KРАВИТЕ СТРАДААТ ОД ТЕМПЕРАТУРНИ ШОКОВИ, КЛИМАТСКИТЕ ПРОМЕНИ ГО НАМАЛУВААТ МЛЕКОПРОИЗВОДСТВОТО ДО 38 ПРОЦЕНТИ

    KРАВИТЕ СТРАДААТ ОД ТЕМПЕРАТУРНИ ШОКОВИ, КЛИМАТСКИТЕ ПРОМЕНИ ГО НАМАЛУВААТ МЛЕКОПРОИЗВОДСТВОТО ДО 38 ПРОЦЕНТИПоследните години, во лето има многу високи температури, долг период на суша и тоа влијае негативно врз производството на сточна храна, а со тоа се намалува и производството на млеко. (Фото: СДК.МК)

    Наглите падови или скокови на температурата што се карактеристични за временските услови кај нас го намалуваат млечното производство. Климатските промени изразени преку температурните шокови се случува да ги намалат млечните приноси од 35 до 38 проценти. Еден од најкритичните е претстојниот есенски период, односно преодот од октомври кон ноември и декември, кога се случуваат драматични падови во температурата, од +15 степени да падне во минус. Проблематичен е и периодот на мај и јуни, кога се случуваат температурни сокови над триесеттиот степен, па опаѓа продукцијата на млекото. Во такви услови се проценува дека за секој степен над 27-иот производството се намалува за два проценти или на ден по 5 литри по грло, што на месечно ниво би значело 150 литри млеко помалку. Во пари, дури 4.500 денари загуба по крава во услови кога откупната цена на млекото е околу 30 денари за литар.

    „Климатските промени влијаат врз сточарството и преку земјоделството зашто оттаму обезбедуваме храна за стоката. Последните години, во лето има многу високи температури, долг период на суша и тоа влијае негативно врз производството на сточна храна и така се намалува и производството на млеко. Кравите се засегнати од високите температури. Имаме помалку храна, треба поголеми површини да обработуваме, нема вода за наводнување, автоматски негативно се одразува на целокупното производство на млеко. Една третина е намалено производството на млеко“, вели Ќани Џезаири, сточар од село Лера.

    „Климатските промени влијаат врз сточарството и преку земјоделството зашто оттаму обезбедуваме храна за стоката“, вели Ќани Џезаири сточар од село Лера. (Фото: СДК.МК)

    Во земјите каде сточарството е напредно и се вложува сточарските фарми да бидат со добра вентилација, климатските промени го намалуваат производството од 3 до 5 проценти, а кај нас разликите се од 30 до 40 отсто, вели Златко Најдовски, експерт од областа на млечната индустрија и извршен директор на млекарницата „Здравје“ од Битола.

    „Македонија е специфична по температурните шокови. Во изминатите години имавме големи промени на темепратурите проследени со нагли падови и скокови. Овие две години сме сведоци на прилично високи температури во текот на годината и еден благ пад на темературите. Овие две години немаме температурни шокови до тој степен на кој бевме навикнати минатите години. Оваа година од аспект на производството на млеко е најмирната година“, вели Најдовски.

    Сепак, неизвесно е какви ќе бидат временските прилики понатаму, па затоа е важно да се вложува во осовременување на фармите со соодветна вентилација. Во пролет, кога температурата е стабилна, се достигнува врвот на производството, односно 35-38 проценти повеќе за разлика од она во ноември, декември и јануари.

    „Оваа година од аспект на производството на млеко е најмирната година“, вели златко Најдовски. (Фото: СДК.МК)

    „Во Македонија мал е бројот на вистински професионални фарми кои можат да бидат во рангот на оние во ЕУ. Некогаш, кога во лето е 35 или 40 степени Целзиусови, се случува животното директно да биде изложено на сонце и до 50 степени, па се потребни адекватни објекти. За професионално млекопроизводство многу е важно каков е објектот. Во Македонија постојат десетина такви фарми кои добро ги амортизираат топлотните шокови. Тоа значи дека фармата треба да има добра вертикална и хоризонтална вентилација. Кај нас, преку 90 проценти од фармите имаат само хоризонтална ветилација“, вели Најдовски.

    Пелагонија задоволува дури 40 проценти од млекопроизводството во Македонија. Сепак, нашата држава е многу посиромашна со млеко во споредба со земјите од окружувањето. На годишно ниво произведуваме до 90 милиони тони млеко, а Србија, од каде што најчесто го надополнуваме дефицитот, надминува милијарда тони.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира