ПО ПЕТ ГОДИНИ ВЛЕЧЕЊЕ ПО СУДОВИ ПРОФЕСОРКАТА АРЈЕТА ВЕЛИЈУ СЕ ВРАТИ НА РАБОТА

ПО ПЕТ ГОДИНИ ВЛЕЧЕЊЕ ПО СУДОВИ ПРОФЕСОРКАТА АРЈЕТА ВЕЛИЈУ СЕ ВРАТИ НА РАБОТАДиректорката на економско училиште во Тетово година дена не ја почитуваше одлуката на Врховниот суд и не ја враќаше отпуштената професорка на работа. - Професорката Арјета Велију (Фото: СДК.МК)

По пет години голгота помината низ судови, голем број судски рочишта, пресуди, жалби и повторни судења, професорката Арјета Велију Даути се враќа на работа во средното економско училиште „8 Септември“ во Тетово. Од понеделник, таа продолжува да работи како професорка по предмети од економијата.

„Едноставно, не ми се верува дека мојата битка е добиена и дека конечно се враќам на работа. Една битка, долга преку пет години, конечно е завршена и тоа успешно. Добив порака в четврток во 10 часот да се јавам кај директорката на училиштето за да отпочнам со работа. Се разбира, бев таму во предвиденото време, но директорката ја немаше. Но, тоа не беше ни важно. Одговорниот во училиштето ми рече дека треба да се видам со педагогот на училиштето за да ги добијам наставните програми. Во петокот, исто така, бев во училиштето за да го земам распоредот, а од понеделник и официјално започнувам со работа. Ќе предавам 4 предмети од областа на економијата со полно работно време од 20 часа и со работен однос на неопределено време“, со огромна радост зборува Арјета.

Арјета две и пол години со договор работела во општинското средно економско училиште „8 Септември“ во Тетово, каде предавала стручни предмети од економија. Кога во декември 2013 година бил распишан конкурс за прием на 11 професори за стручни предмети од економијата, Арјета не била помеѓу примените иако таа единствено ги исполнувала сите критериуми што биле барани во конкурсот. Директорката на економското училиште Рамие Куртиши не сакала ни да чуе за жалбите и приговорите на Арјета.

Од тогаш почнува нејзината битка по судовите за истерување на правдата. Го добила спорот со училиштето во Основниот суд во Тетово, Апелациониот суд во Гостивар ја поништил одлуката на тетовскиот суд за на крај Врховниот суд конечно да пресуди во полза на Арјета и таа да се врати на работа. Но, и тука не било крај на нејзините маки, бидејќи директорката Куртиши цела година не сакала да ја спроведе одлуката на Врховниот суд. За случајот се заинтересирале и интервенирале и Народниот правобранител и министерот за образование и медиумите, бидејќи станува збор за неспроведување на највисока судска одлука.

„Јас мислам дека без помошта на медиумите, телевизијата Алсат-М и порталот САКАМДАКАЖАМ.МК, кои пишуваа за мојот случај, уште ќе седев дома и безнадежно ќе чекав да се вратам на работа. Исто така, многу сум им благодарна и на министерот за образование и на Народниот правобранител кои помогнаа судската одлука конечно да се спроведе во училиштето. Јас во овие 5 години водев две големи битки и извојував две уште поголеми победи. После 10 години стерилитет конечно добив дете, мојата прекрасна ќерка Ерина, и втората победа беше моето враќање на работа. Сега останува да се најде работа и за мојот сопруг, но верувам дека и тоа брзо ќе се реши“, задоволно вели Арјета Велију Даути.

З. АНДОНОВ


Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира