УНИЦЕФ најави отпочнување нова програма за деца, насочена кон унапредување на образованието за животната средина и климатските промени.
Истакнувајќи дека климатските промени и уништувањето на животната средина се едни од најголемите предизвици на нашето време, на денешниот состанок со Министерството за образование и наука, Министерството за животна средина и просторно планирање, Министерството за труд и социјална политика и со Шведската амбасада во Скопје беше кажано дека образованието и подигањето на свеста од најрана возраст се суштината на глобалното и локалното дејствување.
„Возбудени сме со отпочнувањето на оваа програма денеска. Таа опфаќа критичко размислување за живот во здрава околина и за климатските промени, како и учење да се биде одговорен во секојдневниот живот. Сведоци сме на моќта на младите климатски активисти и сакаме оваа програма да создаде можности младите од земјава да предводат национални иницијативи“, рече претставничката на УНИЦЕФ, Патриција ди Џованина.
Програмата ќе опфати предучилишно, основно и средно образование, а наставниците ќе добијат ресурси и капацитети за реализација на интересни содржини и активности. На децата ќе им се овозможат платформи и алатки за практично учење во областа на природните науки и ќе се креираат места и можности за вежбање и активно дејствување.
„Развојот на знаењето игра важна улога во градењето здрави, зелени и климатски отпорни општества, при што децата стануваат информирани и ангажирани млади граѓани“, рече шведската амбасадорка Кристин Форсгрен Бенгтсон.