ВЕРОНИКА НЀ НАУЧИ ШТО Е ЕМПАТИЈА – ТРОЈЦА ТИНЕЈЏЕРИ ДИЗАЈНИРАА ПАМЕТНА ИНВАЛИДСКА КОЛИЧКА КОЈА СЕ ДВИЖИ СО ОКО

ВЕРОНИКА НЀ НАУЧИ ШТО Е ЕМПАТИЈА – ТРОЈЦА ТИНЕЈЏЕРИ ДИЗАЈНИРАА ПАМЕТНА ИНВАЛИДСКА КОЛИЧКА КОЈА СЕ ДВИЖИ СО ОКОДавид Лазароски, Мартин Динев и Благојче Павлески велат дека паметната количка е решение за лицата кои имаат висок степен на физичка попреченост, односно оние кои не се во можност да ги движат своите екстремитети. Во работата им помогнала и нивната пријателка Вероника, лице со физичка попреченост. (Фото: Приватна архива)

Давид Лазароски, Мартин Динев и Благојче Павлески се членовите на тимот „From zero to hero“ (Од нула од херој), чиј дизајн е „Паметна инвалидска количка со вграден мониторинг систем за здравје“. Тие велат дека паметната количка е решение за лицата кои имаат висок степен на физичка попреченост, односно оние кои не се во можност да ги движат своите екстремитети.

Лазароски има 21 година и студент на трета година на ФИНКИ, Динев има 19 години и е студент на ФИНКИ, а 17-годишниот Благојче Павлески е ученик во трета година во „Јахја Кемал“. Во работата им помогнала и нивната пријателка Вероника, лице со физичка попреченост. Нивниот изум е меѓу победниците на глобалната иницијатива на УНИЦЕФ, Генерација без граници (Generation unlimited 2019/20).

„Количката не е паметна само поради тоа што може да се управува со помош на поглед, паметна е и затоа што таа има вграден мониторинг систем за здравје, преку кој се следи здравствената состојба на лицето со физичка попреченост“, велат младите иноватори. (Фото: Приватна архива)

Велат дека како на студенти кои штотуку започнале да го чекорат својот пат во животот кој главно е сеопфатен со изобилство на технологија, новитети и новости во светот на софтверот, Генерација без граници им претставувал прекрасен предизвик да се соочат со авантурите и предизвиците кои ги нуди токму предизвикот #Digital-inclusion (дигитална инлузија) .

„Како единствена моторно способна точка на нивното тело – окото, решивме тоа да стане нивниот најголем помошник во секојдневниот живот. Паметната инвалидска количка може да се контролира и управува со помош на поглед, односно може лицето со физичка попреченост да се движи со количката управувајќи ја преку камера која постојано го следи и го снима движењето на неговото око. Камерата соодветно сигнализира на која страна гледа лицето и соодветно дава наредби до количката да се движи. Но, количката не е паметна само поради тоа што може да се управува со помош на поглед, паметна е и затоа што таа има вграден мониторинг систем за здравје, преку кој се следи здравствената состојба на лицето со физичка попреченост“, велат младите иноватори за САКАМДАКАЖАМ.МК.

Системот се состои од множевство сензори кои мерат (крвен притисок, проток на воздух при дишењето, телесна температура, количество на кислород во крвта, ЕКГ, пулс, спирометрија, детекција на позицијата на телото, детекција на расположение – на емоции). Сите земени податоци од сензорите се пакуваат и се праќаат на сервер, односно на веб-мониторинг платформа каде сите земени податоци се прикажуваат визуелно содоветно во зависност од сигналот и се води нивна статистика.

За цената на самиот продукт препорачувааат да не биде поскап од 100 евра. (Фото: Приватна архива)

„Бидејќи моментално проектот ни е во целост прототип т. е. моделот на инвалидската количка е само тест модел на кој сите овие функционалности ќе ги тестираме и анализираме во целост, сè со цел да добиеме сигурна анализа и прецизни проекции на параметрите според кои нашиот систем ќе го вградиме на веќе постоечка инвалидска количка која подоцна ќе биде паметна. Имаме изработено модел на држач за камерата која се поставува на главата на лицето со физичка попреченост, чија задача е преку камерата да се детектира движењето на окото“, ни рече Лазароски и додава дека за цената на самиот продукт препорачувааат да не биде поскап од 100 евра.

„Предизвик кој како тим ќе го паметиме е тоа што самите си докажавме што значи да се биде во заедница со тим и како да се организираме и поделиме активностите, едноставно си докажавме дека повеќе глави подобро мислат. Предизвик ни е тоа што си овозможивме и хардверски компоненти кои се прилично скапи, кои за да си ги дозволиме можеби би било потребно да чекаме некои подобри времиња во иднина. Научивме како се изнајмува техничко лице за соработка, научивме како се бараат спонзорства, како се раководи со финансии и како се дизајнира одреден буџет. Научивме како да спроведеме успешна анкета за собирање податоци за одредена тема која е главен фактор при процесот на собирање значајни информации за одредена тема. Лично ние како тим досега сме немале активна соработка со лица со физичка попреченост, ова ни беше одлична можност за тоа, научивме што е тоа емпатија, што е тоа да се влезе во чевелот на другиот, научивме многу повеќе да имаме разбирање за лицата со физичка попреченост и нивните проблеми со кои се соочуваат нивните блиски и најмили“, вели тимот.

Б. НЕСТОРОСКА

 

 

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира