ПРЕКУ ПЕТ ГРАДОВИ И ТРИ ЗЕМЈИ, КОСКЕНА СРЦЕВИНА ЗА ПРЕСАДУВАЊЕ СТИГНА ВО СКОПЈЕ КАЈ 16-ГОДИШНА ПАЦИЕНТКА БОЛНА ОД ЛЕУКЕМИЈА

ПРЕКУ ПЕТ ГРАДОВИ И ТРИ ЗЕМЈИ, КОСКЕНА СРЦЕВИНА ЗА ПРЕСАДУВАЊЕ СТИГНА ВО СКОПЈЕ КАЈ 16-ГОДИШНА ПАЦИЕНТКА БОЛНА ОД ЛЕУКЕМИЈАВо експертскиот тим на Клиниката за хематологија за трансплантаиите се директорката проф. д-р Ирина Пановска-Ставридис (во средина) и вишиот научен соработник д-р Александра Пивкова-Велјановска, проф. д-р Борче Георгиевски, асистент д-р Лазар Чадиевски, високите медицински сестри Габриела Трајковска и Мирјана Ѓуриќ, како и лекарите на специјализација д-р Милче Цветаноски, д-р Невенка Ридова, д-р Симона Стојановска и д-р Тара Ристевска. (Фото: Клиника за хематологија)

На 16-годишна пациентка на Универзитетската Клиника за хематологија во Скопје ѝ е извршена трансплантација на матични клетки од несроден донор, а материјалот за пресадување во земјава стигна преку патешествие низ пет градови во Полска и Германија. Директорката на Клиниката проф. д-р Ирина Пановска-Ставридис вели дека во овие вонредно тешки времиња на пандемија од ковид-19, за нив како професионалци  е огромен предизвик да овозможат непречено одвивање на овие интервенции, иако се  исклучително отежнати комуникацијата, соработката и транспортот на органот, односно матични клетки од периферна крв или свежа коскена срцевина.

На Клиниката за хематологија изминативе две години 16 болни се лекуваа со трансплантација на матични клетки од несроден донор. Директорката Пановска-Ставридис кажува дека за последната трансплантација на 16-годишната Л. Н., која живее во Приштина, Косово, беа користени повеќе превозни средства и два курири за транспорт на релацијата Познањ-Краков-Минхен-Берлин-Скопје-Клиника за хематологија.

„Куририте кои работат во компаниите за транспорт на ваков материјал се луѓе со висок професионализам и работата ја извршуваат и од хумани мотиви. Последниот транспорт го изврши курир чиј мотив за таа работа е лично искуство со заболен најдобар пријател од акутна леукемија кој се лекувал со трансплантација од несроден донор, но за жал не ја добил битката со тешкото заболување. Тој беше возбуден што органот кој го донесе после долг пат од 48 часа и три откажани авионски линии заради пандемијата ќе го добие млада 16-годишна пациентка“, вели д-р Пановска-Ставридис.

Клеточкиот продукт се транспортира според ЕУ регулативите за транспорт на орган и крвни продукти, во ладни контејнери на температура од +4 C и поради тоа се ослободени од регуларните радиографски контроли на аеродромите. Времето во овие донации е скапоцено, бидејќи органот (матичните клетки) имаат рок на употреба од најмногу 72 часа од периодот на колекцијата; – Од транспортот на материјалот за пресадување кај 16-годишната пациентка. (Фото: Клиника за хематологија)

Секоја донација на матични клетки има своја приказна. Досега на Клиниката пристигнаа матични клетки од Полска во неколку наврати, како и од Италија и Германија. Д-р Пановска-Ставридис вели дека матичните клетки се транспортираат од донорскиот центар каде се врши земање од периферна крв или коскена срцевина на несродниот донор до Клиниката за хематологија во Скопје. Постојат овластени компании за специфичен транспорт на ваков клеточен продукт, кои се вмрежени во комуникациите со македонскиот регистер на донори, европскиот регистер, центарот за колекција на продуктот и клиниката за хематологија. Протоколот за работа е однапред утврден со временски рамки кои вклучуваат време на почеток и завршување на донацијата на матични клетки и време на превземање на продуктот од европскиот донорски центар, кој е секогаш различен и се одбира да е најблиску до адресата на живеење на донорот. Во меѓувреме, се следат достапните начини за најбрз превоз на клетките до пациентот што треба да ги добие при трансплантација.

„Клеточкиот продукт се транспортира според ЕУ регулативите за транспорт на орган и крвни продукти, во ладни контејнери на температура од +4 C и поради тоа се ослободени од регуларните радиграфски контроли на аеродромите. Времето во овие донации е скапоцено, бидејќи органот (матичните клетки) имаат рок на употреба од најмногу 72 часа од периодот на колекцијата. Секој одминат час и минута ја намалува вијабилноста и квалитетот на матичните клетки. Поради тоа ние секогаш со нетрпение и возбуда ги очекуваме да пристигнат на Клиниката“, вели д-р Пановска-Ставридис.

Таа кажува дека во периодот од почетокот на ковид пандемијата досега успеале да изведат три несродни трансплантации на матични клетки. Една од нив беше во април, за 46-годишна пациентка со апластична анемија, кога сите земји имаа рестриктивни мерки, вонредна состојба и затворени аеродроми.

„Транспортот на тој орган беше најголем предизвик. Клеточниот продукт патуваше со воз, авион и кола. Најпрво пристигнаа со воз од Келн до Брисел, од каде со авион до аеродромот во Атина, Грција. Потоа, во организација на Кризниот штаб на Министерството за здравство со сувоземен превоз до граничниот премин Богородица и примопредавањето на материјалот поради затворени граници и карантин беше извршен на граничниот премин на нашата држава. Добивме огромна помош и ресурси од Владата и Министерството за здравство кои овозможија непречено матичните клетки да стигнат до пациентката на клиниката“, вели д-р Пановска-Ставридис.

Сродната трансплантацијата на матични клетки е интервенција која се спроведува на Универзитетска Клиника за хематологија од 2000 година, и за овие 20 години се реализирани скоро 600 трансплантации за болни со малигни хематолошки заболувања. Но, од 2018 се воведени две нови исклучително значајни тераписки процедури за македонската хематологија и медицина воопшто, трансплантација од несроден донор и полуидентична трансплантација на матични клетки.  Д-р Пановска-Ставридис вели дека трансплантацијата е тимска работа на повеќе субспецијалисти хематолози од Клиниката и институции со кои секојдневно соработуваат. Во експертскиот тим покрај неа се и вишиот научен соработник д-р Александра Пивкова-Велјановска, проф. д-р Борче Георгиевски, асистент д-р Лазар Чадиевски, високите медицински сестри Габриела Трајковска и Мирјана Ѓуриќ, како и лекарите на специјализација д-р Невенка Ридова, д-р Симона Стојановска, д-р Тара Ристевска и д-р Милче Цветаноски.

„Денес, по две години факт е дека довербата на пациентите да направат трансплантација на матични клетки на нашата клиника е висока, благодарение на документираниот број на успешни трансплантации зад нас. Тимот од клиниката веќе има големо искуство во извршување на овие сложени тераписки процедури, а континуираната едукација на кадар продолжува преку пренесување на знаењето на новите генарации на идни хематолози“, вели д-р Пановска-Ставридис.

Универзитетската Клиника за хематологија-Скопје во соработка со Институтот за имунологија и хумана генетика при Медицинскиот факултет во Скопје и Универзитетот Кирил и Методиј, со поддршка на Министерството за здравство лани во април ја стартуваше национална кампања „Биди срцевина, биди херој“, за да се подигне свеста за можноста преку запишување  во националниот дарителски регистар, секој да може да се понуди да спаси човечки живот дарувајќи коскена срцевина односно матични крвни клетки.

Во светскиот дарителски регистер денес членуваат над 30 милиони потенцијални дарители на матични клетки и  над 750.000 примероци на умбиликална крв. Во Светскиот регистер на доброволни донори членуваат 75 регистри од 53 земји и 53 банки за умбиликална крв од 36 земји. Македонскиот национален регистер е член на ова големо семејство на регистри на доброволни донори од 2012. Германскиот регистер на доброволни дарители на матични клетки брои над 7 милиони доброволни донори и е еден од најголемите регистри во Европа.

Тимот од клиниката веќе има големо искуство во извршување на овие сложени тераписки процедури, а континуираната едукација на кадар продолжува преку пренесување на знаењето на новите генарации на идни хематолози“, вели д-р Пановска-Ставридис (на сликата лево); – Со колегите од тимот, проф. д-р Борче Георгиевски и вишиот научен соработник д-р Александра Пивкова-Велјановска. (Фото: Клиника за хематологија)

„Активацијата на донор е стандардна процедура и беше применета и за потребите на Клиниката за хематологија кога на почетокот на 2019 за 13-годишнен пациент со апластична анемија пристигнаа матични клетки од Германија дарувани од 18-годишен доброволен донор. Свеста за донација на матични клетки, хуманоста и желбата за спасување на човечки живот на болен со сериозно смртоносно заболување во европските земји е на високо ниво“, вели д-р Пановска-Ставридис и додава дека бројот на дарители во македонскиот национален регистер е недоволен споредбено со просеците во светските регистри.

Секој нов потенцијален дарител значи поголема шанса за совпаѓање, побогат регистер, а со тоа и  можност за излекување на пациентите. Потребно е континуирано зголемување на бројот на здрави дарители на возраст од 18 до 50 години.  Дарувањето на матични клетки е динамичен процес бидејќи листата на потенцијални донори е менлива категорија. Во моментот во хрватскиот регистер на потенцијални донори на матични клетки се запишнаи 60.000 доброволни донори. Тоа значи според бројот на население во Македонија, би требало да има најмалку 20.000 потенцијални дарители, со што се зголемува можноста несроден донор да биде пронајден во националниот регистер на донори.

„Доброволен дарител на матични клетки може да биде секое здраво лице, на возраст од 18 до 50 години. Дарувањето значи хуманост и спасување живот. Секој доброволен донор треба да донира примерок од 5мл венска крв. Од тој примерок се прави ХЛА ДНК типизација со висока резолуција и генотипот се чува во компјутерската база на типизирани донори на националниот регистер. Преку регистерот компјутерски се врши пребарување во сите регистри кои се дел од Светскиот регистер на доброволни донори и се пронаоѓа најидеалниот совпадлив донор за пациентот. Целосната идеална генска совпадливост меѓу донорот и болниот е предуслов за успешно прифаќање и трансплантација на матичните клетки, вели д-р Пановска-Ставридис.

На почетокот на 2019 на Клиниката за хематологија се воведе уште еден тип на трансплантација, тоа е полуидентична трансплантација при што се користат фамилијарни донори кои се делумно генски совпадливи со болниот примател на матични клетки. Во период од една година се реализирани 4 полуидентични трансплантации кога за пациентите во три случаи даруваа членови од потесното семејство, мајка, брат, а во еден случај и донор кој беше прв братучед на пациентот.

Д-р Пановска-Ставридис вели дека очекува да расте бројот на вакви интервенции во наредниот период.  Таа вели дека условите на Клиниката за хематологија, по комплетната обнова, може да се споредат со оние во европските центри каде досега беа испраќани макеоднските пациенти. Клучно за успехот е и тоа што е воспоставен одличен систем на соработка помеѓу Клиниката за хематологија и Институтот за имунологија со околните центри за трансплантација во регионот и Европа кои се отворени за соработка, оти  клетките потребни за оваа процедура ги добиваат од нив.

Б. НЕСТОРОСКА

 

 

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира