Активисти за климатски промени вчера фрлија јаглен и ја потемнија водата во фонтаната Ди треви во Рим.
Околу десет активисти од групата „Последната генерација“ влегоа во фонтаната од 18. век со транспаренти, на кои меѓудругото стоеше: „Нашата земја умира“, потсетувајќи на големите поплави минатата недела во Северна Италија. Некои експерти изјавија дека климатските промени се причина за поплавите во кои загинаа 14 лица.
Римската полиција соопшти дека сите активисти се уапсени и обвинети за вандализам.
Градоначалникот Роберто Гвалтиери изјави дека фонтаната во која има 300 000 литри вода треба да се испразни и да се истури обоената вода.
„Ќе биде потребна сериозна интервенција. Ќе чини време, труд и вода. Санатацијата ќе биде сложена и скапа, се надевам дека нема трајно оштетување“, рече градоначалникот.