ОЗОНСКАТА ТЕРАПИЈА Е ПОДМЛАДУВАЊЕ НА ОРГАНИЗМОТ, НЕ МОЖЕ ДА ИМ НАШТЕТИ НА БОЛНИТЕ ОД КОВИД-19, ВЕЛИ Д-Р ПАТРИЦИЈА КАЛАМАРАС ОД „8 СЕПТЕМВРИ“

    ОЗОНСКАТА ТЕРАПИЈА Е ПОДМЛАДУВАЊЕ НА ОРГАНИЗМОТ, НЕ МОЖЕ ДА ИМ НАШТЕТИ НА БОЛНИТЕ ОД КОВИД-19, ВЕЛИ Д-Р ПАТРИЦИЈА КАЛАМАРАС ОД „8 СЕПТЕМВРИ“Д-р Патриција Каламарас, шеф на Одделот за инфективни болести во „8 Септември“ во разговор за САКАМДАКАЖАМ.МК за воведувањето на оваа метода на лекување на пациенти болни од КОВИД-19, вели дека во суштина се работи за напојување на ткивата со кислород на организмот на болниот, за подмладување и негова ревитализација. (Од личната архива на докторката)

    За првпат утринава, почна методата за лекување на пациенти болни од КОВИД-19 со озонирање на крвта. Методата која дава добри резултати во светот ја воведува кај нас Одделот за инфективни болести во болницата „8 Септември“ во Скопје.

    Пациентка болна од КОВИД-19 во тешка состојба, која се наоѓа приклучена на респираторна машина и пациент со средно тешка здравствена слика, кој е со кислородна поддршка, се пациентите на кои под специјални услови веќе им е земена количина на крв, збогатена со озон и вратена назад. Постапката ќе се повторува два до три пати неделно, од утрово па натаму, се чека ефектот од овој метод.

    Д-р Патриција Каламарас, шеф на Одделот за инфективни болести во „8 Септември“ во разговор за САКАМДАКАЖАМ.МК за воведувањето на оваа метода на лекување на пациенти заразени со коронавирус, вели дека во суштина се работи за напојување на ткивата со кислород на организмот на болниот, за подмладување и негова ревитализација.

    „Не брзаме, не ризикуваме со пациентите, првин да видиме како ќе оди по денешниот прв чекор. Овој вирус е нов, најнепознат и најчуден. Патолозите известуваат дека органите на починатите од КОВИД-19 се како изгризани од молци. Органите фактички им се самоуништуваат. Суштината на овој вирус е да ги уништи органите на заболениот, тој да нема доволно кислород. Озонската терапија воопшто не е штетна, ниту опасна. Тоа е всушност козметика, озонирање, подмладување на организмот, нешто што не може да причини штета“, вели д-р Каламарас и додава дека озонирањето не е нешто што се користи првпат во медицината, но за првпат се применува против коронавирусот.

    Пациентите и понатаму ќе бидат лекувани по протокол за КОВИД-19, a озонската терапија ќе претставува дополнување на истата, со цел подобра оксигенација на пациентите.

    „Постапката е многу едноставна. Се зема мало количество на крв, се озонира и вака обогатената крв повторно се враќа на пациентите. Целта на оваа терапија е обогатување на крвта со кислород. Сумирано, ефектите од терапијата со озонот се докажани, безбедни и со минимални несакани ефекти. Колку и да се движи медицината напред , сè уште нема докажана терапија за одредени вируси како што е во случајов коронавирусот, како и за бактерии и ова е терапија за постигнување на добар терапевтски одговор“, објаснува Каламарас.

    На Одделот за инфективни болести во „8 Септември“ во моментов има 8 пациенти на респираторни машини, што е најтешка форма во која може да се најде пациент заразен со коронавирус. (Фото: СДК.МК)

    Медицинската озон терапија е глобално призната како благотворна, дополнителна терапија која би помогнала во лекувањето кое си се одвива континуирано по протоколот. Озонот како терапевтски метод е истражуван веќе неколку декади. Ефектите се докажани, постојани со минимални несакани дејства. Озон терапијата своите почетоци ги бележи во 19. век по откриваањето на германскиот научник Ц. Ф. Шонбајн, а Никола Тесла го патентира првиот озон генератор. За време на Првата светска војна, докторите ги запознале делотворните дејства на озонот и со веќе неколкуте медицински сознанија започнале локално да го аплицираат озонот на инфицираните рани откривајќи дека озонот покрај тоа што има бактерицидно и фунгицидно, исто така има хемодинамско и антиинфламаторно дејство.

    „Озонската терапија користи 1-5% од озонот во 95-99% кислороден гас кој се нарекува медицински озон. Многубројните позитивни искуства во светот кои се документирани со бројни студии ни даде поттик озон терапијата да ја примениме кај нашите пациенти со што директно придонесуваме во подигање на терапевтската ефективност кон пациентот на едно повисоко ниво. Механизмот на делување е со инактивација на бактериите, вирусите, микозите и протозоите, го стимулира кислородниот метаболизам и прави активација на комплетниот имун систем“, вели инфектологот Каламарас.

    Шефицата на Инфективното одделение во „8 Септември“ вели дека има еден куп студии за лекување и помагање на пациенти со автоимуни и други заболувања, но дека има пациенти болни од КОВИД-19 кај кои со озонирање на крвта се воочило нагло подобрување на здравствената состојба. На пример, такви со средно тешка слика, престанале да користат кислородна поддршка.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира