ОРИЗОТ СЕ ВРАЌА НА ВЕЛЕШКИТЕ ПОЛИЊА ИАКО ПАЃА ОТКУПНАТА ЦЕНА

ОРИЗОТ СЕ ВРАЌА НА ВЕЛЕШКИТЕ ПОЛИЊА ИАКО ПАЃА ОТКУПНАТА ЦЕНАПо изградбата на езерото Лисиче, реката Тополка е со постојано ниво и ги задоволува земјоделските потреби, а земјоделците од вишокот на вода освојуваат нови и ги зголемуваат постојните земјоделски површини; - За десет години површините по ориз се зголемија од 60 на 200 хектари, а цената од 25 падна на 17 денари по килограм. (Фото: СДК.МК)

Оризот се враќа на велешките полиња, и Велешкиот Регион после Кочанскиот е втор по големина каде се одгледува оваа житна култура. Според подрачната единица на Министерството за земјоделие, пред десет години во Велес со ориз биле засеани 60 хектари, во 2016 на 96 хектари, а лани на 200 хектари. Пред 30-тина години оризот се огледуваше на 500 хектари во Велешко.

Минатата есен оризот богато роди во велешките села Лисиче, Еловец, Чашка, Голозинци. Иако засеаните површини растат, откупната ценаа опаѓа, што ги обесхрабрува земјоделците.

„Имавме родна година, квалитетен ориз, но ниска откупна цена. Цената беше 17 денари за килограм, минус еден за транспорт на оризот. А имав род од 500 кила од 20 декари. Само пред две години, цената беше 20 денари. Не знам зошто, но таа паѓа. Кршот, лошиот ориз го откупуваат за 13 денари, и разликата во цената е 4 денари, што е недозволиво. Плаќањето на откупениот ориз е за пет дена и нема проблеми. Површините со ориз се зголемуваат, а цената паѓа“, вели Благој Јанковски кој 60 години ја одгледува оваа култура, како и неговиот татко и дедо и ова им е семејна традиција.

Цената на Градскиот пазар во Велес на мало на оризот од Лисиче е 60 денари, наспроти кочанскиот кој е 80 денари кило. Државата дава субвенции, 600 денари од декар засеан со ориз.

„Цената ја определуваат откупувачите. Начинот е едноставен, бидејќи оризот го продаваат како арпа, откупувачот на специјално машинче го обработува, сто грама го бели и во зависност од тоа колку проценти ќе покаже апартчето, таква цена се формира“, вели Јанковски, кој незадоволен најавува дека наместо ориз годинава ќе засади тутун, кој има одлична цена.

„Има голем интерес од земјоделците за склучување договори, воведуваат високопрофитабилни култури, можност од трета жетва, имаат постојано вода за полевање“, велат од Јавното претпријатие за водостопанство „Лисиче“ (Фото: СДК.МК)

На прашањето зошто површините со ориз се зголемуваат иако оризарите се незадоволни поради откупната цена, тие објаснуваат дека причината е што им е решен проблемот со вода. По изградбата на езерото Лисиче, реката Тополка е со постојано ниво и ги задоволува нивните потреби. Така што, освен што хидросистемот Лисиче трајно го реши проблемот на Велес со вода за пиење, сега има можност за вклучување на нови корисници по течението на Тополка и по должината на цевководот. Земјоделците од вишокот на вода освојуваат нови и ги зголемуваат постојните земјоделски површини.

„Има голем интерес од земјоделците за склучување договори, воведуваат високопрофитабилни култури, можност од трета жетва, имаат постојано вода за полевање“, велат од Јавното претпријатие за водостопанство „Лисиче“.

„Добар принос извадивме, а за цената – секогаш на тој што продава му е малку, а на тој што купува му е многу. Цената е ниска, се движеше помеѓу 17 и 20 денари, мене откупеното ми го платија за пет дена. Извадив околу 800 кила“, вели Панче Андовски од село Лисиче.

На некои површини, лани во октомври поради врнежливиот период и калливата земја, жнеењето беше рачно со срп, поради тешките услови за работа на механизацијата и полегнатиот ориз. По петти април е почетокот на сеидбата. Земјоделците очекуваат добра година, со богат род но и повисоки цени, барем до 25 денари, како што било пред пет години.

П. ПЕЧКОВ

 

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира