Топлотните бранови кои ги погодија Европа, САД и Кина во јули ќе беа невозможни без климатските промени предизвикани од човекот, вели нова научна студија. Во неа се вели дека поради климатските промени, жешкиот бран во јужна Европа е потопол за 2,5 Целзиусови степени.
„Речиси сите држави остануваат неподготвени за смртоносните екстремни жештини. Важно е светот да се прилагоди на високите температури зашто тие веќе не се ретки. Жештината е еден од најсмртоносните типови на катастрофа“, предупредуваат експертите.
Овој месец се соборени температурни рекорди во делови од Кина, јужниот дел на САД и во Шпанија, а милиони луѓе со денови живеат во услови на екстремна жештина.
„Оваа студија само го потврдува она што веќе го знаевме и ни покажува колкава улога играат климатските промени во она што сега го искусуваме“, изјави Фридерике Ото од Империјалниот колеџ во Лондон.
Научниците додаваат дека не сите екстремни временски настани веднаш можат да се поврзат со климатските промени, зашто и природните временски шаблони имаат своја улога.
Користејќи компјутерски модели, научниците од Велика Британија, САД и Холандија направија симулација на свет без ефектите на штетните емисии кои одат во атмосферата. Така заклучиле дека топлотниот бран во Северна Америка е потопол за два Целзиусови степени, а во Кина за еден степен поради климатските промени.