Центарот за истражување и информирање на животната средина Еко-свест ќе врши теренски и други истражувања во сливот на реката Пчиња, при што акцентот ќе се стави врз каскадите и нивното влијание врз животната средина и биодиверзитетот.
Од Еко-свест велат дека каскадите се застарен механизам за заштита од поплави и формирање рибници, кои го оневозможуваат природното движење, го отежнуваат размножувањето и ги осиромашуваат водните заедници.
„Овa е прв проект поврзан со реставрација на реките преку отстранување на каскадите. Исто така, проектот ќе ги идентификува клучните експерти и засегнати страни за други слични иницијативи посветени на реставрација на реките“, кажа Ана Чоловиќ Лешоска, извршна директорка на Еко-свест.
Сите собрани податоци од теренската работа ќе бидат внесени во база на податоци, што ќе овозможи систематска класификација на влијанието на каскадите и ќе даде насоки за нивно отстранување. Однапред програмиран симулатор ќе овозможи проценка на должината на речната поврзаност постигната со отстранувањето на каскадите и како тоа влијае врз биодиверзитетот.
Методологијата, базата на податоци и симулаторот првично користени за Пчиња понатаму ќе се користат за други речни сливови во земјата. На крајот на проектот ќе биде изготвена научна студија која ќе послужи како основа за идни студии поврзани со обновувањето на реките.