РАСТЕ СЕМЕЈНОТО НАСИЛСТВО, СÈ ПОВЕЌЕ ЖЕНИ ДРЖЕНИ ПОД КЛУЧ И ТЕПАНИ, ЧЕСТО И ПРЕД ДЕЦАТА

РАСТЕ СЕМЕЈНОТО НАСИЛСТВО, СÈ ПОВЕЌЕ ЖЕНИ ДРЖЕНИ ПОД КЛУЧ И ТЕПАНИ, ЧЕСТО И ПРЕД ДЕЦАТАСпоред бројот на кривични пријави кои потекнуваат во најголем дел од сторено семејно насилство, овие девет месеци ја надминаа цела 2021. (Фото: Пекселс/Густаво Фринг)

Расте семејното насилство, особено врз жените, во сите форми – од силување, присилување и тепање, до киднапирање, односно држење под клуч и забранување да се напушти собата, а државата, односно социјалните служби веќе речиси и да не се од помош, според најновата статистика од Основното јавно обвинителство Скопје.

Ако претходните две години, седењето дома поради пандемијата беше причина за драстичен пораст на семејното насилство и малтретирањето дома на секаков можен начин, годинава барем во Скопје, тој аргумент падна. Бидејќи, овие девет месеци според бројот на кривични пријави кои потекнуваат во најголем дел од сторено семејно насилство, ја надминаа цела 2021 година.

Останува прашањето до каде ќе оди семејното насилство и кој ќе го спречи? Што презема државата, каде се тие мерки за превенција што никој не може да ги види?

Во Основното јавно обвинителство Скопје во првите девет месеци од годинава примени се 315 кривични пријави, кои се однесуваат на кривични дела против животот и телото од Глава 14 на Кривичниот законик. Најголемиот дел од овие кривични дела се последица на семејно насилство, вели обвинителството.

„За споредба, во текот на целата 2021 година во Скопското обвинителство беа примени 302 кривични пријави за овие кривични дела. За најчестите кривичните дела во оваа глава – Убиство, Телесна повреда и Тешка телесна повреда предвидено е санкционирање на посебен квалификуван облик на сторување доколку делото е извршено при семејно насилство“, велат од Обвинителството.

Застрашувачка е и друга бројка, која се однесува на присилба, заклучување на жртвите и лишување од слобода против нивната волја. Во текот на целата 2021, до Основното јавно обвинителство Скопје биле поднесени исто толку кривични пријави колку во првите девет месеци од годинава – 129.

„Во Основното јавно обвинителство Скопје, од почетокот на годинава, примени се и 129 кривични пријави кои се однесуваат на кривични дела од Глава 15, дела против слободите и правата на граѓанинот. Оваа глава, меѓу другото, ги опфаќа и кривичните Загрозување на сигурноста, Противправно лишување од слобода и Присилба, за кои исто така е предвиден квалификуван облик на сторување при вршење семејно насилство“, наведува натаму овој орган на прогонот, кој, според бројот на жители, вклучувајќи ги и сите непријавени кои живеат и работат во Скопје, ја покрива речиси половина Македонија.

На 24 август ОЈО Скопје поднесе обвинение против скопјанец за противправно лишување од слобода и семејно насилство.
Насилникот во периодот од 10.10.2021 до 12.03.2022, при вршење семејно насилство партнерката со која живеел два пати ја држел заклучена и за тоа време таа му била боксерска вреќа, без никој да ја чуе, види, да ѝ помогне. Ја удирал со тупаници по главата и по телото, ѝ нанесувал сериозни телесни повреди. А потоа, со денови ѝ забранувал да го напушта заедничкиот дом. Тече судењето за него, тој е во притвор.

На 8 август, ова Обвинителство притвори осомничен за телесни повреди при семејно насилство, кои ѝ ги нанесувал на поранешната сопруга како продолжено дејство, подолг период. Се погрижил и неговите деца од претшколска возраст да бидат публика додека ја малтретира мајка им.

На 10 јули, пред зграда на булеварот „Јане Сандански“, осомничениот кај поранешната сопруга ги враќал двете малолетни деца за кои имале спогодба за видување. Најпрвин инсистирал да се качи во станот и да разговараат, а кога оштетената не му дозволила, пред влезот им го попречил патот и започнал да ја удира со тупаници во главата, да ја стиска за вратот и рацете. Повикот за помош на оштетената го слушнале тројца таксисти, кои го оттргнале осомничениот. Тепана и давена, жената настанот го пријавила во полициска станица.

На 4 август, осомничениот отишол на работното место на жртвата, поранешна сопруга, и најпрво вербално ја нападнал, упатувајќи и заканувачки и погрдни зборови. Откако заминал, продолжил да ѝ се заканува по телефон дека ако не согласи да се смират, ќе влезе во станот на нејзините родители и ќе ги убие сите.

Загрижена за безбедноста на нејзините деца и на нејзините родители, оштетената настанот го пријавила во полициска станица. Во попладневните часови, осомничениот ја зел од градинка малолетната ќерка и се упатил кон станот на родителите на оштетената. Кога детето влегло во домот, таткото на оштетената го замолил осомничениот да си замине, но тој започнал агресивно да удира по влезната врата и да се обидува насилно да влезе. Жртвата и нејзиниот татко се обидувале вратата да ја држат затворена, а од туркањето добиле телесни повреди – исчашувања, гребаници и исекотини. Откако успеале да ја заклучат вратата, осомничениот, занемарувајќи го фактот што повторно биле присутни малолетните деца, продолжил да им се заканува дека ќе ги убие и да се однесува агресивно. Нападнатите повикале полиција, која го затекнала осомничениот пред станот и го привела.

На 24 јули, скопјанец беше притворен и осомничен за загрозување на сигурноста, но и за обид за убиство на сопствениот син. Ја полеал куќата со бензин за да ги запали сопругата и децата, а потоа го давел синот, за да го убие. Со рацете на неговиот грклан, тргнал да го фрли од балкон.

На 23 јули, во вечерните часови, пијан, осомничениот пристигнал во семејната куќа во Радишани, каде со сопругата и децата живееле разделени на посебни катови поради претходно нарушени односи. Почнал да ги навредува сопругата и ќерката, ги полеал скалите, оградата и ѕидот од куќата со бензин, заканувајќи се дека ќе ги запали ако не се отселат.

„Кога неговиот 18-годишен син се обидел да го спречи во семејното насилство, осомничениот со умисла се обидел да го лиши од живот. Тој го давел оштетениот со двете раце на вратот и се обидувал да го фрли од терасата на вториот кат кон дворот на куќата, на висина од 2,5-3 метри. Во намерата го спречиле сопругата и двајца сведоци на настанот“, вели Обвинителството.

На 21 јуни, се случила обратна ситуација, при семејно насилство маж тешко ја повреди мајка си која има 70 години. Овој 31-годишен скопјанец критичната вечер во семејниот дом на улицата Дебарца во Скопје, најпрвин започнал вербална расправија со мајката, а потоа физички ја нападнал, удирајќи ја со раце по лицето и телото. Шлаканиците и боксовите кон својата немоќна мајка не биле доволни за синот, па продолжил да ја удира со столче. Ѝ ги скршил двете раце, ѝ нанел и други тешки телесни повреди. Од страв да не биде повторно нападната, мајката го напуштила домот. Не го пријавила своето дете. Но на 24 јуни, кога целата здробена од ќотек тој повторно ја нападнал, мајката пријавила во полиција.

Според досегашната полициска и обвинителска пракса, жртвите на семејно насилство сега повеќе се охрабруваат да пријават, но кога станува збор за вакви случаи, особено кога мајка трпи тешко насилство од свое дете, мајката во многу голем број од случаите,  до последен момент, додека може го штити и вели јас не сакам да го пријавам.

Сеедно, таквите случаи на обид за убиство, убиство, нанесување тешки телесни повреди при семејно насилство, Обвинителството ако ги дознае, ги покренува и гони по службена должност.

„Кога последицата од насилството е потешка, законодавецот одлучил дека сторителот на семјно насилство во случајов, ќе се гони по службена должност, без да има предлог на оштетениот, жртвата. Сепак, во повеќето од случаите, потребно е сведочење. На почеток, додека раните се ‘свежи’, жртвите на семејно насилство сведочат. Родителите пријавуваат и сведочат. Како поминува времето, тие се премислуваат, ретерираат, поради таа мајчинска, татковска љубов, или обратно, љубов на деца кон родители насилници, и тоа обично се случува кога ќе дојде до судење, кога поминало извесно време“, илустрира шефот на Скопското обвинителство Гаврил Бубевски и од социолошки аспект колку се болни и сензитивни потоа овие процеси за членовите на семејствата кај што било извршено насилство.

Сентименталноста секако не влијае на носењето судски одлуки кога обвинителот во ваков предмет ќе излезе со собрани докази и медицинска документација уште кога раните кај жртвата биле свежи.

Во мај годинава, јавен обвинител од ОЈО Скопје поведе постапка против едно лице осомничено дека при вршење семејно насилство, сторило кривично дело – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1 од КЗ, кривично дело – Присилба од член 139 став 2 во врска со став 1, како и кривично дело – Неизвршување на судска одлука од член 377 став 5 од Кривичниот законик.
Осомничениот, на 26 мај, веднаш по судската расправа и објава на пресуда против него за семејно насилство во Основниот кривичен суд Скопје, физички ја нападнал неговата поранешна вонбрачна сопруга. По стоти пат! И покрај тоа што со претходно правосилно судско решение му биле изречени мерки за забрана за приближување на оштетената, тој ја пресретнал на паркинг простор во близина на Судот, започнал да ја влече за рацете, ја фатил за вратот и почнал да ја дави, нанесувајќи ѝ видливи повреди. Потоа ја навредувал, ѝ покажал нож и така ја присилил да влезе во нејзиниот автомобил.

Оштетената, исплашена и испаничена во тој момент, влегла во автомобилот, а осомничениот веднаш по неа влегол и седнал на задните седишта. Тој и наредил да го стартува автомобилот и да вози кон неговото живеалиште, заканувајќи ѝ се дека таму ќе ја силува. И ги зел нејзините мобилни телефони и чантата, за оштетената да не повика полиција, па фатил да ја влече за коса, заканувајќи ѝ се дека ќе ја убие. И овој насилник беше притворен, му се суди.

С. К. ДЕЛЕВСКА

 

 


Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира