ЈАГНИЊАТА ВО СТРУМИЧКО ОСТАНАА НЕОТКУПЕНИ ПРЕД ВЕЛИГДЕН, СТОЧАРИТЕ РЕАГИРААТ ОТИ НЕМААТ УСЛОВИ ДА ГИ ЗАДРЖАТ И ПРОШИРАТ СТАДАТА

    ЈАГНИЊАТА ВО СТРУМИЧКО ОСТАНАА НЕОТКУПЕНИ ПРЕД ВЕЛИГДЕН, СТОЧАРИТЕ РЕАГИРААТ ОТИ НЕМААТ УСЛОВИ ДА ГИ ЗАДРЖАТ И ПРОШИРАТ СТАДАТАПоради пандемијата со коронавирус, годинава тешко оди извозот на јагнешко од земјава. - Сточарот Петар Митрев го носи стадото овци на пасење (Фото: СДК.МК)

    Сточарите од струмичко Самуилово се на мака, бидејќи јагнињата им останаа неоткупени, а немаат услови и можности да ги прошират своите стада. Самуилово важи за најсточарското село во Струмичкиот Регион, иако последниве години и таму бројката на сточари и фондот на грла е значително е опаднат. Ако до пред 5 години овде се одгледувале над 3.000 овци, годинава како што тврдат жителите од ова село, едвај има околу илјада грла.

    Петре Митрев, кој со семејството одгледува околу 150 овци, вели дека само една третина од јагнињата ги продал додека останатите му останале и никој не сака да му ги купи, бидејќи нивната тежина достигнала над 30 килограми. Тврди дека до лани пред Велигден доаѓале трговци во ова подогражденско село, но годинава заради коронакризата никој ниту дошол, ниту прашал за млади јагниња, а тие што доаѓале сакале со мала тежина.

    „Сакаат јагниња од 20 до 25 килограми и тоа по цена од 100 денари по килограм жива мера. Но, за жал никој не откупува во големи количини. Секоја година исти се проблемите, но годинава посебно. Лани се откупуваа по 130 денари за килограм, но сега не само што е пониска цената туку и нема кој да ги купи. Дали е поради овaа криза или немање интерес не знаеме, но вака не може да се развива сточарството. Јас лично не сум во можност да го прошируваме стадото со нови грла, оти немам веќе сила“, вели 62-годишниот Петар, кој го изнесуваше стадото на пасење во Подбеласичкиот Регион.

    Самуилово важи за најсточарското село во Струмичкиот Регион иако последниве години и таму бројката на сточари и фондот на грла е значително е опаднат. (Фото: СДК.МК)

    Неговиот проблем го делат и останатите сточари од струмичко. Блажо Јанков од истото село кој подигнал дури и мини фарма вели дека над 50-тина јагниња веќе никој не сака да му ги купи оти надминале над 30-тина килограми. Според него, сточарството станува сѐ понеисплатлива дејност.

    „Ќе ги чувам за Бајрам и тогаш ќе ги продавам. Што да правиме. Од овдешните кланици никој не сака јагниња со оваа тежина, па мора да ги чуваме иако немаме многу можности. Нема трговци ниту од Скопје, Тетово како што беше до лани. Ова ќе биде една од најтешките години за овчарите“, ни изјави Јанков.

    Веќе никој не сака да ги купи јагнињата оти надминале над 30-тина килограми, се жалат струмичките сточари. (Фото: СДК.МК)

    Поради пандемијата со коронавирус, годинава тешко оди извозот на јагнешко од земјава. За да им помогне на сточарите, Владата на една од последните седници донесе одлука да ја зголеми вкупната поддршка на 2.500 денари за задржано женско јагне.

    В. ТРАЈКОВ

     

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари