Професорка на Медицинскиот факултет Скопје, шеф на катедра, лекар и доктор на науки, која долги години беше раководител во една од најважните клиники за спас на животот на луѓето, е избркана од таа Универзитетска клиника без образложение, со дискреционо право на организацискиот директор поставен од ДУИ и на ексминистерот за здравство Беким Сали кое му дава моќ по свое убедување да одлучи кому ќе му дозволи да работи до 67 години, а кому не.
Во друг случај, на професорка и лекар, доктор на науки, Институтот по навршената 64-годишна возраст одлучил да ѝ го продолжи договорот за вработување, како исклучително потребен дефицитарен кадар во институцијата, а доскорешниот министер исто така одбил да ѝ даде согласност да продолжи. Нема образложение зошто не ѝ дава согласност.
Сега неправдата треба да ја исправи новиот министер Фатмир Меџити, зашто во рака има одлуки на Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен, кои се на страната на професорките.
Редакцијата сака да го заштити интегритетот на двете дискриминирани професорки, идентитетот не го објавуваме. Случаите ги води Народниот правобранител, но засега безуспешно.
За првиот случај, на први март 2022 година второстепената државна комисија по вторпат го поништува решението за бркање, како спротивно на законите. Проблемот го враќа на повторно одлучување, со насоки за министерот за здравство и за раководството на Клиниката – како да го испочитуваат правото на тужителката да доработи до својата 67-годишна возраст.
Но, и новиот министер за здравство молчи, иако од одлуката на Второстепената комисија се поминати 28 дена.
Понижена од прекинувањето на работниот однос без никакво образложение, познатата лекарка се обратила пред Народниот правобранител уште во август, лани, каде поднела претставка за нееднаков третман.
Нејзиниот, како и случајот на уште две лекарки – професорки на Медицинскиот факултет, кои исто така се жртви на селективно одлучување на министерот за здравство кој да остане да работи, а кој не, по стекнувањето на правото за пензија, го води Заменикот- народен правобранител Јован Андоновски.
„Сега веќе бившиот министер Сали е стоматолог. Имавме министер за здравство правник, во иднина може и етнолог за министер за здравство да изберат. Прашувам: Што знаат тие за кардиологија, онкологија, ортопедија, јавно здравје и други науки? Министерот се впуштил во толкување на одредби на закони, за што Второстепената комисија двапати го коригира. Тој го правел ова во ситуација кога губиме лекари. Стручњаци да бркате? Да не им давате да си ги остварат своите законски права? И кое е тоа ‘дискреционо’ право на министер за здравство да одлучува на едни лекари ќе им продолжи работен век, на други не? Недозволиво!“, реагира Андоновски и бара новиот министер за здравство Фатмир Меџити веднаш да постапи по одлуката на Второстепената државна комисија.
Од друга страна, пак, деканот на Медицинскиот факултет ја оставил да ја доврши студентската година како редовен професор, да им предаде на студентите и да ги испита, и во септември на 67 години да замине в пензија. И професорката од вториот случај кај Народниот правобранител, уште предава на Медицинскиот факултет.
„На Универзитетската клиника каде пред да ми го прекинат работниот однос минатата година бев раководител на оддел, помагам, давам совети. За мене веќе е доцна еве и да ја истерам правдата, зашто есенва ќе одам во пензија. Но, сакам да им помогнам на моите колеги лекари, врвни експерти, кога ќе наполнат 64 години и ќе стекнат право за в пензија, никој да не им го одзема законското право да продолжат да лечат до 67 години ако се чувствуваат способни и инвентивни и ако поднесат барање за тоа. Тоа е наше право и никој не треба да ни го одзема, најмалку организациски директори и министри. Праксата: ‘на еден лекар ќе продолжам, на друг не сакам и нема да му потпишам’ за личен ќеф, мора да престане!“, вели професорката од првиот случај.
Андоновски вели дека во двата случаја не важи Законот за работни односи, туку лекспецијалис-законите: за Здравствена заштита и за Високо образование. Законот за работни односи кој вели жената оди во пензија со наполнети 62 години, за лекарките од високо-образовната и научна дејност – не важи!
Второстепената комисија во образложенијата укажува дека според Законот за здравствена заштита, член 204 став 1, директорите на клиниките еднаш годишно одлучуваат за продолжување на работниот однос на неопходните лекари заради непречено вршење на здравствената дејност во мрежата на здравствените установи. Се разбира, по претходна согласност на лекарот.
А најважното е во ставот 2, каде јасно се наведува дека министерот за здравство само ја потврдува одлуката на директорот на клиниката.
„Законот вели дека оваа одлука министерот само ја потврдува, а не одлучува тој. Сали кажува: Јас имам дискрециско право како министер. Притоа не им дава никакво образложение на професорките зошто не им потпишува согласност за продолжување на работниот однос на Клиниката, односно на Институтот“, вели Андоновски.
Натаму, Комисијата го упатува министерот за здравство дека треба да го почитува и член 174 од Законот за високо образование, во чиј став 3 стои дека „лицата избрани во наставно-научно, наставно-стручно, наставно и соработничко звање, кои се во работен однос на јавна високообразовна установа (во случајов на Медицинскиот факултет), вршат и здравствена дејност во јавна здравствена установа.“ Се укажува дека овие две две работи се неделлива целина.
С. К. ДЕЛЕВСКА