МАКЕДОНИЈА ИМА ОГРОМЕН ПОТЕНЦИЈАЛ ЗА ИЗГРАДБА НА СОЛАРНИ И ВЕТЕРНИ ЕЛЕКТРАНИ БЕЗ ДА СЕ ЗАДИРА ВО ЗЕМЈОДЕЛСКОТО ЗЕМЈИШТЕ, ВЕЛИ НОВО ИСТРАЖУВАЊЕ

    МАКЕДОНИЈА ИМА ОГРОМЕН ПОТЕНЦИЈАЛ ЗА ИЗГРАДБА НА СОЛАРНИ И ВЕТЕРНИ ЕЛЕКТРАНИ БЕЗ ДА СЕ ЗАДИРА ВО ЗЕМЈОДЕЛСКОТО ЗЕМЈИШТЕ, ВЕЛИ НОВО ИСТРАЖУВАЊЕНа проектот заеднички работеа „Еко-свест“, регионалната организација The Nature Conservancy и МАНУ (Фото: СДК.МК)

    Македонија има огромен потенцијал за спроведување енергетска транзиција и би можела во целост да ги задоволува своите потреби за струја од обновливи извори на енергија, стои во студијата која е резултат на двегодишното истражување на Центарот за истражување и информирање за животна средина „Еко-свест“, регионалната организација The Nature Conservancy и МАНУ. Главната цел на ова истражување беше да се утврдат најдобрите можни локации за поставување соларни и ветерни централи во Македонија.

    Се соединивме за да направиме нешто ново, нешто што не е направено во регионот, а тоа е методологија за мапирање на најдобрите локации за изградба на соларни и ветерни централи, со што им даваме основа на политичарите, инвеститорите и на стручната јавност за натамошна работа“, изјави Александар Дединец, виш соработник на МАНУ.

    Заклучокот на истражувањето беше дека Македонија има огромен потенцијал за изградба, пред сѐ, на соларни електрани, без притоа да се влијае врз животната средина.

    На најдобрите локации можат да се изградат околу 11.000 мегавати соларни електрани, како и околу 400-800 мегавати ветерни, во зависност од локацијата. Ако Македонија денес троши околу 7.000 гигават часа и ако ние ја удвоиме потрошувачката на 14.000 гигават часа, тоа значи дека овие 11.000 мегавати се доволни да ни ја задоволат целата потрошувачка на електрична енергија. Ова, секако, е фигуративно, зашто соларните електрани не произведуваат со ист интензитет во текот на целата година, но во комбинација со батериските системи и хидроелектраните можеме да кажеме дека енергетската транзиција е возможна на најдобар начин“, вели Дединец.

    При анализата било земено предвид само необработливо земјиште, како камењари, индустриски капацитети и ниски стеблести грмушести предели.

    Македонија е пионер на Балканот и една од првите земји која го изработи националниот план за енергетика и клима со многу амбициозни цели за зголемување на процентот на обновливи извори на енергија и откажување на јагленот како енергенс. Сметаме дека тоа е добра основа за продолжување на зелената енергетска транзиција“, кажа извршната директорка на „Еко-свест“, Ана Чоловиќ-Лешовска.

    Г. КОНЕВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира