ПРИ ПАРИ, ОСТАНАА БЕЗ ПАРИ, НЕКОЛКУ ИЛЈАДИ КОРИСНИЦИ НА ДОМАШНАТА ПЛАТЕЖНА КАРТИЧКА БАРААТ ПРОДОЛЖУВАЊЕ НА РОКОТ ЗА ТРОШЕЊЕ ПОРАДИ СЛОЖЕНИТЕ БАНКАРСКИ ПРОЦЕДУРИ

    ПРИ ПАРИ, ОСТАНАА БЕЗ ПАРИ, НЕКОЛКУ ИЛЈАДИ КОРИСНИЦИ НА ДОМАШНАТА ПЛАТЕЖНА КАРТИЧКА БАРААТ ПРОДОЛЖУВАЊЕ НА РОКОТ ЗА ТРОШЕЊЕ ПОРАДИ СЛОЖЕНИТЕ БАНКАРСКИ ПРОЦЕДУРИЕдни корисници не може да прочитаат дали добиле или не добиле картичка, други две три-недели не може да си ја земат картичката, им шета на погрешни адреси низ Македонија. Трети добиле, ама пинот не може да го вклучат...па од 322 илјади картички, околу 10 отсто останаа неподигнати илисе уште се неактивирани (Фото:СДК.МК)

    Фирдез И. од Скопје, невработена 61-годишна граѓанка од Шуто Оризари, добила платежна картичка за да купува домашни производи како помош на ранливите категории од страна на државата, но повеќе од две недели не може да ја користи. Никако жената не може да дојде до пинот на картичката.

    Тешко ѝ оди со активирањето на платежната картичка, а рокот за користење на картичката тече. Според владината одлука, 15 август е последниот ден.

    Фирдез отишла во маркет да пазари, среќна добила помош од државата, се разочарала. Ѝ кажале дека не може да купува со платежната картичка, мртва ѝ е, треба да ја активира.

    Таа е неписмена. Вели во општината каде што живее, со истиот проблем се соочуваат и други корисници. Едни не може да прочитаат дали добиле или не добиле картичка, други две три-недели не може да си ја земат картичката. Трети добиле, ама пинот не може да го вклучат.

    „Ми кажаа јавувај се на овој телефон во банката. Вртев упорно, но ми пуштаа музика. На припејд сум, музиката ми ги потроши сите пари“, вели Фирдез за САКАМДАКАЖАМ.МК.

    Отишла во банката. Цел ден чекала надвор поради коронавирусот и кога влегла, во експозитурата ѝ кажале дека ќе добие инструкции на мејл.

    Но, Фирдез нема мејл. Нема ни компјутер. Во тој случај, ѝ кажала вработената во банката, ќе добиете пин на смс-порака, а вие само треба податоците да ги ажурирате на веб страната на банката. Таа е неписмена и податоците не може да ги ажурира, а банката поради заштита бара ажурирањето да го направи лично странката.

    Од банката велат„Мора корисничката да се дигитализира“.

    Истиот одговор го добивме и од Министерството за финансии. На нашето прашање како ќе се регулира дистрибуцијата и користењето на картичките кај граѓаните кои не се информатички писмени и поради тоа не може да ги ажурираат податоците како што им наложува банката и се уште не може да си го активираат пинот, од Министерството одговорија дека мора да се дигитализираат некако и оти во 21 век не може поинаку да се функционира.

    Во друг случај пак, во категоријата награда за лекарите кои се борат со коронавирусот, картичката никако да пристигне на адресата од личната карта. Лекарот направил вистинска потрага преку банката, преку службата за брза пошта која банката ја најмила да ги дистрибуира картичките, по упорно вртење телефони и потегнување врски дознал дека неговата картичка завршила во друг град. Причина – и двете места имаат улици со името Браќа Миладинови. Сега картичката треба да се врати назад во банката, од банката викаат ние имаме договор со брза пошта и… Му рекле дека картичката веќе петти ден патува назад кон централата на банката. Но, времето за трошење на картичката истекува.

    Според истражувањето што го направи САКАМДАКАЖАМ.МК околу 8 до 10 отсто, или близу 32 илјади граѓани од сите четири категории, од разни причини не ги добиле платежните картички или ги добиле, а не може да ги користат. Ја прашавме Владата дали може да се продолжи рокот за користење на платежните. Во очекување сме на одговорот.

    Според она што го кажуваат извисени апликанти од средните училишта кои исполнуваат услови од категоријата „млади лица“, не е чудно и таму да е најголемиот процент на недобиени платежни картички, кои воедно се и на најмалиот износ, 3.000 денари. Само во една фирма со 10 вработени, по едно од децата на двајца од вработените нема добиено картичка.

    Во првиот случај Луна Д. (17) и родителите, знаејќи дека детето ги исполнува условите, поклониле верба во државата и воопшто не помислиле дека нема да ги добие ветените 3.000 денари. Со тоа, тие го испуштиле рокот за приговор.

    Но дека и да приговарале би било залудно, зборува примерот со Ана М. (17), детето на другиот вработен од истата фирма. Тие навреме забележале дека Ана ја нема на списокот добитници на платежна картичка за млади, па уредно си поднеле приговор. Но и покрај приговорот, девојчето пак не беше ставено на списокот, иако го исполнува условот да има полни 16 години. Ѝ рекле дека тоа било обврска на средното училиште.

    Овој случај го покажува спротивното од она што го тврди Министерството за финансии кое вели дека прифатило 5.000 приговори на средношколци.

    „На пример кај групата млади – средношколци и студенти запишани на државните школи и универзитети за која листата ја обединуваше Министерството за образование и наука, се покажа дека имало над 5.000 лица кои ги немало на листата, чии приговори беа прифатени по извршените проверки“, тврди Миниистерството и додава: „Нашата институција нема информација за приговор од лице кое ги исполнува условите – а истиот да бил одбиен“.

    Но, Министерството додава дека сепак дата-базите ги полнат луѓето, за потоа да бидат податоците на располагање.

    „Така, процесот не можеме да кажеме дека воопшто може да биде безгрешен, а дополнително и секогаш се може да се направи подобро во иднина. Затоа граѓаните кои не се нашле на објавената листа на kupuvamdomasno.gov.mk можеа да достават приговор“, вели Министерството за финансии.

    Првичната објавена листа на граѓани на кои им следи домашна платежна картичка броеше над 322 илјади корисници. Од пристигнатите околу 65.000 маил пораки, 46.000 биле приговори кои беа категоризирани и испратени за проверки до надлежните институции.

    Од нив прифатени беа околу 20% односно над 9200 приговори од кои 5.800 млади лица од 16 до 29 години, 700 невработени лица со низок доход и околу 2.700 вработени лица со низок доход, велат од Министерството.

    На прашање што е со картичките што стигнуваат на погрешна адреса и дали тие средсва може да се злоупотребат, Министерството за финансии вели:

    „Сите неискористени средства, вклучително оние од активирани картички кои нема да се потрошат, како и средствата кои банките ги имаат добиено за картички кои воопшто не биле издадени на граѓани по 15 август ќе бидат вратени во Буџетот“.

    Министерството опишува дека картичките се активираат на многу едноставен начин. Девет банки кои се во проектот издаваат домашни платежни картички, а секоја банка има своја постапка за активирање на картичката – кај дел од банките при самото подигнување на картичката таа е веќе активна, кај друг дел од банките се активира на банкомат или пак на било кој ПОС терминал преку контактна трансакција потврдена со претходно добиениот ПИН и не побарува граѓаните да имаат пристап до интернет.

    Банките имаат контакт-центри кои се постојано на располагање за граѓаните за сите нивни прашања. Сепак има одредени стандарди и процедури кои треба да обезбедат сигурност и заштита за граѓаните и нивните средства.

    „За прашањето за изгубена домашна платежна картичка – важат истите правила како и за секоја платежна картичка и се постапува на истиот начин. Потребно е носителот на картичката да се јави во контакт-центарот на банката која ја издала картичката и истата да ја блокира за да се стопира нејзиното користење“, се наведува во одговорот.

    „Активацијата на домашните платежни картички е како и за секоја друга платежна картичка, нема поинаква или посложена процедура. Како што посочивме, покрај главната цел на мерката, истата беше димензионирана на начин да се постигнат и други ефекти кои се круцијални за нас како земја на патот кон современо и поразвиено општество – една од нив е токму стимулирањето на безготовински плаќања кои се поврзани со намалувањето на неформалната економија. Веруваме дека со овој проект не само што значајно ќе се зголеми бројот на граѓани кои имаат платежни картички, туку и ќе се влијае кон промена на навиките и воопшто кон трасирање на патот за безготовинско општество кон кое се стремиме“, велат од Министерството за финансии.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

     

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира