НА СКОПЈАНКА Ѝ УКРАЛЕ 800 МЕТРИ КВАДРАТНИ ОД ПРИВАТЕН ПЛАЦ, ИЗГРАДИЛЕ 125 МЕТРИ ДОЛГА УЛИЦА И ЈА ОСТАВИЛЕ ДА ПЛАЌА ДАНОК НА НЕЗАКОНСКИ ОДЗЕМЕНИОТ ИМОТ

НА СКОПЈАНКА Ѝ УКРАЛЕ 800 МЕТРИ КВАДРАТНИ ОД ПРИВАТЕН ПЛАЦ, ИЗГРАДИЛЕ 125 МЕТРИ ДОЛГА УЛИЦА И ЈА ОСТАВИЛЕ ДА ПЛАЌА ДАНОК НА НЕЗАКОНСКИ ОДЗЕМЕНИОТ ИМОТНекој од општината ставал и „легнати полицајци“ на улицата – дивоградба. (Фото: приватно видео/принтскрин)

Во општина Бутел, на приватна парцела на скопјанката Лила Станоеска и на нејзина роднина, без прашање и без експропријација им е извршен упад со изградба на локален асфалтиран пат широк 5 метри и долг 125 метри.

Од приватниот плац на Станоеска и семејството, кој е во нивна сопственост со генерации, со вкупна површина од околу 3.000 квадрати, а кој е во индустриската зона кај Визбегово, диво изградена улица зафаќа дури 800 метри квадратни.

„Ај што ми украле од имотот, туку на украденото плаќам данок. Ем не е мое, ем сè уште јас плаќам данок за 800-те квадрати на кои сега има асфалт. И тоа му плаќам данок на Градот Скопје како за тло во индустриска зона! Тој данок на имот е многу повисок“, вели очајна Лила Станоеска во изјава за САКАМДАКАЖАМ.МК и бара помош од Општина Бутел.

Но, како ѝ оди комуникацијата со градоначалникот Дарко Костовски, зборува фактот што година ипол таа бара прием кај него, а тој не ја прима.

Костовски не сака ни да каже кој го изградил патот – дивоградба, а не пак да ја урне дивоградбата. За обесштетување на сопственичката Станоеска и нејзината роднина, пак, не станува ни збор.

Го прашавме кој ја изградил улицата пред тој да седне на градоначалничката функција, тој крие. Не му кажува ни на Народниот правобранител, кој двапати му се обраќа.

Како доказ, еве ги поставените конкретни прашања од нас, а подолу неговиот одговор.

„Почитуван градоначалник Дарко Костовски,

Дигиталната редакција САКАМДАКАЖАМ.МК бара да ни одговорите кога ќе ја уривате големата улица-дивоградба, изградена на приватна парцела КП бр 38/9, без спроведена експропријација? Се работи за дивоизграден локален пат широк 5 метри, долг 125 метри, за кој една од сопствениците, Лила Станоеска, има поднесено претставка кај Народниот правобранител.

Без оглед кој ја изградил, обврска на општината е да урива и отстранува дивоградби, па затоа е прашањето. Ве молиме да ни одговорите кој ја изградил улицата со нелегален упад во приватна парцела, бидејќи се надеваме дека досега сте истражиле, согласно вашата должност пред граѓаните и функцијата“, се прашањата од СДК.МК .

Еве што одговори градоначалникот Костовски:

„Согласно Вашите прашања, Ве известуваме дека КП 38/9 КО Чаир, во приватна сопственост е опфатена со ДУП за Градска Четврт ССИ 01, Општина Бутел, како дел од ул. 1562 – новопланирана станбена улица 2 и дел од ул. 1562 – новопланирана сервисна улица 1. Истата улица не е опфатена со Годишната програма (Ј) за комунални дејности на Општина Бутел, односно Општина Бутел нема поведено постапка за проектирање, изведување и градење на истата улица во изминатиот период. Општина Бутел како надлежен орган, нема поведено постапка за издавање на одобрение за градење на улица, нема издадено одобрение за градење на улица која ја опфаќа горенаведена катастарска парцела и не се јавува како инвеститор во изведбата на улицата. Согласно сознанија од граѓани, во периодот од 2019 до 2021 година, се вршени градежни активности на локацијата, односно поставување на асфалтот. Во горенаведениот период, од страна на инспекциска служба не е извршен инспекциски надзор и согласно тоа, за истата не е поведена инспекциска постапка за бесправно градење. Во однос на постапка за спроведена експропријација, Ве информираме дека Општина Бутел нема поведено постапка за експропријација, бидејќи согласно Годишната програма (Ј) за комунални дејности на Општина Бутел за 2023 година, не е предвидена реализација на новопланирана улица согласно Детален урбанистички план за Градска Четврт ССИ 01, Општина Бутел. Во прилог, Ви доставуваме известување по барање за информација (бр. 23-664/4 од 30.05.2023 година), доставено до Народниот правобранител (со адреса ул. „Македонија“ бр. 19 Скопје)“.

Не кажува кој ја изградил дивата улица, а во одговорот никаде не навел дека ќе преземе нешто околу нејзиното уривање, или барем да ги обесштети сопствениците.

Се работи за тешко кршење на уставно загарантираното право на приватна сопственост, за кое во моментот е загрижен само Народниот правобранител, каде беспомошните сопственички поднеле претставка за ова што им се случило.

„Ем не е мое, ем сè уште јас плаќам данок за 800-те квадрати на кои сега има асфалт“, вели сопственичката Лила Станоеска. (Фото: приватна архива)

Тие не живеат таму и случајно дознале дека за време на пандемијата на коронавирус, кога сите седеа дома, на нивниот плац некој изградил огромна улица. Претпоставуваат дека е општината, за да им се донесе асфалтиран пат на бројните дивоизградени куќи на тој потег. Оштетените препознаваат по тоа што некој од општината ставал и „легнати полицајци“ на улицата – дивоградба.

„Така оди во оваа држава: ние ќе плаќаме висок данок и за тоа што ни е украдено и што го немаме веќе, за овие што граделе на диво куќи и палати, а кои не платиле комуналии ни денар во општинската и во градската каса! Но важно е нашите градоначалници да не ја растурат коалицијата со ДУИ, па ако треба и цел плац да ни го узурпираат. Па барем нека не ослободат од данокот“, бара Станоеска.

Народниот правобранител од Општината (секторот за урбанизам) побарал да го извести дали Општина Бутел е инвеститор на посочената улица, и ако е, да му достават примерок од издадената градежна дозвола и да му одговори во рок од 30 дена и за тоа каков е карактерот на земјиштето и што е предвидено согласно урбанистички план на Општина Бутел.

Исто така, Омбудсманот бара да биде известен дали претходно се разрешени имотно-правните односи со лицата од кои евентуално треба да се одземат-експроприраат недвижности.

„Следствено на тоа, потребно е изјаснување дали за таа цел се планира и експропријација од недвижноста од подносителот на претставката, по колку м2 е навлезено во приватните сопствености, конкретно за поднесителот на претставката“, бара Народниот правобранител во обраќањето до секторот за урбанизам во Бутел.

На градоначалникот Дарко Костовски, пак, Народниот правобранител му кажува дека досега требало да преземе мерки за улицата на туѓ, на приватен имот.

„Народниот правобранител смета дека Општина Бутел со нејзино непостапување не ги почитува сопственичките права на нејзините граѓани. Односно, ако Општина Бутел не е инвеститор на конкретниот асфалтен пат, таа требало да преземе соодветни мерки за спречување на градбата од ваков вид без притоа да се прибави дозвола за градба и истовремено да се иницира прекршочни постапка за незаконската узурпација. Ако пак самата Општина го има изградено, тоа е во спротивно со законските прописи на државата, со што за изградбата претходно не е започната никаква постапка за расчистување на имотно-правните проблеми, впрочем и ја оправдува причината зошто не е издадена градежна дозвола“, реагира остро Народниот правобранител.

Во продолжение, Омбудсманот му укажува на градоначалникот дека оштетените сопственици имаат законско право да ја отстранат дивоградбата, ако градоначалникот се прави ненадлежен.

„Во случај патот да е изграден од непознат инвеститор, Општината има законски надлежности и соодветни механизми односно требала да дејствува кога нешто се прави во спротивно со законите и истото не требало да дозволи да се изгради, а особено поради фактот што со таквото постапување е оштетен подносителката на претставката. Ваквата состојба му дава за право на сопственикот на земјиштето да постапува по сопствена волја за отстранување на истото (да го отстрани асфалтираниот пат) со што земјиштето ќе го доведе во првобитна состојба прилагодувајќи ја за сопствените потреби/желби за да располага со неа, а кое произлегува од нејзиното право за сoпственост над тоа земјиште утврдено со закон“, укажува Народниот правобранител.

Тој уште еднаш од градоначалникот бара да преземе дејства за отстранување на констатираните повреди на Станоеска и семејството, „и тоа на начин што ќе започне постапка за експропријација на имот или со купување на имотот“ на кој лежи дивоизградениот асфалтен пат.

Општината и градоначалникот на Бутел имаат рок од нови 30 дена за одговор на ова второ обраќање.

С. К. ДЕЛЕВСКА


Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира