ПО ТРИ ГОДИНИ БЕЗ РОД, ВЕЛЕШАНИ ПОВТОРНО БЕРАТ ЗЕЛЕНИ СМОКВИ, А СОБИРААТ И ПОЛЖАВИ ЗА ИЗВОЗ

    ПО ТРИ ГОДИНИ БЕЗ РОД, ВЕЛЕШАНИ ПОВТОРНО БЕРАТ ЗЕЛЕНИ СМОКВИ, А СОБИРААТ И ПОЛЖАВИ ЗА ИЗВОЗБербата на смоквите не е физички тешка, но крие опасности и има специфики поради кои берачите мора да бидат внимателни. (Фото: СДК.МК)

    Велешани прибираат вонредни приходи од сезонска работа, собирајќи зелени смокви или полжави. Откупот на зелената смоква во Велешко привршува, a некои велешки семејства добро минаа финансиски од бербата. Вообичаено во периодот после Ѓурѓовден бројни семејства заминуваат по течението на реките Вардар, Тополка и Бабуна на берба на зелени смокви.

    „Немаше род три години, оти во зимата 2017 студот ги измрзна смоквите. Годинава роди. Бербата не е физички тешка, но крие опасности и има специфики поради кои берачите мора да бидат внимателни. Се бере со ракавици оти млечот од дрвото може да предизвика алергии и црвенило по телото. Потоа, змиите се секогаш во близина на овие дрвја“, вели велешанецот Горан додека го предаваше откупеното овошје.

    Берат и старо и младо. За неколку часа собираат по 10-15 килограми.

    Полжавот годинава се откупува по 25 денари за килограм и целосно оди за извоз (Фото: СДК.МК)

    Во Велес има три фирми кои го откупуваат родот, од кои потоа подготвуваат слатко, а цената се движи од 28 до 35 денари, во зависност дали плодот е со или без дршка. Теглите со слатко од зелени смокви се пласираат на македонскиот и на странскиот пазар. Во овој период имаат полни раце работа со преработката и подготвувањето на слаткото, за кое велат дека од деликатес станало секојдневие, па продажната цена многу му паднала. Дел од градот, околу фирмите кои откупуваат и подготвуваат, мириса на слаткото од смокви.

    Додека едни собираат зелени смокви, други полжави. Дел од невработените велешани и од социјално ранливите категории го пополнија скромниот домашен буџет со собирање на полжавот. Цел април и мај тие беа во околината на градот за да се соберат што повеќе од овие мекотелни животни. Полжавот годинава се откупува по 25 денари за килограм.

    „Годинава не е како ланската. Помалку е врнежлива и нема толку откуп. Но, има интерес. Доаѓаат повеќе помлади, кои полесно ги собираат полжавите, бидејќи мора да се наведнуваат. Ова бара физичка кондиција“, вели Митре Димовски, сопственик на фирмата „Теа плантс“, која откупува полжави.

    Собирачите ги пронаоѓаат полжавите покрај пругата Велес-Гевгелија и околу плантажите на „Жито“ близу Ногаевци. Се собира шумскиот или турски полжав. Само тој се откупува и тоа сосе куќарката и целосно оди за извоз, каде што важи за деликатесна храна и специјалитет. Поради зачувување на биодиверзитетот, набргу ќе престане откупот, во периодот на размножување на полжавот.

    П. ПЕЧКОВ

     

     

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари