Агресијата меѓу децата расте, нивниот вокабулар станува прегаден, бизарните насилства како терање друго дете да јаде кучешки измет растат, а државата засега тешко се справува со овој проблем.
Во подкастот со психологот и професорка Емилија Бошкова, која е и лиценциран гешталт-терапевт покрај тоа што предава на Универзитетот „Гоце Делчев“, таа ги дава одговорите на ваквото се помасовно однесување на децата и малолетниците во Македонија, кое се документира и снима, споделува на социјалните мрежи. Таа дава решенија на проблемите и учествува во решавањето. Во спротивно, вели растеме нездрава нација.
Бошкова вели дека ниту едно дете не е виновно за нешто, бидејќи децата не се раѓаат агресивни. Вели сè што е поинакво од чопорот, стадото, е таргет на агресија и насилство меѓу децата и тинејџерите, а агресивните и бизарно-агресивните деца, пак, се последица на родителите кои не ги воспитуваат и учат на емпатија и поддршка на сите што се различни од нас.
Какво ќе ни биде детето, зависи од тоа на какви вредности сме го научиле како родители, тврди соговорничката.
Таа не е за забрана на социјалните мрежи како во Австралија и во Франција, иако смета дека децата треба да се насочуваат додека растат да се подалеку од нив, а поблизу до родителите. Тврди агресија меѓу децата пак ќе има, само нема да ја гледаме. Таа е за општокорисна работа, отколку укор и други педагошки мерки на училиште.
С. К. ДЕЛЕВСКА



