ВО ОПШТИНИТЕ ОД ЈУГОИСТОКОТ ПОСТАВЕНИ 23 АГРОМЕТЕО СТАНИЦИ КОИ ЌЕ ИМ ПОМАГААТ НА ЗЕМЈОДЕЛЦИТЕ ДА СЕ ШТИТАТ ОД КЛИМАТСКИ ПРОМЕНИ

    ВО ОПШТИНИТЕ ОД ЈУГОИСТОКОТ ПОСТАВЕНИ 23 АГРОМЕТЕО СТАНИЦИ КОИ ЌЕ ИМ ПОМАГААТ НА ЗЕМЈОДЕЛЦИТЕ ДА СЕ ШТИТАТ ОД КЛИМАТСКИ ПРОМЕНИВо Југоисточниот Регион има околу 30.000 активни земјоделци кои можат да ги користат податоците од станиците (Фото: СДК.МК)

    Изминатиов период, во десетте општини од Југоистокот беа инсталирани 23 агрометеоролошки станици кои на фармерите ќе им даваат податоци за временските состојби за 10 дена однапред. Од нив, земјоделците ќе добиваат податоци за температурата на воздухот и почвата, влажноста, можноста од појава на ветрови и за точката на росење и замрзнување, а со нивна обработка со посебен софтвер ќе добиваат и информации за можна појава на болести на посевите.

    Овие информации ќе ги добиваат преку мобилната апликација „Метеобот“, каде во реално време се отчитуваат податоците од сите станици, а фармерите треба да ги користат резултатите од станицата која е најблиску до нивното земјиште.

    Швајцарската амбасадорка Сибил Зутер се запозна како функционираат агрометеоролошките станици (Фото: СДК.МК)

    „Јас веќе ги користам податоците од агрометео станицата кај Пиперево, која дава резултати за градинарските култури. Забележувам дека нема да има огромни температурни разлики и наредниот период е погоден за сеидба на домати под пластеници. Секако дека секојдневно ќе ги следам податоците за да можам навремено да интервенирам во поглед на заштита од ниски температури и можна појава на болести, не само на овој посев, туку и на зелките кои ги имам насеано на отворено. Сведоци сме дека времето е значително изменето, но со овие станици добиваме аларм како да постапуваме во поглед на климатските промени“, вели Ристо Велков од Василево, кој го подготуваше пластеникот за засејување на зелка.

    Во зависност од големината на општините, поставени се од една до три станици (Фото: СДК.МК)

    Станиците ги постави Центарот за развој на Југоисточниот Плански Регион, откако на регионален форум тоа го побараа претставници на граѓанските организации и општини. Во зависност од големината на општините, поставени се од една до три станици и тоа на места каде има најмногу градинарски посеви или лозови и овошни насади. Општините Струмица, Радовиш, Валандово и Гевгелија добија по три станици, додека останатите општини по две, со исклучок на Дојран, каде беше инсталирана само една.

    „Станува збор за проектот ‘Агрометеоролошки станици за заштита на земјоделските култури и животната средина“, кој е инвестициски проект од грантовата шема за планските региони од швајцарската амбасада и Министерството за локална самоуправа. Освен што ги инсталиравме станиците, изминатиов период ги едуциравме фармерите како да ги читаат и користат податоците, а претставници на општините како да ги одржуваат. Се надевам дека истите ќе бидат во функција на земјоделците, но и за заштита на животната средниа преку воведување на современи технологии во земјоделството“, вели Жулиета Ѓуркова од Центарот за развој на Југоисточниот Регион.

    Во Југоистокот има околу 30.000 активни земјоделци кои можат да ги користат податоците од станиците. Преку нив ќе знаат однапред дали се можни одредени температурни шокови, услови за локално невреме, атмосферски притисок и сончева радијација и навремено да превенираат. Паралелно, преку овие станици ќе имаат и податоци дали и колку времето може да предизвика појава на одредени болести.

    „Секојдневно ќе ги следам податоците за да можам навремено да интервенирам во поглед на заштита од ниски температури и можна појава на болести“, вели Ристо Велков од Василево (Фото: СДК.МК)

    „Сите измерени податоци преку GRPS ќе се испраќаат до поставен софтвер. Значи, од седумте параметри кои ги отчитуваат станиците, се прави симулација за влијанието врз културите. На тој начин, земјоделците ќе добијат навремена информација за почетокот, траењето и за интензитетот на напад на болести и штетници, што, пак, овозможува прецизно одредување на рокот за третирање со заштитни препарати и примена на агротехнички мерки пред или после временски шокови. Климатските промени носат големи предизвици, а токму станиците даваат податоци за да се реагира во реално време, оти во просек, 35 отсто од уништениот род се должи на задоцнета заштита“, вели агрометеорологот Глигор Тодоров.

    Како функционираат агрометеоролошките станици се интересираше и швајцарската амбасадорка Сибил Зутер.

    „Убедена сум дека локалните фармери ќе имаат корист од овие станици. Преку нив, тие би требало да ги зголемат приносите на своите посеви и да ги намалат производствените трошоци во поглед на заштитата“, рече амбасадорката Зутер, која со министерот за локална самоуправа Горан Милевски беше во посета на една станица поставена во Општина Василево.

    Инсталирањето на станиците во десетте општини од Југоистокот чинеше околу 75.000 евра, кои како грант му беа доделни на Центарот за развој на Југоистокот од Швајцарската агенција за развој и соработка и Министерството за локална самоуправа.

    В. ТРАЈКОВ

     

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира