Жена од Република Албанија, мажена во Македонија каде оформила семејство, станала мајка и се вработила како хигиеничарка во едно училиште, била пцуена, навредувана и малтретирана од нејзиниот претпоставен, кој патем ѝ се обраќал со „нусе“.
Таа случајот го пријавила во Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, која утврдила интерсекциско вознемирување во областа на работата и работните односи кон жената од Албанија, врз основа на етничка, национална припадност, род и лично својство од страна на нејзиниот шеф.
Вознемирувачот подолг период наназад без причина ја навредувал, ја пцуел, се заканувал дека ќе ја избрка од работа. Во последно време дури и ја спречувал да ја врши работата, со тоа што не ѝ обезбедувал клучеви од просториите кои требало да ги чисти или да ги користи. Тоа тој го правел за по секоја цена таа да добие отказ, тврди вознемируваната жена во претставката.
До Комисијата за дискриминација жената поднела и копии од нејзини изјави до управата на училиштето, во кои таа се жали од надредениот дека ја тера да чисти веќе исчистено место, не ѝ дава да ја користи просторијата за пауза, ја навредува со погрдни зборови.
Подносителката вели дека е родена и образована во Република Албанија и омажена во Македонија. Тука оформила семејство, родила деца и се вработила во училиштето. Во претставката наведува дека покрај тоа што нејзиниот претпоставен ја пцуе, тој често ѝ се обраќал и недолично, со зборовите: „нусе“, „лична“, „уба“.
Пред да биде поднесена претставката до Комисијата за дискриминација, директорката на училиштето ги презела сите потребни мерки да ја заштити, со тоа што прво формирала комисија за помирување на двајцата, а потоа на ова лице раководител на помошниот персонал во училиштето, му ги одзела ингеренциите и му ги доделила на секретарот.
КСЗД бара од него во рок од 30 дена да ѝ се извини на подносителката на претставката која ја вознемирувал и за тоа писмено да ја извести Комисијата. Во спротивно, ќе биде даден на суд.
С. К. ДЕЛЕВСКА



