ЗА РОДЕНДЕН ПРВИ МИ СЕ ЈАВУВААТ ДЕЦАТА КОИ СУМ ГИ ЗГРИЖИЛА – ПОДКАСТ СО СТРУМИЧАНКАТА ЉУБИЦА АВРАМОВСКА КОЈА ИЗРАСНАЛА 19 ДЕЦА БЕЗ РОДИТЕЛИ

    ЗА РОДЕНДЕН ПРВИ МИ СЕ ЈАВУВААТ ДЕЦАТА КОИ СУМ ГИ ЗГРИЖИЛА – ПОДКАСТ СО СТРУМИЧАНКАТА ЉУБИЦА АВРАМОВСКА КОЈА ИЗРАСНАЛА 19 ДЕЦА БЕЗ РОДИТЕЛИАврамовска вели дека со сите 19 деца сега контактира иако дел од нив се вратиле кај биолошките родители (Фото: СДК.МК)

    Струмичанката Љубица Аврамовска веќе 14 години е згрижувачка на деца без родители во СОС Детско село. Досега израснала и на вистинскиот животен пат насочила 19 деца без родители, а во моментов се грижи за 4. Таа е биолошка мајка на син и ќерка кои се веќе семејни луѓе и од нив има внуци. Вели дека децата се нејзиниот живот, па со сопругот и мајка ѝ се преселиле од Струмица во Скопје и во контуинитет се грижи за деца кои останале без родители или пак немаат родителска грижа.

    Подкастот можете да го гледате тука:

    „Децата се богатство и дури сега ја сфаќам суштината на многудетното семејство. Во моментов се грижам за Ајас, Аликан, Чичек и Саваш, кои се на возраст од 8 до 12 години. Претходно се имам грижено за други 19 кои веќе се возрасни. Знаете ли какво е чувството кога се среќаваме, па ќе те прегрнат и ќе ти кажат тетка Бубе, мајче, моја Љубица? Какво е чувството кога за празници ќе ти се јават. Постојано ми пишуваат. Скоро имав роденден и први знаеш ли кои ми се јавија и ми пратија пораки – деца за кои сум се грижела. Сите деца заслужуваат топол дом“, вели Љубица, која сака да се пензионира со вкупно 25 згрижени и одгледани деца без родителска грижа.

    Со сите 19 деца сега контактира иако дел од нив се вратиле кај биолошките родители. Дел од нив, како што вели, сега се семејни луѓе и горда е што ја послушале да имаат повеќе деца, па во моментов е баба на најмалку 20-тина внучиња. Горда е што оставила печат во нивните животи и ги изнела на вистински пат.

    „Се раѓа една нераскинлива врска оти се грижиме за нив како за наши деца. Ние со нив учиме, пееме, решаваме задачи, ако ги заболи нешто одиме во болница, на стоматолог. Со нив и јас се чувствувам млада, бидејќи учиме букви, бројки. За Нова година ја пеевме ‘Елко, елко’. Излегуваме на прошетка, одиме на натпревар, на театар – буквално функционираме како едно семејство. Со нас децата може да бидат до 18 години или до моментот кога ќе се вратат кај биолошките родители. Значи, не станува збор за ден-два, туку и месеци и години. На овие деца освен грижа им даваме и одредени вредности и животни навики, за да може полесно да функционираат кога ќе бидат полнолетни“, вели Аврамовска.

    Таа вели дека ова е благородна професија и препорачува секој ако има просторна можност во домот да се обиде да згрижи, независно дали има или не свои биолошки деца. Да не мислат дека нема да можат со туѓи деца. Според неа, единствен услов е да се има љубов кон децата и љубов да ги насочиш кон вистински животни вредности.

    „Згрижувањето е процес во кој ние се грижиме за деца без родителска грижа додека не се вратат кај биолошките родители, им се најде нов дом од институциите или не наполнат 18 години. Додека при процесот на посвојување, детето веднаш добива нови родители и го презема нивното презиме. Претежно ме прашуваат оние што немаат деца и велат што после 18 години со детето што ќе го згрижат. Да, до таа возраст ние како згрижувачи сме одговорни, но ако се појави силна врска и разбирање, детето и кога ќе биде полнолетно ќе остане со згрижувачите“, вели Аврамовска.

    Во земјава недостасуваат згрижувачи на децата без родителска грижа. Како што соопштија од СОС детско село, во земјава постои потреба за згрижување од најмалку 500 деца. Во Струмица и регионот евидентирани се 25 згрижувачки смејства, од кои 14 згрижиле деца по роднинска линија.

    В. ТРАЈКОВ

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира