ПРВИОТ ПАРЛАМЕНТ ПОКАЖА ВИСОКА КУЛТУРА ЗА КОМПРОМИС, ВЕЛИ ПРВИОТ НЕЗАВИСЕН ПРАТЕНИК Д-Р ДИМИТАР ТРПЕНОСКИ

    ПРВИОТ ПАРЛАМЕНТ ПОКАЖА ВИСОКА КУЛТУРА ЗА КОМПРОМИС, ВЕЛИ ПРВИОТ НЕЗАВИСЕН ПРАТЕНИК Д-Р ДИМИТАР ТРПЕНОСКИДимитар Трпеноски беше првиот независен пратеник во првиот состав на повеќепартиското Собрание. - (Фото: СДК.МК и приватна архова)

    25god

     

     

    Со интервјуто со д-р Димитар Трпеноски, кој беше првиот независен пратеник во првиот состав на повеќепартиското Собрание, САКАМДАКАЖАМ.МК ја продолжува серијата прилози посветени на 25-годишнината од осамостојувањето на Македонија. Во текот на месецов ќе следат интервјуа со пратеници и функционери од првиот состав и други јавни личности, фотогалерии и видеа од историските настани за осамостојувањето на државата.

    Независниот пратеник примариус д-р Димитар Трпеноски (82), од Струга, по професија лекар специјалист хирург, кој завршил специјализација во Воено-медицинската академија во Белград и постдипломски студии по хирургија на Медицински факултет во Белград, за САКАМДАКАЖАМ.МК за 25-годишнината од независноста на земјата, за првпат зборува за бурните настани и клучните моменти во формирањето на Република Македонија како суверена самостојна и независна држава. Трпеноски беше пратеник од 1991-1998 година. Во вториот мандат, беше на листата на Сојузот за Македонија.

    Зошто решивте да бидете независен пратеник? Кога се случи тоа?

    Прво, сакам да кажам дека беше донесен Изборен законик во кој беше предвидено инсталирање на повеќепартиски изборен ситем со мнозински изборен модел, во кое постоеше рамка  и за израз на волјата на граѓаните и можноста за кандидирање на независни пратеници. Моите мотиви за прифаќање на кандидатурата на група граѓани, 150 потписи, беа следните: прво, не бев предложен од ниту една политичка партија. Второ, чувствував потреба и имав желба да учествувам во изборите за да го преиспитам мојот углед кај граѓаните како хирург во струшката болница, каде што 20 години деноноќно ја обавував хирушката дејност. Имав желба да видам какви се можностите во еден повеќепартиски плурален Парламент за изразување на ставовите и погледите на независните пратеници.

    На изборите учествуваа 12 партии, во изборната единица 67, каде има руралните населби во подножјето на планината Јабланица, од селото Октиси па до Дренок. Сега тој дел е во Општина Струга. И во тие избори јас го добив пратеничкиот мандат, добив околу 3.500 гласови, односно најповеќе од сите кандидати на сите 12 политички партии. Јас од политиката се повлеков во 1998 година, кога заминав во пензија. Сметам  дека се оддолжив на граѓаните од тогашната 67-ма изборна единица, на тој начин што иницирав изградба на водоводи во селата Боровец и Подгорци, како и телефонска инсталација во Долни Дримкол. А бидејќи бев пратеник од областа на здравството, иницирав вработување на здравствени кадри во струшката болница од овој рурален крај покрај другите.

    Ако не е тајна, колку ве чинеше кампањата?

    Мојата програма ја изложив само на радио. Ја платив промоцијата на програмата на радио, за разлика од сега кога партиите трошат голем суми пари за рекламни кампањи, мојата кампања тогаш ме чинеше колку сега три кафиња.

    Што ви остана во сеќавање од бурните настани во 1990-тите?

    По конституирањето на Парламентот и изборот на претседател на Собранието  и четворица потпретседатели, на првата седница се појави и првата сопка во првите чекори на повеќепартизмот, која химна прво да свири, македонската или југословенската. Имаше различни ставови и караници и атмосферата на почетокот беше напната, но карактеристично беше што за брзо време се најде компромис. Прво се интонираше македонската химна, како израз на волјата за осамостојување на македонската држава, а потоа  југословенската, како почит према бившата федерална држава каде асномска Македонија беше признаена од членките на федералната држава, а и од меѓународната заедница вклучувајќи ги и ОН.

    Мојата кампања тогаш ме чинеше колку сега три кафиња, вели д-р Трпеноски

    Мојата кампања тогаш ме чинеше колку сега три кафиња, вели д-р Трпеноски

    Втората сопка беше изборот на претседател на државата. На денот на изборот, постоеше вишок политички набој на несогласување во Парламентот. И тогаш, осетив потреба како независен пратеник да ги замолам пратениците и лидерите на партиите да го избереме Киро Глигоров за претседател, затоа што тоа претставува историска шанса за избор на претседател од страна на повеќепартиски  Парламент. “Ве замолувам да го избереме Киро Глигоров за претседател на државата и еднаш засекогаш да ја симнеме од нас етикетата која ни се лепи, дека го поседуваме синдромот на меѓусебното македонско самоуништување“, реков. Бев  изненаден од аплаузот од лидерите на политичките  партиите. Но, за жал во првиот круг не се избра претседател. Но, брзо се постигна  договор и Киро беше избран за претседател. На тој човек од морален аспект треба да му оддадеме признание за менаџирањето заедно со политичкиот и државниот врв на бескрвното мирно осамостојување на Македонија. На тој начин немаме жртви на граѓаните на РМ во време кога во сите поранешни Ју -држави беснееше виорот на војната. Морам да ја истакнам политичката култура на сите пратеници во првиот Парламент во изнаоѓањето брзи компромисни решенија за клучните прашања.

    „Кога претседателот на Собранието Стојан Андов рече ’кој е за’, ние тројцата независни пратеници седевме во првите редови. Дигнав рака и погледнав кај пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и видов дека сите дигнаа рака. На левата страна видов дека пратениците на ПДП седеа со скрстени раце. Уставот се донесе“. (архивска снимка)

    „Кога претседателот на Собранието Стојан Андов рече ’кој е за’, ние тројцата независни пратеници седевме во првите редови. Дигнав рака и погледнав кај пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и видов дека сите дигнаа рака. На левата страна видов дека пратениците на ПДП седеа со скрстени раце. Уставот се донесе“. (архивска снимка)

    Трета пречка, беше на денот на донесување на првиот Устав на независна Македонија. Во дебатата се проблематизираше единствено преамбулата. Уставот, кој беше изработен од експертска група, од научната јавност пред неговото донесување, беше окарактеризиран, цитирам:  професорката Гордана Давкова-Силјановска рече дека е граѓански устав, Коле Мангов – дека се работи за модерен Устав. ПДП, партијата на Албанците, даде епитети на првиот Устав. Абдурахман Алити рече дека е “успешен текст на модерен Устав“, пратеникот Насер Зибери имаше начелна забелешка:„Устав, кој покрај демократски и модерни принципи има и ретрограден пристап“. Причината беше што во преамбулата стоеше дека Република  Македонија е национална држава на македонскиот народ, и на националните малцинства. Забелешка беше што терминот од поранешниот Устав, народност, беше заменет со малцинство. Почитуваниот господин  Насер  Зибери  како забелешка рече: „Треба да стои дека покрај национална држава на македонскиот народ е и држава на дел од албанскиот народ што живее во Македонија. Но, сметам дека тоа не беше проблем кој не можеше да се премости, а се смета дека е и изворната причина за конфликтот во  2001 година, кога се потпиша Рамковниот договор. Мислам дека со една дебата можеа да се премостат недоразбирањата.

    Како и да е, Уставот беше изгласан со големо мнозинство. Меѓутоа, сакам да напоменам дека атмосферата пред и за време на донесување на Уставот беше многу напната, политички силно тензична, а и за мене како независен пратеник неизвесна. Кога претседателот на Собранието Стојан Андов рече „кој е за“, ние тројцата независни пратеници седевме во првите редови. Дигнав рака и погледнав кај пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и видов дека сите дигнаа рака. На левата страна видов дека пратениците на ПДП седеа со скрстени раце. Уставот се донесе.

    Како го доживеавте изборот на првата експертска Влада и Декларацијата за самостојност?

    Треба да се одбележи и изборот на експертска влада. Тој е паметно избран модел во констелацијата на тогашните односи, бидејќи постоеше политичка, правна, економска и безбедносна криза, мудар модел за одбегнување криза. Експертската влада даде забележителни решенија, што доведе до монетарно, воено-полициско, безбедносно и економско осамостојување и направи рамка за реформирање на институциите. На пример, тогаш се реформира и здравствениот модел, се донесе нов Закон за плурален модел за здравствена заштита, јас бев потпретседател на собраниската комисија за здравство. Со него се изврши централизација на придонесите за здравство во државниот Фонд за здравствено осигурување и се овозможи одржување на постоечката здравствена мрежа која беше многу широка, а општините беа економски исцрпени и неспособни да го финансираат постојното здравство.

    Трпеноски беше единственикот пратеник од Македонија на првиот Семакедонски конгрес во Перт, Австралија, на 7 мај, 1993

    Трпеноски беше единственикот пратеник од Македонија на првиот Семакедонски конгрес во Перт, Австралија, на 7 мај, 1993 (архивска фотографија)

    Понатака, битно со висок политички консензус, е донесување на  декларациајта за самостојност. Во дебатата пак постоеше тензична атмосфера, и беа исфрлени на политичката сцена две опции, едната на ВМРО-ДПМНЕ, Собранието да донесе одлука за осамостојување, и втората, на другите пратеници, дека тоа треба да се направи на референдум. За одбележување е дека и тука се постигна консензус. Референдумот беше успешен и Собранието имаше политичка основа да ја донесе одлуката за осамостојување на Република  Македонија, односно да стане суверена демократска држава  со полн суверенитет. По донесување на Уставот, Декларацијата и Референдумот, за Република Македонија се произнесе и врховното независно судско тело на ЕУ на чело со Бадентер. Европското судско тело заклучи дека Словенија и Македонија ги исполнуваат условите за суверена и самостојна држава. После ова, македонската дипломатија во тоа време во европските метрополи ја иницираше потребата од признавање на Македонија од страна на членките на ЕУ. Меѓутоа, по добивањето на пресудата на Бадентер, јас во Парламентот реков: „Да не губиме време и да не шетаме по европските метрополи, држави се признаваат во ОН. Ние ја поседуваме пресудата на Бадентер, со нејзе во рака и барањето за  признавање на македонската држава како суверена и самостојна да се даде во ОН. Како што знаеме, ООН ја призна Република Македонија како држава но со привремено име, поради  спорот со Грција.

    Според тоа, првиот Парламент ги постави сите репери и темели за функционирање на Македонија како суверена и самостојна држава. Потребно е изградба на политичко единство околу прашањето за симнување на привременото име на Македонија кое постои и денес. Можам да заклучам дека првиот Парламент покажа висока политичка култура во создавање на политички компромис по клучните прашања битни за Македонија.

    Зошто ве нема на приемите по повод годишнините од независноста?

    Во очи на прославата на 25 години од независноста на 8. Септември пак имам покана за присуство. Меѓутоа, сакам да кажам  дека долго време не одам на тој прием поради неадекватниот третман  на пратениците од првиот Парламент. Голем дел од пратениците од првиот Парламент не примаа плата како вработени во Парламентот, туку од организациите каде беа вработени. Знам дека сите не се во можност, да дојдат. Граѓаните треба да направат разлика меѓу бенефициите што ги имаа пратениците во првиот, и во сегашниот парламентарен состав. Ние како пратеници имавме право на автобус, немавме никакви надоместоци, членување во управни одбори и слично.Разликата е еклатантна. Испаѓа дека мотивите сега за членство во партија и кандидирањето се повеќе материјални.

    Која е клучната разлика меѓу Македонија тогаш и сега?

    Мислам дека тогаш се одвиваа позитивни демократски промени. Сега се одвиваат ретроградни процеси. Дури ако се направи споредба со поранешниот еднопартиски модел, можам да кажам дека демократијата и тогаш беше задоволувачка. А сега, демократијата е во ретрограден процес поради партизацијата на институциите. Тие го даваат ликот на државата. Правната држава е на ниско ниво и тешко се справува со хаосот во сите сфери.

    Се дружевте ли со другите пратеници од првиот парламентарен состав?

    Ние останавме и сега во одлични односи, без оглед на националната припадност. Се сретнуваме, разговараме, не оставивме никакви пречки за културно меѓусебно однесување. Сакам да нагласам дека ПДП беше партија составена од разумни интелектуалци спремни за компромис за сите прашања. Во политичките партии, бидејќи изборниот модел на првите парламентарни избори беше мнозински, во епицентарот беше  ставен  човекот. Сега имаат предност партиските ставови и хомогенизацијата во партиите, а мислам дека тоа е поради високата платена положба на сегашните пратеници, во споредба со пратениците од првиот парламентарен состав, чија плата беше во висина на сегашната просечна плата.

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари