Нереализираната иницијатива за прогласување на Јабланица за национален парк, стара 15 години, и натаму води кон уништувањето на овој планински појас, кој изобилува со ендемска флора и фауна. Екологистите алармираат дека постапката мора што побрзо да заврши за да се спречи уништувањето на природните убавини.
Потребна е нова студија за валоризација на природните вредности со социо-економски истражувања која ќе биде во согласност со законските измени од 2011 година, но треба и политичка волја и средства. Од друга страна, потребно е самата иницијатива да се поддржува на локално ниво, смета Фросина Пандурска-Драмиканин од Македонското еколошко друштво (МЕД).
Според неа, самата иницијатива Јабланица да стане национален парк или заштитено подрачје во друга категорија е веќе доволно зрела, но потребна е и дебата за тоа што прават невладините организации, здруженијата на граѓани и локалните активисти по однос на иницијативата.
„Имавме долг период со разни предизвици и можеби фокусот не беше на оваа иницијатива, но на терен сме сведоци дека систематското уништување на природните ресурси не престанува“, вели Пандурска-Драмиканин.
Ставањето под контрола на овие процеси и прекинувањето на илегалните активности ќе биде во полза и на населението од подрачјето на Јабланица. Тука има бројни села, кои можат да просперираат од идниот заштитен статус на планинското подрачје. Според последните анкети од 2020, над 70 проценти од локалното население ја поддржува иницијативата за прогласување на Јабланица за национален парк, но, како што вели Пандурска-Драмиканин, потребна е поголема соработка помеѓу здруженијата и постојано да се лобира за да не се изгуби моментумот.
Иницијативата за прогласување на Јабланица за национален парк почна пред 15 години. Подрачјето од албанската страна е заштитено во 2008.
С. ВРЕНЦОВСКА