Кога сите би возеле велосипед колку Холанѓаните, светските емисии на јаглероден диоксид би се намалиле за речиси 700 милиони тони годишно, заклучи истражувањето на Универзитетот на Јужна Данска, објавено по повод Светскиот ден на велосипедот, што се одбележува на 3 јуни.
„Холанѓаните во просек возат велосипед 2,6 километри на ден. Кога тоа би се пресликало во остатокот од светот, годишните јаглеродни емисии би се намалиле за 686 милиони тони“, велат истражувачите.
Оваа бројка го надминува севкупниот јаглероден отпечаток на повеќето држави, вклучувајќи ги Велика Британија, Австралија и Саудиска Арабија.
Возењето велосипед има големи придобивки како за здравјето на луѓето, така и за животната средина.
Според една нова студија, производството на велосипеди „експлодирало“ во изминатите 60 години: ако во 1962 биле произведени 20,7 милиони велосипеди, оваа бројка пораснала на 123 милиони до 2015. Сепак, на велосипедот отпаѓаат само 5% од сите дневни патувања во светот.
„Не сите живеат во средина погодна за возење велосипед. Но, лекциите научени од успешните искуства како Холандија и Данска би можеле да бидат суштински“, велат од Универзитетот на Јужна Данска.