Оперски ѕвезди од целиот свет пееја на хуманитарната гала вечер во средата вечер во Виена, во чест на 60-годишниот роденден на Аки од Македонија, во хуманитарна цел за децата болни од рак за детската болница „Света Ана“. Угледните гости кои ја наполнија најпознатата концертна сала во Виена, Музикферајн, каде што се одржува традиционалниот Новогодишен концерт, преку влезниците собраа 110 илјади евра кои ќе се донираат во болницата, а беа собрани и додатни средства од директни донации на самиот настан.
Аки Нуредини, сопственикот на познатиот ресторан „Соле“, сврталиште на светскиот оперски џет-сет, го организираше концертот насловен „О соле ностро“ на кој настапија 24 уметници, од кои 18 беа врвни солистички имиња, а останатите беа нивна инструментална придружба. Атмосферата беше свечена, емотивна, благорoдна, особено на самиот крај кога ѕвездите меѓу кои беа имиња кои своите кариери ги изградија во Миланската скала, Ројал опера хаус или во Метропoлитен, како Феручио Фурлането, Линда Вотсон, Елена Максимова или Марчело Џордани, Марко Вратоња, за нивниот пријател Аки, сите заедно ја испеаа „О, соле мио“. Долгата хуманитарна ноќ , по концертот од над три часа продолжи и пред ресторанот „Соле“, на стотина метри од Музикферајн, каде реномираните уметници ја испеаа популарната „Среќен роденден“.
Хуманитарниот настан на страсниот македонски вљубеник во операта, угостителот Аки родум од тетовсkото село Камењане, ја најави на цела страница и угледниот весник „Ди пресе“, исто како и пред три години, кога главна тема на октомвриското издание на „Виена лајв“ беше успешната приказна за Аки, кој ја закупи Виенската опера за хуманитарен концерт со кој одбележа 30 години од работата на ресторанот „Соле“. Тогаш на насловната страница на магазинот беше една од најголемите певици на денешницата, Ана Нетребко, а насловот беше „Ана го сака Аки“, затоа што таа е редовен гостин во неговиот ресторан, а тој редовна публика на незјините настапи.
Средствата од тој концерт беа наменети за запуштените деца од Мексико, а тоа беше доволна провокација за „Виена лајв“ на софистициран начин да го претстави Аки меѓу другото и преку неговиот близок пријател Пласидо Доминго и бројните ѕвезди кои настапуваат во славната Штац опера, а престојуваат во „Соле“ каде што се чувствуваат како дома, уживаат во гастрономијата, заедно пеат, готват. На тогашната свеченост беше промовирана и книгата „До, ре, ми, фа СОЛЕ“, издание на „Ехомедија“, а посветена на 30-те години на ресторанот „Соле“, со сите животни приказни на светските оперски имиња кои станаа пријатели на Аки.
Инаку, и „Ди пресе“ во својата најава на гала настанот ја пренесува несекојдневната сторија за тогашниот млад Аки, кој од семејство со седум деца, храбро одлучил преку Белград, да продолжи во Виена, со точно определен сон, кој набрзо му стана јаве. Весникот пишува за високиот стил на Нуредини, неговата пасија за музиката и за угостителството, за радоста и љубовта кои ги дава на сите гости, за дискрецијата, зашто велат, во „Соле“ се случува во исто време да се угостени и смртни непријатели од уметничкиот свет, а сепак да не се сретнат, пријатно да си поминат, и се разбира, повторно да се вратат.