Во Деталниот урбанистички план за скопската населба Маџир Маало, кој се наоѓа во фаза на анкета и јавна презентација, предвидено е да се градат 56 хотелски комплекси и 52 згради за станбено домување, вели архитектката Кристина Богеска, жител на Маџир Маало. Жителите кои се против предложениот план се организираат, во месната заедница има список за потписи, а рокот за поднесување забелешки и анкетни листови истекува денеска. Не се задоволни што без претходно никаква анкета спроведена меѓу нив, според предлогот е предвидено да има повеќе хотели отколку станбени објекти за домување. Не се задоволни ниту со изградба на булеварот Крушевска Република и на нов мост, кои се предвидени со Генералниот урбанистички план.
„Со ГУП-от е предвиден и булеварот Крушевска Република за кој се предвидува поделба на маалото на два дела и рушење на многу голем број на куќи и дислокација на овие жители. На растојание од 700 метри помеѓу два моста се предвидува уште еден булевар и мост. Предвидениот булевар би бил оддалечен само 350 метри од веќе постоечкиот булевар Крсте Петков Мисирков и мост (западно од маалото) и 350 метри од веќе постоечката улица Беласица и мост (источно од маалото)“, вели Богеска.
Презентацијата на ДУП-овите за Маџир Маало 01 и Маџир Маало 02 беше во општинската барака 6 на 20 ноември, и жителите велат дека една недела е премалку за поднесување забелешки.
Жителите не се задоволни и што во предложениот ДУП нема предвидено ниту доволно зеленило и велат дека на плановите се сечат скоро сите веќе постоечки дрва. Се предвидуваат само 6 парцели со намена парковско зеленило или вкупно 0.26% од целата површина, што според нив е многу малку.
„Според различни испитувања, Скопје има 5.051.807 м2 зелена површина или 12,07 м2 по жител, што е двојно помалку од европските препораки за 25 м2. Премалку за урбана средина што постојано се развива, се гради, се дообликува и се изменува. Ова се бројки без Водно и вонградското зеленило. Според пописот од 2002 година, евидентирани се 7,66 м2 зеленило по жител“, вели Богеска.
Од Општина Центар велат дека ќе земат предвид забелешките на граѓаните. Оттаму очекуваат конкретни заклучоци за месец и половина.
„Во анкетните листови што ги гледаме, има луѓе што сакаат да имаат деловна намена, има и луѓе што сакаат станбена. Сега ќе гледаме ние согласно Генералниот урбанистички план да се усогласиме, така да не е само реакцијата дека некои се против, туку има и луѓе што се за и затоа треба да го извлечеме најдоброто за сите“, изјави во петокот градоначалникот на Општина Центар Саша Богдановиќ.
М. ИЛИОСКИ