ВАКВИ НЕ ПРИМАМ ВО КОЛА, МУ РЕКОЛ СКОПСКИ ТАКСИСТ НА ЛИЦЕ СО ЦЕРЕБРАЛНА ПАРАЛИЗА И ОДБИЛ ДА ГО ВОЗИ

    ВАКВИ НЕ ПРИМАМ ВО КОЛА, МУ РЕКОЛ СКОПСКИ ТАКСИСТ НА ЛИЦЕ СО ЦЕРЕБРАЛНА ПАРАЛИЗА И ОДБИЛ ДА ГО ВОЗИКомисијата утврди директна дискриминација од пријавениот таксист врз лицето со церебрална парализа и такси-компанијата веднаш го казнила вработениот со 15 отсто од платата. (Архивска фотографија)

    Таксист од скопска компанија одбил да вози лице со церебрална парализа после концерт во Младинскиот културен центар (МКЦ) на 16 ноември 2024 во 23 часот, викајќи пред сведоци: „Вакви луѓе не примам во кола!“, според претставката поднесена во Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД). Таксистот коментирал и дека лицето со церебрална парализа можело да му се измоча во колата, дека гарант нема пари да му плати, и додал: „Нека ги покаже парите!“.

    Додека зборувал и го навредувал, таксистот не го погледнувал лицето додека тоа се обидувало лично да му се обрати и да разговара со него. Цело време им се обраќал на момците од неговата придружба, кои сведочат за настанот.

    Во претставката која ја поднело, лицето со церебрална парализа вели дека се нашло во состојба на силна вознемиреност и со крајно повредено достоинство.

    Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, по поднесување на претставката на 5 декември 2024, утврди директна дискриминација од пријавениот таксист врз лицето со церебрална парализа.

    Такси-компанијата веднаш презела мерки против вработениот дискриминатор на лица со попреченост. За мај годинава, кога била донесена одлуката на Комисијата, таксистот е казнет со 15 отсто од платата. Компанијата го исклучила 2 недели од возниот парк и тие нема да му бидат платени.

    „Се надеваат дека со ваквата одлука ќе обезбедат генерална и специјална превенција на идните такви случаи во компанијата и дека одлуката е доволна за морална сатисфакција на подносителот на претставката, за кого се надеваат дека ќе го задржат како клиент во иднина“, се вели во одлуката на КСЗД.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира