ПОЛАГАВ НА ПАЗАРЕН ДЕН, БАБИ МИ СЕ ЏИТКАА ПОД КОЛА, СЕ ЖАЛИ КАНДИДАТКА ЗА ВОЗАЧ КОЈА ПОЛОЖИЛА ОД ПЕТТА, ДРУГ СЕ ЧУДИ ЗОШТО ПАДНАЛ, А НЕ ЗАСТАНАЛ НА ЗНАК „СТОП“

ПОЛАГАВ НА ПАЗАРЕН ДЕН, БАБИ МИ СЕ ЏИТКАА ПОД КОЛА, СЕ ЖАЛИ КАНДИДАТКА ЗА ВОЗАЧ КОЈА ПОЛОЖИЛА ОД ПЕТТА, ДРУГ СЕ ЧУДИ ЗОШТО ПАДНАЛ, А НЕ ЗАСТАНАЛ НА ЗНАК „СТОП“Од полагање за возачка на полигон (Фото: СДК.МК)

Масовни поплаки од кандидати за полагање возачки испит, кои паѓале и до девет пати, стасаа во редакцијата на САКАМДАКАЖАМ.МК по минатонеделното истражување дали кандидатите се лоши или испитните комисии намерно ги паѓаат.
Секој со свој детално опишан личен пример и тврдење за изживување врз нив, од страна на членовите на Испитните комисии и најголем дел тврдат дека причината е нестручност, непрофесионализам и корупција на комисиите.

Од друга страна, пак, се јавија и такви (поранешни и сегашни кандидати) кои си ги признаваат грешките и точно ги опишуваат, па оттаму тие го оправдуваат тоа што паднале. Кандидат кој паѓа трипати на градска, апелира дека што повеќе им се прогледува низ прсти на неоспособените идни возачи, толку поголем ќе биде бројот на сообраќајни несреќи, повредени луѓе и згаснати животи.

Но, заедничко дури и на тие што положиле од првпат тестови, полигон и градска, е: „Недоволен број на часови со инструктор во автошколите, нестручни и арогантни инструктори“.

Во третата категорија се сегашни возачи, односно кандидати за полагање возачки испит, кои ги опишуваат кардинални грешки што ги направиле, поради тоа не може да положат, а ги обвинуваат испитните комисии дека ги буткале за пари.

Од она што го истражувавме, речиси и да не постои човек кој познава возач кој положил од првпат.

„Положив градско возење дури од петтиот пат. Се изнадавав пари. Во Скопје е ужасен сообраќајот, возачите се нетрпеливи, а испитната комисија ме гледаше со презир. Ме тераа да полагам на пазарен ден, замислете. Баби ти се џиткаат под кола, камиони растовараат, се поправа улица, јас возам покрај механизации..Ужас! И како да положам од одма?“, се жали девојка од Скопје.

Друг скопјанец, кој исто така не се претстави, а кој положил градско возење од четврти пат, раскажува искуство полно со негови грешки. Меѓу нив е и незастанување на знак „стоп“.

„Ми закочија на сред полагање, зашто ќе сум загрозел некој во сообраќајот. Не застанав на ‘стоп’. Ми изгасна колата. Плаќав по околу 50 евра за секое наредно полагање и за дополнителен час со инструктор. Сметам дека во Комисииве кој од кој е понестручен и корумпиран“, е гледиштето негово.

Жена пак која зела возачка дозвола пред 10 години, уште е лута на автошколата и на членовите на испитната комисија, зашто вели, никогаш не добила нормален и аргументиран одговор зошто ја буткале двапати.

„Ме паѓаа на градска, без причина. Положив од третпат. Првиот пат сум била многу претпазлива, вториот пат многу самоуверена. Одговор е тоа, или изживување врз мене и полнење на касата на автошколата и на комисијата? Возењето при полагање треба да се снима и потоа да се бодираат грешките откако внимателно ќе се прегледа снимката“, предлага оваа госпоѓа.

Таа му памти на инструкторот и денеска, бидејќи како што вели, „тој не ме обучуваше како да станам возач, туку ми го губеше времето на цаки како да положам“.

Сашко од Кавадарци вели дека трипати паѓал на тестови, но тој си признава дека одел неспремен на полагање.

Јован од Скопје се надоврзува и вели:„Положив градска од втора. Членовите на испитната комисија беа во право, не забележав пешак на пешачки премин“.

Гевгеличанка која зела возачка дозвола во 2013 година, но и таа положила од вторпат раскажува за надмено и недозволиво однесување на членовите на испитната комисија.

„Комисијата која ме бутна, не ми даде аргументиран одговор, туку ми рече:’Треба да се средиш уште малку’. Не знам како сум се ‘средила’ за да положам од второто полагање. Јас искрено се сомневам во корупција на испитните комисии. Објективноста тешко ќе се постигне, но барем да се издејствува уплатите за преполагање да се пониски“, смета соговорничката.

Скопјанец на пример положил од седми пат, а со секоја наредна уплата за полагање, за дополнителни часови со инструктор и возило од авто
школата, вели дека вкупно платил 1.200 евра. Бара на секое наредно полагање да се менува испитната комисија, а да ја сочинуваат членови од различни комисии.

Девојка од Скопје раскажува дека полагала градско возење неколку пати и е убедена дека освен првиот, сите останати пати била неосновано турната.

„Наведени беа причини за казнени поени од типот: ‘стои на зелено, не влегува во кривина како што треба, не застанува на пешачки…’, иако ништо такво не се случи. Членот од комисијата кој седеше до мене заедно со мене кочеше на раскрсници, со видно правење театар пред камерата дека сум ги загрозила, што апсолутно не беше точно. Сведок бев на многу кандидати во солзи што паѓаа и по 6-7 пати, избезумени незнаејќи што да сторат. Третиот пат дури и реон ми сменија па градската траеше 50 минути. Навистина тоа е изживување“, го раскажува своето искуство девојката.

Анонимен читател реагира:„Никогаш не полагате во договорениот термин, чекате со саати на сонце или студ, не знам зошто е тоа нормално искрено. Зошто постојат термини? Не ми следува слободен ден од работа за полагање, тоа е изгубено време затоа што некој е непрофесионален“.

Кристиан од Скопје кој положил градско возење од четврти пат ја пријавил испитната комисија за необјективно оценување и за нестручност.

„Пријавувањето против нив, е кај нив. Кадија те тужи, кадија те суди. Влакно не им фалеше на главата, што ако ги пријавив“, вели Кристиан.

Анѓа, која положила во 2019 година по повеќе неуспешни обиди, поднела претставка против членовите на испитната комисија, во самата испитна комисија, бидејќи е таков законот за жал. Директорот на испитниот центар ја разубедил да ја повлече и таа положила.

„Секогаш ме ставаа во тест ситуација со која ќе си ги обезбедат соодветните аргументи за да ме бутнат. Тоа беше нивната цел, а не да утврдат дали и колку знам да возам. Секое полагање ме чинеше од 100 до 150 евра, заедно со дополнителните часови што морав да ги земам и за изнајмување на возило. Јас се убедив дека во толку честите паѓања при полагање возачки испит, особено градско возење, дефинитивно базираат на корупција, затоа што по поднесен приговор и разговор кај директорот, се разубедивме да го повлечам приговорот со тоа што ќе ми обезбеди положување следниот пат“, тврди Анѓа, која смета дека испитните центри се „многу вешто уиграна банда која дефинитивно знае како да го искористи стресот и тремата на полагачите“.

Незадоволните кандидати од резултатите од писмениот тест, од полагањето полигон или возачки испит, имаат рок од 24 часа, и само од 24, да поднесат приговор до Испитниот центар што ги бутнал. Тој има обврска да го извести Министерството за внатрешни работи. Надлежните во МВР од секторот за сообраќај ја преиспитуваат претставката и даваат конечен став. Испитниот центар е должен да го почитува, велат од МВР.

Но Елена од Скопје зборува за неприкосновеното право испитните комисии при полагање да покажат огромна креативност за манипулирање на кандидатот, на софистициран начин кој би го „победил“ секој поднесен приговор против нив.

„Првиот пат бев сама виновна заради грешка што си ја знаев. Следните двапати Комисијата ми рече да се престројам и веднаш искоментираа дека била блиску колата позади, што не беше вистина. Едноставно, ти даваат инструкции за после да ти дадат забелешка дека си направил нешто погрешно. Потребни се системски промени: во организацијата на работата на автошколите, за да се знае кој и на кој начин може да стане инструктор. Потоа кои се рутите за полагање. Сообраќајната (не)култура кај останатите учесници во сообраќајот исто така во голема мера го отежнува процесот и потребни се конкретни решенија за подобрување на состојбата“, смета Елена.

Таа се жали на неисправни возила кај автошколите.

„Јас имав искуство ден пред полагање на час во автошкола да откажат сопирачките на возилото пред семафор. Навремената реакција на инструкторот спречи катастрофа, но таа траума дополнително ми го зголеми стресот на полагањето. Инструкторите треба да се пред се педагози, јас имав искуство да се променат двајца инструктори со сосема поинаков пристап, но еднакво лош“, вели таа.

Скопјанецот Кико положил за Б-категорија во 2017 година, од четврти пат. Тој тврди дека причините за паѓањата понекогаш биле издржани, но вели дека никогаш не добил појаснување зошто паднал. Дополнително, вели тој, грешките кои ги воочува комисијата, не одговараат на бројот на негативни поени. Кико платил три пати по околу 2.500 денари, бидејќи не земал дополнителни часови. Се сомнева во корупција во автошколите и кај испитните комисии. Ако имаш врски, вели ќе поминеш полесно.

Ромина од Делчево, која положила за Б-категорија во 2019 година се жали од инструкторот колку бил корумпиран од она што го слушала што збори уште додека се обучувала.

„Инструкторот беше незаинтересиран за соодветен тренинг и стекнување на потребните вештини, поголем дел од времето поминуваше на телефон за приватни разговори или за договарање со кандидати за подмитување на комисијата. Имаше несоодветен и лош пристап конкретно со мене, бидејќи немав никакво искуство и преголема страв од возење. Разбрав дека ако не подмитиш, не поминуваш порано од третпат“, вели Ромина.

Елеонора, пак, вели дека инструкторот си ги крател часовите кога ќе му текне и ја терал да го вози по продавници да си пазари за дома.
Игор од Тетово кој положил за Ц-категорија од вторпат, ќе положел вели и од прва бидејќи немал ниедна грешка, но му биле побарани 500 евра уште на почетокот на полагањето.

„Положив по втор пат со врски, иако вториот пат имав една грешка. Не се сомневам, јас сигурен сум за коруптивност кај тетовската комисија за полагање возачки испит“, вели Игор.

Истото го тврдат и Зулејха и Габриела. Тетовска испитна комисија при полагање за Б-категорија, ја прашала Габриела дали сака да плати 300 евра за да положи од првпат.

„Не постои објективно оценување или вреднување при полагање возачки испит. Само упорност, за да се положи од трет или од четврти пат“, сведочи Габриела.

С. К. ДЕЛЕВСКА

ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира