ПО ОДЛУКА НА УПРАВЕН СУД, ЦЕНТАР ЗА СОЦИЈАЛНИ РАБОТИ ДОЗВОЛИЛ ДЕТЕ ЖРТВА НА ПОЛОВ НАПАД ОД ТАТКОТО ДА СЕ ГЛЕДА СО НЕГО ПОД НАДЗОР

ПО ОДЛУКА НА УПРАВЕН СУД, ЦЕНТАР ЗА СОЦИЈАЛНИ РАБОТИ ДОЗВОЛИЛ ДЕТЕ ЖРТВА НА ПОЛОВ НАПАД ОД ТАТКОТО ДА СЕ ГЛЕДА СО НЕГО ПОД НАДЗОРСудењето за половиот напад трае од 2018 година, но сè уште нема ниту првостепена пресуда. (Фото: Вештачка интелигенција)

Дете жртва на полов напад од својот татко е принудено да се гледа со него, откако Центарот за социјални работи Скопје дало дозвола, како на сè уште правосилно неосудено лице, со полно родителско право.

Според одлуката на Центарот за социјални работи за гледање на детето жртва со таткото, тоа треба да се случи во нивните простории и под надзор на социјален работник.

Но, мајката нема да го носи, ризикувајќи да биде пријавена и казнета, затоа што смета дека ако судовите и институциите не ги штитат правата на нејзиното дете за вакво тешко кривично дело извршено врз него, таа ќе го заштити.

„Детето се смета како жртва и тоа не треба да се гледа со обвинетиот сторител. Него го штитат: Законот за кривична постапка кој детето го третира како ранлива жртва, Законот за насилство врз жените и семејно насилство кој дава посебна заштита на децата, Конвенцијата за правата на детето, како и Законот за правата на детето. Мајката нема да го носи на видувањето, бидејќи детето е под трауми. Ако нема институција што ќе го заштити, таа ќе го стори тоа. Има лекарска потврда дека тоа дете е под тешки трауми и оти не може и не смее да се гледа со сторителот. Центарот за социјални работи во решението воопшто не се осврнува ни на лекарскиот извештај, ни на судењето и кривичната постапка против таткото“, реагира Наташа Бошкова, правната застапничка на детето–жртва на полов напад од родителот, бидејќи Центарот за социјални работи со однесувањето покажа според неа дека интересот на детето е во втор степен, првостепени се правата на родителот.

А овој обвинет за кривично дело Полов напад врз дете кое не наполнило 14 години, се суди уште од 2018 година и уште нема првостепена пресуда. Предметот веќе 6 години е кај судијката Љубинка Башеска во Основниот кривичен суд Скопје.

Иако адвокатката Наташа Бошкова ја добила тужбата за разумен рок и во мај Врховниот суд ја задолжил Башеска во рок од три месеци да го заврши судењето и да донесе одлука, сепак до денеска за ова исклучително тешко кривично дело, нема одлука.

Во такви околности, родителот неколку пати поднел барање до Центарот за социјални работи за видување со детето, но бил одбиван. Кога поднел тужба до Управниот суд, го добил случајот, односно правото да се гледа со детето врз кое според обвинението, извршил полов напад. Управниот суд ја донел одлуката врз база на тоа дека обвинетиот во моментов е невин човек, затоа што пресуда за овој случај – нема.

Се обративме официјално до Основниот кривичен суд Скопје, од каде што ни кажаа дека ниедно од судењата не било одложено по вина на судот.

„Согласно вашето прашање за предметот за кривично дело – Полов напад врз малолетник кој не наполнил 14 години, а по консултација со надлежниот судија, ве известуваме дека предметот е во завршна фаза, односно на следната главна расправа насрочена за 07.02.2024 година повикани се последните двајца вешти лица кои треба да се сослушаат. Потоа ќе се насрочат завршни зборови и објава на првостепената пресуда. За предметот се насрочувани редовни расправи и ниту една од расправите не била одложена по вина од судот, а воедно предметот е набљудуван и од Коалицијата сите за правично судење“, одговорија од Судот.

С. К. ДЕЛЕВСКА


 

 

ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира