Васил Јанкула, кој е роден со церебрална парализа, вчера попладне се врати дома во Ресен откако возејќи трицикл направи кружна тура од 800 километри околу државата. Канцеларијата на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) на социјалните мрежи објави видео од пристигнувањето на 28-годишниот Јанкула во Ресен со текст:
„Тој успеа. Извози 800 километри за 8 дена, за да ја смени прецепцијата за неговата состојба: церебрална парализа. Денес е пречекан од неговите сограѓани како херој. Сите сме горди на тебе“.
Јанкула на 10 мај тргна од Ресен во обиколката со трицикл со намера да мине околи 800 километри преку Битола, Прилеп, Градско, Велес, Скопје, Тетово, Гостивар, Маврово, Дебар, Струга, Охрид, и преку Галичица да се врати дома. Пред тргнувањето тој упати апел до сите лица со хендикеп да бидат силни и храбри и да не се откажуваат на пола пат, а обиколката одеше под мотото „Сите сме исти“.
На 4 мај Васил извози 42 км и на Скопскиот маратон.
Васил пред два месеца беше дел од групата лица со попреченост кои беа дел од првата сет-ски школа на Маврово, во рамки на која се обучуваа тренери за скијање и каде за прв пат лица со попреченост скијаа во посебни седишта. Школата беше организирана од Здружението на граѓани со параплегија и квадриплегија „Без ограничувања“.
Е. БОЧВАРОСКА