СО ИВАНКА ЛЕСНО УЧАМ, ВЕЛИ КОСТА АРИЗАНОВ, ЕДЕН ОД 17 СРЕДНОШКОЛЦИ СО ПОПРЕЧЕНОСТ КОИ ДОБИЈА ОБРАЗОВНИ АСИСТЕНТИ

СО ИВАНКА ЛЕСНО УЧАМ, ВЕЛИ КОСТА АРИЗАНОВ, ЕДЕН ОД 17 СРЕДНОШКОЛЦИ СО ПОПРЕЧЕНОСТ КОИ ДОБИЈА ОБРАЗОВНИ АСИСТЕНТИ19-годишниот Коста Аризанов кој е со Даунов синдром, е трета година во средното училиште „Георги Димитров“ и е еден од учениците кои добија образовен асистент во рамките на програмата на Град Скопје и УНДП. Со него секој ден веќе 6 месеци, на часовите седи и му помага во учењето неговата асистентка Иванка Стоименова. (Фото: Ѓ. Личовски)

Седумнаесет средношколци со попреченост од Скопје оваа учебна година за прв пат добија образовни асистенти, кои им помагаат во учењето додека се на училиште. Проектот го спроведува Град Скопје заедно со УНДП и Агенцијата за вработување, во рамките на програмата за општество без дискриминација, со еднакви можности за сите.

19-годишниот Коста Аризанов кој има Даунов синдром, е трета година во средното училиште „Георги Димитров“ и е еден од тие ученици. Со него секој ден веќе 6 месеци, на часовите седи и му помага во учењето неговата асистентка Иванка Стоименова.

„Со Иванка многу лесно учам. Добивам и петки, а омилен предмет ми е македонски јазик. Сега поубаво пишувам и читам. Иванка е мојата најдобра другарка“, ни рече Коста кога ги посетивме на еден од часовите.

Коста во првата година откако се запишал во „Георги Димитров“, отсек техничар за шумарство и пејсажна архитектура, имал асистент-дефектолог кој приватно бил ангажиран од неговите родители. Но, потоа останал без асистент и морал сам да оди на училиште и да учи, што за него било многу тешко.

Образовната асистентка Иванка Стоименова секој ден со Коста седи на часовите и му помага во учењето. (Фото: Ѓ. Личовски)

„Откако останавме без дефектолог кој се вработи на полно работно време, не можевме да најдеме друго лице. Тоа е многу тешко. За мене 12.000 денари месечно се многу, за нив малку, што е нормално. Јас работам, не можам да одам на училиште со Коста. Тоа што Коста доби асистент многу ми значи и многу ни помогна“, вели мајката на Коста, Весна Цветковска.

Откако Коста има образовен асистент резултатите, како што вели Весна, се големи. Сега тој многу подобро чита, пишува, зборува и комуницира со други луѓе.

„Пресреќна сум, сега Коста сака да учи. Има огромна разлика и во комуникацијата и во самодовербата. Кога беше сам на часовите многу полошо пишуваше, не можеше да разбереме што напишал ниту ние дома ниту тој, а сега не е така. Говорот му е подобрен, сега повеќе зборува. Порано не сакаше да комуницира бидејќи тешко се изразуваше. Едвај чека да оди на училиште за да учи со Иванка“, вели Весна.

Асистентката Иванка е дипломиран педагог по професија. По дипломирањето не можела да најде работа според својата професија, па кога била повикана на интервју за да биде образовен асистент на лице со попреченост веднаш прифатила.

„Ова е прв пат што работам како образовен асистент. Почнав во октомври и сум презадоволна. Да помагаш на вакво дете е голема чест и задоволство бидејќи се премногу искрени и даваат премногу љубов. Колку вложуваме ние во нив, тие двојно повеќе ни враќаат. Коста е позитивно дете, насмеан, радосен и со сите се поздравува и гушка“, ни рече Иванка после вториот час, додека Коста на одморот се дружеше со другарите од класот.

Според програмата, асистентите се ангажирани 4 наставни часови. Кога Коста е прва смена Иванка е со него од третиот час па до 13 часот, а кога е втора смена од 14 до 18.15 часот. Омилен дел од денот им е големиот одмор кога двајцата заминуваат да појадуваат или да ручаат.

„Моите обврски се само во училиштето. Му помагам при пишувањето, да внимава буквите да ги пишува редоследно, во секоја реченица да има празен простор, да не ги пишува зборовите споено како што си пишуваше порано, да биде читко и разбирливо. Сега чита и пишува и на англиски јазик. Пишуваме домашни. Кога другите деца имаат писмени, има тест и за Коста, секако според неговата интелектуална способност. Откако сум со него седи и до седмиот час, што не било пракса во минатото“, ни рече Иванка, а на нашето прашање кој предмет му е омилен на Коста вели дека сите предмети ги сака само за да добие петка, тоа за него е мотивација плус.

Иванка вели ќе продолжи да ја работи оваа работа и се надева дека и наредната учебна година ќе биде асистент на Коста, за заедно да матурираат.

Мајката на Коста, Весна вели откако нејзиниот син има образовен асистент резултатите се големи. Сега тој многу подобро чита, пишува, зборува и комуницира со други луѓе. (Фото: Ѓ. Личовски)

„Ова е благородна работа, помагаш на детето, на родителите, но и на професорите оти тие не можат целосно и секогаш да им обрнат внимание на децата со попреченост“, вели Стоименова која помош има и од учениците од класот на Коста. На часовите кога таа не е со него тие му помагаат во учењето, а потоа и пренесуваат на Иванка што учеле и што треба да сработи Коста за домашна работа.

Покрај персоналните асистенти, со учениците со попреченост работат и дефектолозите во училиштата. Првично се детектираат сите ученици кои се со посебни образовни потреби, па потоа се формира инклузивен тим на ниво на училиштето. Секој предметен наставник за овие ученици треба да изработи индивидуална образовна програма.

„Јас претходно вршам проценка на учениците до каде е нивното ниво, до каде можеме да го симнеме нивото на секој наставен предмет и тие податоци ги пренесувам на професорите и врз основа на тоа се изработува индивидуална образовна програма и според неа се работи на часовите. Имаме и диференциран пристап и за оние ученици кои имаат потешкотии во учењето, се прилагодуваат методите, формите, средствата за работа особено за децата со дислексија. Доколку не може писмено да се изрази, потешко му оди пишување, се испрашува усно или тестовите се прилагодуваат со пократки одговори и со заокружување на точните одговори“, вели Мери Стаменковска, дефектолог во средното училиште „Ѓорѓи Димитров“.

И дефектологот Стаменковска вели дека има голем напредок кај Коста откако добил асистент. И таа после часовите работи со Коста на развој на неговиот говор, а особено по предметот математика кој за лицата со попреченост е најтежок.

„Коста не е зависен, но му треба поттикнување во учењето. Друго е кога некој ќе седи до него. Задоволна сум многу од двата образовни асистенти кои ги имаме во училиштето. Во нашето училиште имаме 8 деца со попреченост, но сите родители не сакаа асистент. Тоа е одлука на родителот, ние на почетокот на учебната година ги известивме за оваа програма, а родителите се тие кои одлучуваат дали им е потребна помош или не на нивните деца“, додава Стаменковска.

Град Скопје заедно со УНДП програмата за образовни асистенти ќе ја продолжи и наредната учебна година. Целта на проектот а да се поттикне инклузијата, да не се смета ученикот како проблем туку системот да се прилагоди кон ученикот и неговите потреби. (Фото: Ѓ. Личовски)

Програмата за образовни асистенти на ученици со попреченост Град Скопје и УНДП ја почнаа оваа учебна година. Целта на проектот а да се поттикне инклузијата, да не се смета ученикот како проблем туку системот да се прилагоди кон ученикот и неговите потреби.

„Оваа година ангажирани се 17 образовни асистенти, во 9 средни училишта затоа што толку ученици се пријавија. Под надлежност на Град Скопје се 24 средни училишта. Кај нас постои стигма во општеството. Има родители кои имаат деца со попреченост, но не доставуваат медицинска документација, за што имаат право бидејќи тоа се информации од таен карактер и доколку не сакаат можат да не ги достават. Ако во едно училиште за 8 деца е доставена медицинска документација дека ученикот е со попреченост  или со потешкотии во учењето, сигурно бројот е двојно поголем. Ова особено важи за деца со дислексија, дисграфија, дискалкулија. Тие го прикриваат тоа велејќи дека детето е своеглаво, темпераментно, не сака да учи, сака уметност и спорт. Ние тука ништо не можеме да направиме“, вели Султана Чулева од Секторот за образование на Град Скопје.

Град Скопје програмата за образовни асистенти ќе продолжи и наредната година и се надеваат дека поголем број училишта и родители ќе се вклучат во неа.

А. АНТЕВСКА

 

 

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира