Кралицата на ромската песна Есма Реџепова, која почина денеска на 73 години, беше вброена меѓу 50-те најврвни гласови на светот на сите времиња, во изборот на американското државно радио “Ен-Пи-Ар”. Во изборот, лансиран на радиопрограмата кон крајот на јануари, 2010 година, секоја недела, со специјална емисија, се откриваше по еден нов глас од 50-те. Есма беше во друштво на легендарните пејачи Марија Калас, Ела Фицџералд, Махалија Џексон, Нусрат Фатех Али Кан, Иги Поп, а емисијата за неа беше емитувана на 5 април, 2010.
Популарното радио “Ен-Пи-Ар” е изгласано за најверодостоен извор на вести во САД и е меѓу трите најслушани радија во земјата. Емитува вести и создава програми од културата.
Серијата “50 врвни гласови” е создадена врз основа на изборот на слушателите и на екипа експерти, а како што вели радиото: “Откривањето на непознатото беше еден од клучните делови на оваа серија”.
Во емисијата за неа, Есма беше интервјуирана во нејзиниот дом во Скопје, а за неа и за нејзиното животно и творечко партнерство со Стево Теодосиевски зборуваше и музичкиот антрополог Карол Силверман од Универзитетот во Орегон.
“Некои пејачи се чудо со еден хит, некои, пак, ќе снимат неколку албуми пред да избледат. А има и такви што остануваат популарни со генерации. Во бивша Југославија, една жена имаше повеќе хитови во текот на повеќе години од кого било – Есма Реџепова, позната и како Кралица на Циганите”, почнува емисијата за Есма, која кажува дека милиони луѓе низ целиот свет ја чуле нејзината песна “Чае шукарие”, со која почнува филмот “Борат”.

На прашањето која е нејзината тајна за одржување на силниот глас, Есма откри: “Избегнувам газирани пијалаци и романтични врски со мажи”.
“Над 50 години Есма цвета како пејачка и снима плочи, и покрај политичкиот притисок и предрасудите за Ромите. Со крици, трепет и шепот, таа пее за ромската култура, животните разочарувања и, особено, за невозвратената љубов. Во ‘Чае шукарие’ таа пее: ‘Убаво девојче, не оди пред мене, сврти се, погледни ме, пробај да ме сакаш'”, се вели во емисијата, во која Есма раскажува и дека станала пејачка сосем случајно.
Кога имала 14 години, директорот на школата ја пријавил на натпревар за пеење на радио и, на нејзино изненадување, таа победила. Освоила награда вредна 4 тогашни југословенски плати, но се плашела да му каже на татка си, па ги скрила парите во шкафот со долната облека. Мајка ѝ ги открила кога ја подготвивала бањата за децата неколку дена подоцна. Татко ѝ се налутил, но, како што вели Есма: “Му ветив дека ако станам пејачка, ќе пеам само на радио и оти никогаш нема да пеам во ресторани, барови и во такво нешто”. А како што вели емисијата, тоа не бил лесен избор: Во Југославија во 1950-тите, пеењето на свадби или во барови беше приближно единствената можност за кариера на ромските музичари.
Емисијата натаму ја следи нејзината приказна за животот и кариерата со Стево Теодосиевски и завршува со тоа дека и на тогашните свои 67 години, Есма има стотици настапи годишно низ целиот свет. На прашањето која е нејзината тајна за
одржување на силниот глас, Есма откри: “Избегнувам газирани пијалаци и романтични врски со мажи”.

„Јас многу работи имам направено и постигнато во светот, ама за тоа во Македонија малку се знае”, рече Есма во 2010
Инспирирана, пак, од емисијата за Есма на “Ен-Пи-Ар”, музичката критичарка на “Вашингтон пост” Ен Миџет напиша рецензија за нејзиниот глас и творештвото, во која, меѓу другото, вели: “Реџепова има глас кој звучи како претепан мустанг кој јури низ улица полна со дупки – игрив е и раскршен и јак, и бил на разни места и уште ќе оди на други места, и баш му е гајле што му е на патот”.
Есма кога се случи изборот, не знаеше дека најслушаното американско радио ја вброило меѓу 50-те врвни гласови, но изјави дека не е изненадена.
“Сум настапувала низ целиот свет. Во Америка сум имала концерти во сите големи театри, и тоа што сум влегла во конкуренција со пејачи со светско реноме не ме изненадува. Јас во 1995 година бев избрана за примадона на Европа. Тоа е избор кој се одржува на 4 години, и се избираат оперски пејачи, а јас, иако не сум оперска пејачка, го добив најголемото признание. Моите албуми се продаваат низ целиот свет и каде и да настапувам, ми ги знаат песните”, изјави тогаш Есма Реџепова од Будимпешта, каде имаше голем концерт и додаде:„Јас многу работи имам направено и постигнато во светот, ама за тоа во Македонија малку се знае”.