ИСТРАЖУВАМЕ ЗОШТО ИМУНИОТ СИСТЕМ КАЈ НЕКОИ ПАЦИЕНТИ НЕ СЕ СПРАВУВА СО КОРОНАВИРУСОТ И КАКО ДА СЕ ИНТЕРВЕНИРА, ВЕЛИ ПРОФЕСОРОТ ДИМИТАР ЕФРЕМОВ ОД МЕЃУНАРОДНИОТ ЦЕНТАР ЗА ГЕНЕТСКИ ИНЖЕНЕРИНГ И БИОТЕХНОЛОГИЈА ВО ТРСТ

    ИСТРАЖУВАМЕ ЗОШТО ИМУНИОТ СИСТЕМ КАЈ НЕКОИ ПАЦИЕНТИ НЕ СЕ СПРАВУВА СО КОРОНАВИРУСОТ И КАКО ДА СЕ ИНТЕРВЕНИРА, ВЕЛИ ПРОФЕСОРОТ ДИМИТАР ЕФРЕМОВ ОД МЕЃУНАРОДНИОТ ЦЕНТАР ЗА ГЕНЕТСКИ ИНЖЕНЕРИНГ И БИОТЕХНОЛОГИЈА ВО ТРСТ„Моите истражувања се главно насочени кон изнаоѓање на нови терапии за одредени типови на малигни хематолошки болести. Меѓутоа, со оглед на тоа што повеќето малигни хематолошки болести се болести на имуниот систем, а од имуниот систем зависи дали организмот ќе успее адекватно да се справи со коронавирусот, одлучив во почетокот на мај и ние да се вклучиме во истражувањата за КОВИД-19.“, вели професорот Димитар Ефремов. (Од личната архива на професорот)

    Професорот д-р Димитар Ефремов, кој раководи со Одделот за молекуларна хематологија на Меѓународниот центар за генетски инженеринг и биотехнологија во Трст, Италија, изминатите два месеца е вклучен во истражувањата на КОВИД-19, а иницираше и соработка со негови поранешни колеги од Медицинскиот факултет од Скопје, пред сè, д-р Ирина Пановска-Ставридис, директорка на Клиниката за хематологија. Негов примарен интерес се истражувањата насочени кон изнаоѓање на нови терапии за одредени типови на малигни хематолошки болести, кои се болести на имуниот систем, а токму од имуниот систем зависи како организмот ќе се справи со коронавирусот.

    Во разговор со САКАМДАКАЖАМ.МК, тој зборува за неговата работа поврзана со истражувањата на КОВИД-19, заедничкиот проект со македонските колеги, предизвиците со кои се соочуваат, потенцијалните терапии за коронавирусот…

    „Моите истражувања се главно насочени кон изнаоѓање на нови терапии за одредени типови на малигни хематолошки болести. Меѓутоа, со оглед на тоа што повеќето малигни хематолошки болести се болести на имуниот систем, а од имуниот систем зависи дали организмот ќе успее адекватно да се справи со коронавирусот, одлучив во почетокот на мај и ние да се вклучиме во истражувањата за КОВИД-19. Дополнителна причина за тоа беше фактот што во центарот во Трст има неколку истражувачки групи со значајна експертиза од областа на вирусологијата кои веќе работеа на оваа проблематика, а исто така беше покрената и иницијатива за соработка од некои мои поранешни колеги од Медицинскиот факултет во Скопје, пред сè проф. Ирина Пановска-Ставридис од Клиниката за Хематологија. Со проф. Пановска-Ставридис приготвивме и заеднички проект за финансирање до мојата институција во кој ќе земат учество и други институции од Македонија, меѓу кои Клиниката за инфективни болести и Министерството за Здравство“, вели Ефремов.

    За истражувањата на коронавирусот вели дека најголемиот предизвик беше и сè уште е трката со времето. Ургентноста на проблемот, вели тој, доведе до некои избрзани и понекогаш погрешни проценки и препораки, особено во почетната фаза на пандемијата. Вели дека се направиле грешки на почетокот со бројни неосновани теории во однос на настанокот и ширењето на вирусот, неосновани тврдења дека заштитните маски не штитат и не треба да се употребуваат, се дало преголемо значење на респираторните машини, а имало и доста клинички студии кои беа лошо организирани и не дадоа корисни информации. Но, тој смета дека во последниве 2-3 месеци работите тргнаа во добар правец, посебно што пред неколку недели беше одобрен за употреба првиот лек против вирусот, а верува дека наскоро ќе има и други одобрени лекови, а кон крајот на годината може да се очекува да станат достапни и првите вакцини.

    Професорот Ефремов во 1987 година прв на ниво на Југославија ја вовел ПЦР методата, која денес се користи за дијагноза на КОВИД-19, во 1998 година ја формирал првата лабораторија за молекуларна дијагностика на Медицинскиот факултет во Скопје. (Од личната архива на професорот)

    „КОВИД-19 е болест која има неколку фази, а секоја фаза има свои специфики и бара различен тип на интервенција. Во првата фаза има само инфекција на горните респираторни патишта со која имуниот систем кај најголемиот дел пациенти успева релативно лесно да се справи. Меѓутоа, кај 10-20% од пациентите имуниот одговор е неадекватен и болеста прогресира во втората фаза каде има зафаќање на белите дробови, а кај околу една третина од овие пациенти болеста преминува во третата фаза каде има прекумерна реакција на дел од имуниот систем и поради тоа попуштање на бројни органи. Секоја од овие фази бара различен терапевтски приод. За првата и втората фаза најкорисни се лекови кои го успоруваат размножувањето на вирусот, како што е лекот ремдесивир кој беше одобрен за употреба пред неколку недели, а во третата фаза лекови кои ја намалуваат прекумерната активација на имуниот систем, како што се тоцилизумаб, руксолитиниб или дексаметазонот за кој видов дека се пишуваше и во нашите медиуми. Целта на нашите истражувања е да утврдиме зошто кај некои пациенти имуниот систем не успева да се справи со инфекцијата во почетните фази и дали тоа може да се предвиди и евентуално да се интервенира. За таа цел испитуваме два сегменти од имуниот систем. Едниот се таканаречените природни антитела, тоа се вид на антитела кои се во состојба да неутрализираат различни вируси и кои имуниот систем ги произведува независно од претходни инфекции или вакцинации, а вториот сегмент се цитотоксичните Т лимфоцити, тоа се клетки чија функција е да ги убиваат инфицираните клетки и на тој начин да спречат инфекцијата понатаму да се шири. Иницијалните испитувања покажуваат одредени промени кои евентуално би можеле да предвидат прогресија во напреднатите фази, меѓутоа за подефинитвни резултати ќе бидат неопходни барем уште неколку месеци интензивна работа“, објаснува Ефремов.

    За студиите во однос на крвната група, кои сугерираат дека лицата со крвна група А имаат поголем ризик да прогресираат во напреднатите фази на болеста, додека оние со нулта крвна група се релативно заштитени, тој смета дека можна причина за ова е различната продукција на природните антитела и на такви антитела работи и тој.

    „Има некои студии кои сугерираат дека овие антитела, покрај тоа што се врзуваат за различни типови на вируси, се врзуваат и за еритроцити од крвната група А и затоа организмот овие антитела мора да ги отстрани. Бидејќи овие антитела не се врзуваат за еритроцити од нултата крвна група, кај овие лица нивото на ваквите антитела во крвта е многу повисоко. Инаку, вакви антитела произведуваат и малигните лимфоцити кај хроничната лимфоцитна леукемија, која е болеста на која најмногу работев во последниве 25 години. Од таму произлезе и идејата за нашите студии на КОВИД-19. Во однос на можностите овие сознанија да се искористат за терапевтски цели, ние моментално работиме на продукција на неколку такви антитела и верувам дека за неколку недели ќе бидеме во состојба да испитаме дали овие антитела можат да го неутрализираат вирусот, односно да го оневозможат неговото влегување во клетките. Доколку ова се потврди, би се отворила можност за употреба на вакви антитела за терапија. Исто така, терапевтски импликации имаат и студиите со цитотоксичните Т лимфоцити, бидејќи доколку се потврдат иницијалните резултати добиени во соработка со Клиниката за хематологија во Скопје, ќе има можност кај некои пациенти да се интервенира со лекови кои се во состојба да ја зголемат активноста на овие клетки. Веќе постојат неколку такви лекови кои се употребуваат во третманот на некои малигни болести. Кај КОВИД-19 проблемот е што постои ризик од прекумерна активација на имуниот систем што исто така може да доведе до значајни оштетувања на организмот. Затоа, при клинички испитувања со вакви лекови ќе биде неопходна голема претпазливост и детално познавање на состојбата на секој поединечен пациент“, вели Ефремов.

    Поновите истражувања, вклучувајќи една сè уште необјавена студија од неговиот центар, укажуваат дека коронавирусот ги инфицира клетките кои ги обложуваат крвните садови во белите дробови, што доведува до формирање микротромбови и запушување на крвните садови. Кај пациентите со кардиоваскуларни болести и дијабет крвните садови се веќе оштетени и ризикот да се јават овие микротромбови е поголем.

    „Терапевтски импликации имаат и студиите со цитотоксичните Т лимфоцити, бидејќи доколку се потврдат иницијалните резултати добиени во соработка со Клиниката за хематологија во Скопје, ќе има можност кај некои пациенти да се интервенира со лекови кои се во состојба да ја зголемат активноста на овие клетки.“, вели професорот Ефремов. – Професорката Ирина Пановска-Ставридис од Клиниката за хематологија (Фото: СДК.МК)

    „Понови истражувања на промените кои настануваат во белите дробови на пациентите починати поради КОВИД-19, вклучувајќи и една сè уште необјавена студија од мојот центар, укажуваат дека меѓу најдраматичните оштетувања кои настануваат во белите дробови се оштетувања во крвните садови. Причина за тоа е што вирусот ги инфицира и клетките кои ги обложуваат крвните садови, што доведува до формирање на микротромбови и запушување на крвните садови. Со оглед да крвните садови кај пациентите со кардиоваскуларни болест и дијабет се веќе оштетени поради овие болести, ризикот да се јават вакви микротромбови е многу поголем. Покрај ослабнатиот имунитет, претходни оштетувања на крвните садови се веројатно главната причина за многу поголемата смртност кај повозрасните во однос на помладите пациенти. Исто така, ова е веројатно и причината за поголемата смртност кај мажите, со оглед на поголемата зачестеност на кардиоваскуларните болести во машката популација“, објаснува Ефремов.

    На прашањето зошто кај некои млади луѓе доаѓа до тешка форма на болеста, тој вели дека во последните неколку недели биле објавени неколку студии кои ја испитуваат асоцијацијата помеѓу одредени генетски варијанти и тежината на клиничката слика и покрај поврзаноста со крвната група А, била утврдена и поврзаност со уште неколку генетски фактори, меѓу кои повеќето се инволвирани во регулацијата на цитотоксичните Т лимфоцити. Присуството на некои од тие генетски фактори, а особено комбинација на неколку такви генетски фактори, може да објасни зошто некои млади луѓе имаат тешка форма на болеста, вели тој.

    МАКЕДОНСКОТО ЗДРАВСТВО УСПЕВА ДА СЕ СПРАВИ СО ПРЕДИЗВИКОТ ПОДЕДНАКВО ДОБРО КАКО И МНОГУ ПОРАЗВИЕНИТЕ ЗЕМЈИ

    Професорот Ефремов веќе долги години работи вон Македонија, меѓутоа вели дека е во постојан контакт со колегите од Клиниката за хематологија, а во однос на Центарот за генетски инженеринг и биотехнологија при МАНУ, вели дека е институција која му е особено драга бидејќи ја формираше неговиот татко Ѓорѓи Ефремов.

    „Со оглед на тоа што една од главните цели на мојата организација е да промовира истражувања од областа на биомедицинските науки, сум во ситуација да дадам поддршка преку финансирање на научно-истражувачки проекти. Досега имаме поддржано десетина такви проекти во Македонија, меѓу кои неколку беа доделени на центарот. Покрај тоа, со академик Поленаковиќ, кој во тој период беше раководител на центарот, пред две години организиравме меѓународна конференција за нови молекуларни дијагностички процедури во која зедоа учество врвни експерти од Италија, Шведска, Германија, Англија, Холандија, Грција и Швајцарија. Со сегашниот раководител на центарот, проф. Александар Димовски, соработувавме во почетокот на 90-те години, а во последнава година повторно почнавме да соработуваме на некои проекти. Во однос на КОВИД-19, кога почна пандемијата им пративме реагенси кои се користат како позитивни контроли за ПЦР методата за детекција на вирусот, а планираме да ги вклучиме и нив во проектот за кој веќе зборував“, вели Ефремов.

    За соработката на проектот со колегите од Македонија, тој вели дека му оставил голем впечаток ентузијазмот на неговите колеги, пред сè, од Медицинскиот факултет.

    „Мислам дека во однос на периодот од пред 20-тина години, кога јас работев на Медицинскиот факултет, денес многу повеќе се следи литературата и новините од научните истражувања. Затоа и мислам дека македонското здравство успева да се справи со предизвикот подеднакво добро како и многу поразвиените земји. Исто така, мислам дека студиите на кои моментално работиме се доста ветувачки и имаат потенцијал да дадат придонес во борбата против коронавирусот“, вели Ефремов.

    Професорот Ефремов е роден на 26 декември 1960 во Скопје. Во 1986 година дипломирал на Медицинскиот факултетот на Универзитет „Св. Кирил и Методиј. Стручни усовршувања и студиски престои обавил на Медицинскиот факултет на Џорџија во Августа, САД, и во Меѓународниот центар за генетски инженеринг и биотехнологија во Трст, Италија. Во 1994 година се стекнал со звањето доктор на медицински науки на Медицинскиот факултет на Универзитетот во Мастрихт, Холандија, а во 2013 година се стекнал со хабилитација за професор по хематологија во Италија. Тој е светски познат научник од областите на хематологијата и молекуларната медицина, а во моментот е раководител на Одделот за молекуларна хематологија на Меѓународниот центар за генетски инженеринг и биотехнологија во Трст, Италија.

    Иако поголемиот дел од својата кариера го поминал во странство, тој дал голем придонес и во развојот на научната и здравствената дејност во Македонија преку воведување на повеќе нови дијагностички и терапевтски процедури. Меѓу другото, во 1987 година прв на ниво на Југославија ја вовел ПЦР методата, која денес се користи за дијагноза на КОВИД-19, во 1998 година ја формирал првата лабораторија за молекуларна дијагностика на Медицинскиот факултет во Скопје. Во 2000 година бил еден од иницијаторите и реализаторите на проектот за трансплантацијата на матични хематопоетски клетки во Македонија.

    Избран е за член на Македонската академија на науките и уметностите надвор од работниот состав во Одделението за медицински науки во 2015 година.

    М. ИЛИОСКИ

     

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира