември 2024 до 27 јануари 2025  бил и  претседател на синдикалниот огранок, од СОНК ни одговорија дека документите за промена на претседател согласно Законот за работните се доставуваат до надлежно министерство кое се реорганизирало.

    „Со оглед на тоа што до пред неколку месеци надлежен орган за промена на овластено лице на подружница беше Министерство за труд и социјална политика – Сектор труд, а сега Сектор труд е дел од Министерство за економија и труд, во тој вакум период на реорганизација на министерствата, промена на овластено лице на подружница беше невозможна. Всушност, станува збор за истиот период во кој Менде Доневски бил в.д. директор“, пишува во одговорот на СОНК.

    Според нив, немало насилство и мобинг и Петровска не била избркана од работа, туку само преместена од една во друга канцеларија со потребните услови за работа.

    Петровска пак, се пожали дека 8 месеци пред пензија кога според Законот за работни односи, треба да ужива посебна заштита, буквално била протерана од канцеларијата со непрофесионална комуникација од тогашниот в. д. директор и пренесена во просторијата наменета како дневна соба, јавен и отворен простор за читателите од сите возрасти. За неа ова е случај на мобинг и дискриминација и додаде дека ексдиректорот, потоа се вселил во нејзината канцеларија.  Иако навремено ги подготвила и предала сите годишни извештаи и стручни планови за тековно работење и реализација на проекти до в. д. директорот, против неа била покрената дисциплинска постапка и изречена казна да зема 30 проценти помала плата во следните шест месеци.

    Поранешниот в. д. директорoт Менде Доневски, рече дека вработената долго време ја имала узурпирано канцеларијата наменета за стручна обработка, па ѝ било соопштено дека ќе биде преместена во друга просторија која ги задоволува условите и тоа било направено без никакво насилство. Тој додаде дека поради непостапувањето по наредба, неизвршувањето на работните задачи, оштетувањето на фондот како последица на негрижа, се одлучил против неа да биде спроведена дисциплинска постапка.

    На 27 јануари кога на Петровска ѝ било дадено решението за казната од Дисциплинската комисија, Библиотеката доби нова директорката, м-р Емилија Стефановска-Давкова, докторант по меѓународно право. Таа е ќерка на Анета Стефановска, поранешна пратеничка од ВМРО-ДПМНЕ и поранешна директорка на Универзитетската библиотека во Битола.

    Ж.ЗДРАВКОВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира