ШАР ПЛАНИНА ЌЕ БИДЕ ЕДЕН ОД НАЈГОЛЕМИТЕ НАЦИОНАЛНИ ПАРКОВИ ВО ЕВРОПА, ВЕЛИ МИНИСТЕРОТ НУРЕДИНИ

    ШАР ПЛАНИНА ЌЕ БИДЕ ЕДЕН ОД НАЈГОЛЕМИТЕ НАЦИОНАЛНИ ПАРКОВИ ВО ЕВРОПА, ВЕЛИ МИНИСТЕРОТ НУРЕДИНИВчерашната одлука на Владаа е првиот и основен чекор за конечно прогласување на Шар Планина и Осоговски Планини за заштитени подрачја. - Министерот за животна средина Насер Нуредини (Фото: Влада)

    Министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини вели дека со прогласувањето на Шар Планина и Осоговските Планини за заштитени подрачја ќе се исполнат националните стратешки цели и меѓународните обврски за заштита на природата, а корист од тоа нема да има само државата, туку и општините кои ќе опфаќаат делови од заштитеното подрачје, како и локалното население. Нуредини на денешната прес-конференција во Владата ја образложи вчерашната одлука на Владата за прифатливост на предлозите за прогласување на Шар Планина за заштитено подрачје во категоријата Национален парк и прогласување на Осоговските планини за заштитено подрачје во категоријата V – Заштитен предел. Тој рече дека статусот на заштита бил утврден од страна на експертски тим кој спровел студија за валоризација на подрачјата и со кои беше утврдено дека содржат високо ниво на биолошки и културни вредности за чие зачувување треба да бидат преземени мерки.

    „Со прогласувањето на овие подрачја покрај тоа што ќе ги исполниме националните стратешки цели и меѓународните обврски за заштита на природата, односно пределската разновидност и биодиверзитетот, исто така ќе има бенефит државата, а посебно општините кои ќе опфаќаат делови од заштитеното подрачје и локалното население. Со финализирањето на овој процес ќе се зголемат можностите за преку гранична соработка со соседните земји, посебно од аспект на фактот дека Шар Планина ќе стане еден од најголемите национални паркови во Европа. Истовремено, заштитата на овие подрачја значи и напредок во исполнувањето на обврските од ЕУ директивите за живеалишта и птици“, изјави Нуредини.

    Соодветното управување со заштитените подрачја, како што кажа министерот, значи искористување на огромниот потенцијал за развој на локалната економија, односно одржливо управување со природните ресурси, преку обезбедување еко-системски услуги. Тоа подразбира заштита, додаде тој, зачувување и одржливо користење на природните вредности, заживување на селата во и околу заштитеното подрачје преку развој на екотуризмот, традиционалното земјоделие и овчарството.

    „Во нашата земја веќе има национални паркови каде што локалното население непречено ги одвива своите активности, како на пример националниот парк Пелистер, и прогласувањето на заштитено подрачје не значи запирање на сите активности, туку контролирано, планирано и одржливо користење на природните богатства“, вели Нуредини.

    Согласно законската процедура за прогласување на заштитени подрачја, во претстојниот период ќе бидат спроведени јавни расправи по предлозите со локалното население, како и сите засегнати страни, а по усогласувањето на мислењата и забелешките, ќе бидат изготвени конечни предлози за прогласување на овие локации кои повторно ќе бидат доставени до Владата за усвојување.

    „Оваа одлука е првиот и основен чекор за конечно прогласување на овие заштитени подрачја. Уверувам дека ќе бидат земени предвид сите барања од засегнатите страни за обезбедување на заштита на природата без нанесување штети на локалното население, и обезбедување на развој на локалитетите според европските стандарди и начелата на одржливост“, кажа Нуредини.

    М. ИЛИОСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира