ВОЈНА ПРОТИВ ПРИРОДАТА Е ВОЈНА ПРОТИВ САМИТЕ СЕБЕ – ПОДКАСТ СО ИВАНЧО ТОШЕВСКИ, ДИРЕКТОР НА НАЦИОНАЛНИОТ ПАРК „ПЕЛИСТЕР“

    ВОЈНА ПРОТИВ ПРИРОДАТА Е ВОЈНА ПРОТИВ САМИТЕ СЕБЕ – ПОДКАСТ СО ИВАНЧО ТОШЕВСКИ, ДИРЕКТОР НА НАЦИОНАЛНИОТ ПАРК „ПЕЛИСТЕР“„Она што ни се случи лани, кога стебла молика беа искршени од силно невреме, јас би го нарекол последна опомена од природата, за да сфати јавноста дека тоа беше реален показател за негрижата во еден изминат период“, вели Тошевски. (Фото: СДК.МК)

    Моликата, доминантниот растителен вид на Пелистер, постепено ја зaмeнуваат елата и буката. Во појасот на старата моликова шума, од 1.100 до 1.500 метри надморска височина, подмладок на петигличниот бор скоро и да нема. Внатре во сенките на моликата и папратот вирее подмладок на сенкоподносливите видови. Елата го освојува секој празен простор каде нема доволно светлина. Моликата, пак, како светлољубив вид, се искачува сѐ повисоко на Пелистер и освојува голини, па подмладокот фаќа и на камењарите, вели Иванчо Тошевски, директор на Националниот парк Пелистер во подкастот „За секого по нешто“ на САКАМДАКАЖАМ.МК.

    „Не попусто е наречена пионерски вид. На скијачката патека ‘Копанки’, во горниот дел, на потегот од 1.600 до 1.700-1.800 метри надморска височина, буквално ќе видите природна плантажа со помладок на молика, на гола површина“, вели Тошевски.

    Тој за директор беше назначен лани во ноември, а само неколку дена подоцна се соочи со големи штети врз моликовата шума – искршени стебла од временски неприлики со силни ветрови и врнежи снег. Најголемата штета беше предизвикана во појасот со стара моликова шума. Погодени беа 200 во осум одделни места.

    Подмладок молики на скијачката патека „Копанки“. (Фото: СДК.МК)

    Стареењето на моликата било предвидено на научниот симпозиум во 1969.  Уште тогаш научниците прогнозирале дека за 40 до 50 години ќе се случи сегашното сценарио.

    „Зошто никој не презел мерки е прашање што треба да го истражат други органи. Сега целиот процес за заштита на природата е многу скап, но експертите кои ни помагаат за да се утврдат состојбите и да се одредат мерките за заштита вклучени се про боно, бесплатно за јавно добро. Извидувајќи го теренот со шумарските инженери и Инспекторатот, се покажа дека моравме да започнеме со одгледувачки мерки“, вели Тошевски.

    Со мерките кои ги преземаат за расчистување на теренот од болните и искршени дрвја, отстранети се околу 1.000 стари моликови стебла, кои немаат економска вредност. Тошевски потенцира дека во акцијата за ревитализација на шумата нема брзање, активностите мора да се добро осмислени, под надзор на експерти и врз основа на научни документи, а резултатите ќе се видат за 15 до 20 години.

    „Треба да сме свесни дека имаме прекрасно богатство. Да го одржиме тој совршен баланс меѓу заштита на природата и развој на туризмот. Не би сакал да бидеме негативен пример како во потрага по зголемени приходи сме ја уништиле природата. Верувајте дека би можеле да правиме сѐ, само едно не смееме, а тоа е да отвориме војна против приордата, тоа е војна против самите себе. Главниот дотурач на чист воздух доаѓа од Баба Планина и Пелистер. Тоа е наш дом“, вели Тошевски.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира