Во Охрид, во одморалиштето „Далјан“ кое е во близина на стариот пат за Струга на излезот од градот, половина од вработените се глувонеми лица. Од четири вработени во кујната три се глувенеми. Има уште двајца вработени со посебни потреби кои извршуваат корисни работи во објектот.
Ова одморалиште функционира на специфичен начин, бидејќи има вработени со посебни потреби, но и гости од таа категорија лица. Директорката на „Далјан“ Славица Стефановска многу искрено и трпеливо појаснува како работи ова одморалиште кое е од отворен тип и функционира како хотел.
„Ние во кујната имаме четворица вработени, од нив тројца се глувонеми. Многумина се прашуваат како функционираме. Салата во ресторанот како и во други хотели со кујната е поврзана со компјутер. Но има една разлика. Кај компјутерот во салата има сигнална светилка. Келнерот на компјутерот ја пишува нарачката и потоа притиска на сигналната лампичка. Во тој момент сигнал добиваат и во кујната. Се активира лампичка, лицата што се таму го активираат печатарот, ја читаат пораката и ја прават нарачката. Потоа доаѓа келнерот да ја преземе“, вели Стефановска.
Специфична е и работата на собарката во хотелот која е глувонема.
„На влезовите во собите има сигнална лампичка. Собарката ја притиска лампичката и така им се најавува на гостите во собата. Ако тие не се лица со посебни потреби немаат потреба од сигнализирање дека доаѓа собарката, но ако се глувонеми, тие знаат преку светлосниот сигнал дека треба да влезе собарката“, вели Стефановска која е и секретар на Здружението на глуви во Охрид.
Во одморалиштето имаат посебен однос кон слепите лица. Се води сметка во каква чинија ќе им се постави салатата, каде е приборот, за распоредот на предметите во собите. За цивилните инвалиди од војната се води сметка да нема пречки на патеките, во собите. Во „Далјан“ некои од нив во истата соба доаѓале и по 30 години. Го познаваат секој дел од одморалиштето и собата.
Ја прашав директорката дали може некој од хотелот да ми сними фотографии за да не се вознемират вработените ако видат непознат човек во кујна.
„Не, сами ќе направите фотографии, тие се радуваат на фактот дека некој се сетил на нив, дека сака да напише нешто за нивната работа“, ми рече Стефановска.
Вработените во кујната беа срдечни и се израдуваа на посетата. Готвеа ручек во чисто бели облеки, но пред да ги фотографираме, од директорката на знаковен јазик побараа да почекаме. Дојдоа со нова облека, беспрекорно чиста.
„Нашиот свет и нивниот свет не е ист. Тие живеат во еден свет на тишина. Треба да се навлезе во него. Тие не слушаат, не можат да говорат, но мошне добро го следат говорот на телото. Тие врз основа на тоа носат заклучок за каков човек се работи“, вели Стефановска.
„Во Македонија имаме едно основно и едно средно училиште за глувонеми. Но вистинската школа за работа во туризмот тие ја имаат во хотелските објекти. Ние овде имавме претставници на манифестацијата ‘Вешта жена’, тука нашите вработени научија многу од занаетот. Потоа одиме во хотели каде што гледаме како работи послугата, како се наместени масите, приборот за јадење. Тоа се искуства кои овде ги применуваме”, вели Стефановска.
Иако одморалиштето е од отворен тип, во него многу малку или воопшто не се организираат семинари или работилници од наши фирми или невладини организации.
„Ние предлагаме македонски фирми наместо да плаќаат скапи хотели, да организираат советувања, семинари кај нас. Посебно невладините организации кои ја третираат проблематиката на глувонемите лица. За жал, не доаѓаат во нашето одморалиште иако ние ги имаме сите услови за квалитетен престој”, вели Стефановска и додаде дека бараат помош оти со години се мачат да најдат начин во кругот на одморалиштето да изградат мало игралиште какви што има во многу населби во Охрид.
На заминуваење нѐ испрати домарот на одморалиштето кој со знаковен јазик ни кажа дека сака повторно да дојдеме.
Д. ЧУБРИЌ