НАШИОТ ЖИВОТ СЕГА Е БОРБА ЗА НЕГОВИОТ, ВЕЛАТ МАЈКАТА И ЌЕРКАТА ЧОНЕСКИ ОД КРУШЕВО ШТО ЗГРИЖИЈА БОЛНО МОМЧЕ

НАШИОТ ЖИВОТ СЕГА Е БОРБА ЗА НЕГОВИОТ, ВЕЛАТ МАЈКАТА И ЌЕРКАТА ЧОНЕСКИ ОД КРУШЕВО ШТО ЗГРИЖИЈА БОЛНО МОМЧЕ„Почнавме со домашна дијализа, оти не е многу подвижен да го носиш по установи. Јас научив од болница сама дома да му ставам дијализа. Цела ноќ не спијам дури правиме дијализа, му помагам“, вели крушевчанката Калиопа Чонеска за згриженото 13-годишно момче кое 6 години живее со нив; - со ќерка си Ружица (Фото: СДК.МК)

Крушевчанката Калиопа Чонеска научи и дијализа да му дава на болното 13-годишно момче што е згрижено во нејзиниот дом. Вратата од домот за болното момче ја отворила пред шест години кога тоа било мало, а болките што ги трпело големи. Родено со сериозни нарушувања на ’рбетниот столб,  било неподвижно, не зборувало, имало хематоми на главата, бубрези со отежната функција. И покрај сериозната состојба, одлучила да го згрижи иако во домот имала две родени ќерки и уште две згрижени девојчиња, сестри од Велес.

„Ајде една, ајде друга операција на нозете. Денес е подобар во движењето, оди со помагало. Направивме операција на главата, многу тешка, осум саати траеше. Му се благодариме на доктор Митре Митрески, неврохирург од Охрид. Така добро го оперира, што детето нема последици. Рече сега може да почне да оди во редовно школо. Подоцна се јавија други здравствени проблеми,  тахикардија, покачен притисок, бубрезите дојдоа на конец. Ние шест години со катетри го државме. Ноќе станувавме да ги менуваме. Инфекција не се направи“, раскажува Калиопа.

„Ако во денот не се обврските што ги имам околу него не знам денот како ќе го поминам. Тој е толку благодарен. Кога ќе го прашам сакаш ли да те прошетам, оти се движи со помагало, ми одговара ’ако не ти е тешко’. Го сакаме како наше дете“, вели Калиопа; – Од државата доби скутер за болното момче (Фото: СДК.МК)

Чонески е едно од петте згрижувачки семејства во Крушево, со што градот е рекордер  во земјава во споредба со другите градови во внатрешноста.

Во грижата на Калиопа ѝ помагаат и ќерките Ружица и Фанче, кои израсна заедно со згрижени деца во домот на своите родители. Ружица веќе седум месеци има згрижено двегодишно дете со Даунов синдром. Кога човек со свои очи ќе види каква љубов, внимание, посветеност, но и медицинска грижа им пружаат на згрижените деца, му се враќа вербата дека на светот уште постојат вистински луѓе. Она што тие го прават за доброто на згрижените деца е повеќе одошто некои биолошки родители можат да го дадат.

„Почнавме со домашна дијализа, оти не е многу подвижен да го носиш по установи. Јас научив од болница сама дома да му ставам дијализа. Ми дадоа апарат, набавувам раствори. И секој ден по осум саати кутриот е врзан за апарат. Цела ноќ не спијам дури правиме дијализа,  му помагам. Пред да ја направиме сѐ дезинфицирам. Не смее бактерија да допри до него. Кога е учебна година, ноќе е на дијализа, за да може наутро да оди на школо. Животот наш сега е борба за неговиот живот“, вели Калиопа.

Таа на детето му пружа медицинска помош, иако завршила Виша економска школа. Работела  во трговија и во банка, но се затвориле и по смртта на маж ѝ ја прима неговата пезнија. Момчето пак, одлично е на школо, а неговата наставничка Тодица Нане придонела децата да го прифатат во одделението и да му помагаат. Додека бил на лекување му испратиле и шолја со слики и порака дека им недостига. Едно дете на школо му ја носи чантата, другото столче, трето пак го дружи на одмор…

„Ако во денот не се обврските што ги имам околу него не знам денот како ќе го поминам. Тој е толку благодарен. Кога ќе го прашам сакаш ли да те прошетам, оти се движи со помагало, ми одговара ’ако не ти е тешко’. Го сакаме како наше дете“, вели Калиопа.

Во домот има апарат и раствори за дијализа за болното момче (Фото: СДК.МК)

По чекорите на мајката, тргна и ќерката Ружица. Таа заедно со сопругот засега немаат свои деца, а пред седум месеци згрижија момченце со Даунов синдром. Вработена е во Центар за деца со посебни потреби и вели дека таму почувствувала колку чиста љубов можат да пружат овие деца.

„Кога го зедовме беше година и пол и тежеше само 5,5 килограми. Одвај за седум месеци успеавме да дојдеме до десет килограми. Сега сакаме да одиме на одмор и се шегувам дека конечно ќе може да го соблечеме по купаќи зашто претходно беше многу слаб. Детето е злато. Ми го исполни времето, ме направи среќна.  Главниот мотив беше да дадеш љубов и да примиш љубов. Јас од него добивам чиста љубов“, вели Ружица.

Малиот е алергичен на глутен, па Ружица станува рано наутро да му зготви храна.

„Имавме проблем кога го зедовме од Домот,  многу повраќаше и го однесовме на педијатар, тој нѐ упати на Одделението за гастро, имаше и рефлукс на желудечна кисечина и интолеранција на глутен.  Јас во 7,30 часот сум на работа, станувам од 5 часот за да му зготвам зашто јаде кашеста храна, сега почнаа заби да му растат, кога го зедовме немаше ни заби.  Мајка ми на ден Велики четврток му ги најде.  Ние сме 24/7 со нив. Но, навистина е благословена работа. Вложуваш многу труд, се вложуваш себеси, а добиваш чиста љубов како благодарност“, вели Ружица.

Ова лето на поседок кај семејството Чонески ќе дојдат и двете сестри од Велес кои пред неколку години  беа згрижени кај нив. Денес се полнолетни и живеат во Велес, но срцето им е сѐ уште со жената која ги прифати како мајка и нејзините ќерки кои ги сакаат како сестри.

Ж. ЗДРАВКОВСКА

 

 

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира