Здружението за рурален развој „Преродба на Горна Река“ одржа нов протест за да го изрази револтот против еколошката катастрофа која се случува во Националниот парк „Маврово“, особено на планината Меник.
Притоа беше кажано дека иако беше формиран како институција за заштита на природата, Националниот парк „Маврово“ ја уништува биолошката разновидност на планината Кораб, масовно се сечат дрвја за комерцијални цели и така се нанесува штета од над 3.000.000 евра.
„Во последните неколку дена започна транспортот на исечените дрвја на кои Националниот парк ‘Маврово‘ профитира милиони евра на сметка на нашите земјишта. Затоа ги повикуваме Основното јавно обвинителство, Основното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, Министерството за внатрешни работи, Инспекторатот за заштита на животната средина, Министерството за животна средина и просторно планирање и Владата да преземаат мерки и да ги истражат законските прекршувања на Националниот парк или во спротивно, ќе преземаме поригорозни чекори“, објави здружението „Преродба на Горна Река“.